Дарко ЈАНЕВСКИ
Филипче и Пендаровски се фатија на оро во Гевгелија. Играат, цупкаат, море и потпевнуваат, а зошто и да не, кога ним им е се’ подредено. Добро обезбедени, не им останува ништо друго освен да поиграат и да запеат.
Пет чекори подалеку од местото каде што цупкаа, каде што беа собрани педесетината нивни поддржувачи, почнува реалноста и мизеријата на Северна. Почнува мизеријата на 46 отсто пензионери кои живеат со пензии до 16 000 денари и 46 отсто од вработените кои живеат со минимална плата или околу нејзе. Почнува мизеријата на понижена, ограбена, осакатена Македонија, чиј народ сега е со кичма како ченгел – свиткан до земја, заробен во немаштијата на блескавиот европски пат на Пендаровски, Заев, Ковачевски и Филипче.
На тој народ не му е до оро. Не му се движат нозете. Тешко му е да ги помрдне, дури и со патерици, зашто бедотијата му ги држи цврсто приковани за земјата. Заглавен е во калта која му ја донесоа овие четворица и нивната тајфа, додека тие уживаат во саудиски раскош. Тој народ не оди веќе ни во црква, оти таа му вели да молчи и да трпи, зашто така ги искупувал гревовите. Што гревови направил народот за да биде осуден да трпи глад, мизерија, бедотија и немаштија не е сосема јасно, но тој е грешниот, а оние четворица од погоре не се. Тие се безгрешни миленици. Чии – не знам, ама нечии се. Веројатно на криминалот, на корупцијата и на бандитизмот.
Не знам само што згрешија и оние 9 700 мртви од короната во време додека му се плескаше по балкони на Филипче, со кои Македонија е на трето место во светот по смртност (ако има 1,8 милиони жители колку што изброја статистика) и на прво место, убедливо прво место во светот, пред Перу кој има 6 500 мртви на милион жители, ако во Македонија има само 1,5 милиони, колку што реално се (другите 300 000 до 1,8 милиони барајте ги по Германија и останатите западни земји кон кои секојдневно одат полни автобуси).
Пет метри подалеку од местото каде што Филипче и Пендаровски се веселеа, почнува всушност пеколот на земјата. Кој не знае како изгледа пеколот, може да дојде овде. Пеколот во кој 16-те илјади денари треба да направат од вас среќен и задоволен човек кој одново ќе гласа за овие двајца. И ќе верува во убавината на нивната европска Северна во која газдуваат бандитизмот, криминалот, корупцијата и јавашлукот. Значи, седејќи во удобната фотелја, читајќи книга, затоа што нема на што друго да мислите освен на вашата културна наобразба, на денот на гласање ќе ја оставите на кратко, ќе тркнете до гласачкото место за да ги заокружите Пендаровски и Филипче, и ќе се вратите назад во фотелјата кон својата омилена книга. Зашто други грижи во животот немате, освен како да стигнете до последната страница. Благодарение на двајцата заокружени на гласачкото ливче.
Еден бизнисмен кому во државната администрација требало да му се заврши некоја работа, деновиве добил порака од службеничката дека прво треба да ја „почести“. Ништо невообичаено. Ова стана толку нормално, што му доаѓа како „добро утро“. Веќе ни обичните службеници не се кријат. Бараат „честење“. Зошто и да не, кога гледаат како е на Илинденска. Што да почести и од што да почести некој од оние 46 отсто со 16 000 денари ако треба да заврши некоја работа, е голема мистерија.
Како и да е, народот ги живее последните денови во кои се тренира неговата издржливост да трпи, да гладува, да мизерува, да живее распартален живот – последните денови на пропаста на една држава која е пред избор. Или ќе се обиде да се крене на поинаков начин или ќе пропадне. Само во 2021 година во Севернава ни убавина умреле 28 000 луѓе. Во 2014 – 19 000. Да, беше корона кризата, но кога ќе се соберат сите години на короната, сепак имаме вишок на умрени од над 15 000 луѓе, а од корона умреа „само“ 9 700. Бедотијата и башибозукот на Северна, орото на Пендаровски и Филипче, моторите на Заев, веќе не ги плаќаме само со глад и мизерија, туку и со живот. Во распаднатиот и колабиран систем на Северна, Македонија овие години има повеќе мртви отколку што имала во Втората светска војна. За нас ова се години на Третата светска војна со многу повеќе жртви.
Кога тоа е така, патетично звучи Ковачевски кога вели дека ги знаел грешките сторени во овој период и ќе ги исправеле во идниот. Како ќе се исправат себе си од криминалот и корупцијата, не е баш сосема јасно. Така што ќе кажат дека од утре ќе престанат да крадат, дека од утре Македонија ќе има пораст на БДП од 5 отсто, дека од утре ќе бидат изведени пред суд сите оние што овие седум години разгоропадено ашикуваа на грбот на овој народ, дека од утре ќе ги вратат мртвите од корона, дека од утре…. ќе направат не знам што? Не бива, што не бива!
Македонија денес е феудална држава. Касни зад Европа 500 години. Колку што и’ беше турското ропство. Во нејзе владеат неколкумина криминалци, тие имаат група поданици на кои им е овозможено да живеат од први до први и останатото е раја која со жица ги крпи скинатите опинци. Прашањето е дали тие 500 години ќе ги надминеме со скокови или ќе ни останат во заостанување.