Дарко ЈАНЕВСКИ

Февруари е, саботен ден. Студен ветер ги расфрла лисјата низ улицата и гледајќи ги нивните игри, тамам си помислил на нешто убаво, разиграно и весело, чувствуваш дека студот ти влегува во коските. Се извива околу нив како змија, а потоа почнува да стега и да влегува во сржта.

А коските како коски, не се разбираат од збор, па почнуваат да го тресат телото. Велат студено е! Добро, си велам, но студено или не, одам до маалската пиљара и седнувам потпрен на излогот.

Распостелувам хартија, а на неа стандарниот декор од посебна салама. Иако пред само неколку дена беше први, ама ете и Пендаровски не зел плата (солзи ми капат поради тоа од тага), па газдата на пиљарата подготвил греана ракија и решил да се фатиме во костец и со февруари и со немаштијата. Кога шефот Пендаровски не зел плата, кои сме ние да се жалиме?

-Не одиш на гробот на Гоце? – ме прашува уште неседнат.

-Не одам – му велам. – Ќе седам тука со тебе и „ќе ја бистрам“. Поарно така, отколку таму некоја плавуша да ми кажува дали можам да влезам во Св. Спас или не! А впрочем, овде сум на истурена позиција на стража. Го чувам Гоце, да не дојдат Бугарите од јужната страна. Прво потпишавме дека тој ни е заедничка историја, потоа Стево Љубави кажа оти му кажале дека Гоце е Бугарин, а сега треба таму да одам и со тие луѓе да го дишам истиот воздух. Не бива тоа! Ќе седам овде со тебе, а на гробот ќе одам утре!

-Ама можеби тоа им беше и целта – ми вели газдата. – Да не се оди, да не има што помалку!

-Можеби, но има манекени што од сликање и продавање патриотизам живеат. Тие нека одат. Јас не ја оставам греаната ракија овде, оти сум чул дека може да се расипе.

-Не се сите манекени! Има многу чесен и искрен народ кој е таму!

-Е, па ај да пивнеме во нивно здравје! Но, тие се малку. Не се 100 илјади. Не се ни 10 илјади. Неколку стотини чесен народ и неколку десетина позери. Другите седат дома и глумат скопска шема. Глумат бањати. Да имаше сонце денеска, кафулињата ќе беа полни со скопските шемаџии кои ги сметаат тие што се кај Св. Спас за сељаци. За такви ли Гоце гинел? Можел да седи дома, да се ожени, да има купиште деца и да си тера трговија. Да биде чорбаџија. Да спие по солунските хотели, наместо да се ака по македонските села и планини кои до седми век ги продадовме на Грците, а од седми век наваму на Бугарите. Едни те исти планини и села. И на крај да загине. За што? За тендери на бандата, за милионите на Црпко и на сите како него, за Северна… Па аманетот на Гоце бил да го погребаат во престолнната на независна Македонија, а не во протекторатот Северна со народ означен со три коси црти!

Газдата ме гледа и дотура во шолјата од греаната откако нареди цени на зеленчукот. Краставици 120 денари, домати 150 денари. Не можеш ни еден да купиш од што блескаат тие, а блескаме и ние.

Јас ги собирам испружените нозе и го псујам студентото време. Но имам право на одмор откако дома ја поправив даската за пеглање. Се скрши едната ногарка, така што морав да ја потпрам, со кого ако не со некој забранет Русин. Како Толстој. Два тома од Војна и мир. Ама се покажа дека сега другите ногарки се на криво, па за баланс, го ставив Американецот Хемингвеј, а на другите две ногарки ги ставив Французинот Балзак и Германецот Ремарк. Така постигнав глобален баланс кај ногарките на даската за пеглање. Врз која се користи германска пегла направена во Кина. Која работи на струја увезена од некој од бандата.

А, за следната прилика, треба да купам некој грчки, бугарски и албански писател. Македонски нема, зашто така пишува во Преспанскиот. Тие да ти биле северномакедонски, ама пак, јас, не сакам луѓето да се превртуваат во гробот. Инаку, замислете Петре Андреевски да го ставам во писатели од Севрџан Македонија. Господ да го прости, човекот ќе умре по втор пат.

Во меѓувреме, на западен Балкан нема ништо ново. Освен ова погоре, благодарам на прашањето. Избори засега нема на хоризонтот, бандата продолжува да краде, народот почнува да си ги јаде ѓоновите од чевлите како Чарли Чаплин во онаа епизода кога е завеан од снег на некоја планина, ботовите по интернет изгледа се единствени кои на први зеле плата и си ја тераат работата и… горе-доле тоа е се што може да се каже за Северна. Ах, да и дека новинари биле задушувани од власта во нивната слобода на мисла, која ја немаат (па не ни можеш да и задушиш нешто што немаат), и им била задушувана нивната слобода на говор, што исто така ја немаат и без репресијата на Владата на Таче. Оти овие т.н новинари изгледа го врзуваат мозокот во крпче и го оставаат на портирница кога одат на работа. И потоа си играат глуп и поглуп. Оти се покажа, откако се потпишаа Договорот за добрососедство кој стана Договор за омраза и Преспанскиот договор, процесот на мислење во Северна стана мошне тежок. За разлика од процесот на глупавост кој изгледа им е иманентен. Врзан за нив како што Петар Пан си ја врзуваше сенката.

Е, ново е и дека Тупанчевски, како што стојат работите, ќе го вратат назад на Правен. Искористен како крпа, сега добива шут карта, оти такви биле комбинаториките. Великиот професор на великиот факултет Јустинијана Прима од каде беа покривани 90 отсто од криминалите на власта во сите овие времиња наназад, посебно во времето на великиот папа Бранко, ќе си ги собере „пљачките“ зашто ќе го заменеле со некој си Кренар Лога. Што е голем успех на Тупанчевски и голем успех на Ковачевски. Или поинаку кажано, мал чекор за Северна, голем чекор за Тупанчевски. Кој рака на срце беше министер повеќе од 24 часа. И за тоа време ја запозна Фатиме Фетаи. Чарлиевиот ангел кој е скаран со правото, ама не и со фудбалот и сега, ете, фала му на Бога, ќе влезе и во си-ви-то на Тупанчевски. Ете така. Па на здравје и за Тупанчевски. А и за вас.