Дарко Јаневски
Заминува годината на лаги, на предавства, заминува годината кога исчезна довербата, вербата во бессмртната посветеност, заминува годината не на ножиња, туку на ножеви и мечеви в грб. Година на која, сеедно колку ви е мачно, сепак можеме да и благодариме што не ослободи од такви кои ви се колнеле во вечноста, а ве продале, ве размениле веќе на првата кривина кога станало тешко. Затоа што лесно е, кога е лесно, не? Но, кога е тешко? Година во која за родителите кои добиле бебе подобро беше да го чуваат дома, зашто надвор може од дојката на мајка им да го земат. И тоа токму тие на кои и онака сте им го оставале да ви го причуваат зашто сте им верувале. Кога било лесно.
Тоа што е добро е што влегуваме во година ослободени од сето ова. Знаеме нешто повеќе. Тоа ни одзело 365 дена, тоа ни одзело време кое не се враќа, веројатно на многумина и дел од здравјето. Но сега барем сте на чисто – ако не верувате никому, не можат ни да ве излажат. Дома, на работа, или во „вечна Македонија“. Сеедно. Барем со нешто раскрстивме. Но, се може ли без верба, сеедно што тукушто сте се увериле дека таа е како тенок мраз?
Кога Исус заминал од Земјата, останале неговите апостоли. Единаесетмина од нив, значи сите освен еден, завршиле трагично и биле погубени. Главно на страотен начин – каменување, распнување, обезглавување… Но, тие всушност, биле свесни што ќе им се случи. Го посакувале тоа. Не случајно, Павле, на Филипјаните од македонска, а не од грчка Македонија (но тоа денес кај нас е срамота да се каже) им вели: „Сакам да умрам и да бидам со Христа, бидејќи тоа е многу подобро“…, „грижејќи се мојата смрт да биде слична со Неговата…“, оти за него, како што вели, „смртта е придобивка“! Патем тоа е едно од седумте негови писма (ги има 13 Павлови во Библијата) за кое нема спор кај научнииците дека е напишано токму од него, за разлика од останатите шест, од кои за три се знае дека не се негови (двете до Тимотеј и Второто до Солунјаните), а за други три мислењата се поделени.
Каква и да е приказната со вистинитоста на писмата, прашањето е зошто некој би посакувал да умре што поскоро и тоа на начин кој содржи што поголеми страдања? (сте чуле, нели, за тоа дека Петар, за разлика од Павле кому му биле пресечена главата, барал да биде распнат, но со главата надолу). Сте чуле или прочитале за житијата на многу наши светци кои биле мачени, фрлани во врело масло, горени… Зошто? Затоа што верувале во вечноста. На животот и љубовта. И при тоа, не било толку битно тоа што мислеле дека ќе воскреснат и ќе седат лево или десно од Исус, туку дека преку воскреснувањето ќе ја добијат токму вечната љубов. Или како што на прашањето „што е Божик“ од едно сириско девојче-бегалец, кое се чуди на снегот и ги гледа украсите на куќата и накитената елка, додека очекувате некаква детска приказна за бебето во јасли, за шталата и за ангелите, малото Германче ја прегрнува и и вели: „Ете ова е Божик“. Љубов!
Петар, Павле, Јаков (братот, односно полубратот на Исус), познат по скептицизмот, сите останати апостоли, стотици и илјадници луѓе по нив, во тоа што го правеле имале потпора во својата верба. Знаеле зошто го прават тоа што го прават, иако жртвувале се. Баш се! За бидат малтретирани, тепани, затворани. Павле во Ефес го фрлале на ѕверови, во Филипи го ставиле в зандана (па кустосот таму вели дека „еден светец стапна овде и тој го затворивме), но издржал. Затоа што верувал. И тој и сите други.
Дали нивната верба во вечен живот и вечна љубов, се остварила? Никој не знае, ниту може да знае. Но тие верувале во тоа што го гледале, тие верувале во тоа што го чуле. Дали биле во заблуда, дали биле излажани? Ќе повторам – никој жив на оваа планета не знае. Може да верува, ама не и да знае.
Во Македонија има луѓе кои веруваа. Веруваа дека нема да бидат излажани. Веруваш на политиката, веруваш на работата, веруваш во приватниот живот, но проблемот е што за разлика од апостолите, кои требало да умрат за да дознаат, ние дознавме за време на животот. Ете понапред сме и од нив. И проблемот настанува токму тогаш кога ќе сфатиш дека твојата верба добила ноже. Оти не е срамно да загубиш чесно, не е срамно да добиеш нож в гради. Не е срамно што Кутузов загубил кај Бородино (иако многу историчари нема да со согласат со тоа) и ја предал Москва, како што не е срамно ни што Наполен потоа ја загубил војната. Нив двајцата никој не ги изневерил. Наполеон им верувал на војниците, и верувал на Жозефина, си верувал себе си… и тие верувале во него, а поразите се случуваат. Се случува човек да добие нож в гради, и тоа, јасно ви е, е различно од нож в грб.
Ние денес имаме проблем токму со тоа – со лагите и со вербата која исчезна. Зашто луѓето гледаат дека се се сведе на тоа да си го гледаш задничето и ако можеш да го намачкаш со што поскапо масло за да нема целулит. Да бидеш со моќта, денес кај еден, утре кај друг. Гледаат дека си ги предал тие на кои до вчера си им плачел, на тие на кои до вчера си им се колнел во вечноста, во пролетта, во зелените лисја во паркот и клупите под нив, во трепетликите на Гане, во вечна Македонија… си им се колнел во работи за кои вреди да бидеш распнат со главата надолу, зашто друго над тие „работи“ и не постои.
Пред неколку дена една госпоѓа ги насолзи очите среде маркет. Зошто солзи, ја прашав. Имате пензија, деца, внуци…?
Да, но нема веќе верба во иднината. Во иднината на овој свет. За тој другиот, и онака не знаеме. Можеме само да веруваме без да видиме, но, рака на срце, без оглед на тоа што Исус го искарал Тома додека овој не ги допрел раните, без да видат не верувале ни Петар, ни Павле, ни Јаков…
Така што, во меѓувреме, ни останува прво да се обидеме да ја вратиме вербата во себе, во другите, во „краља и отаџбину“, во државата… додека сме овде. А тоа не се случува туку-така, нели?
Оттука, нека Ви е Среќна Новата 2019 година и нека таа биде година кога ќе го направиме токму тоа – да ја вратиме вербата. Не во сите, се разбира. Но, тоа не чини ништо, а од друга страна и е некаков почеток. Кон вечноста, зар не?