Дарко ЈАНЕВСКИ
Владиката Агатангел го возбуди либералното „гражданство“ на Северна. Се помолил да вратиме се што сме дале, откако ВМРО-ДПМНЕ ќе дошло на власт. И ете, тоа ја крена на нозе совеста и душата на нашата држава – го прочитаа Прличев, оној за кој нивниот Заев потпиша дека е заеднички со братјата ни и почнаа да ја рецитираат „…пискотници се слушаат…“.
Не знам што му требаше оваа на владиката. Оти тој е должен да внимава на чувствата на некогашните атеисти кои во меѓувреме открија дека имало Господ, па станаа верници. Ама открија и дека Господ не е за делење со небањатите, туку е само нивен. Тој постои за нив. Всушност, да не биле тие, нашата комуњарско-лоповска елита, немало да постои ни Господ. Вие мислевте обратно? Дека Господ го создал човекот? Не, напротив, тие, нашата елита го има создадено Господа. Откако претходно го укинаа, оти тој, нели, беше „опиум за народот“. Па, кога сакаат си го укинуваат, кога сакаат го создаваат.
Важно е дека тој постои за нив. За нашата елита. Исто како што црквата постои за нив, како што поголемиот дел од владиците се нивни и ги товат за да им бидат слуги, за да можат заедно да ги воспеваат предавствата со Грција и Бугарија, исто како што државата постои за нив за тие да ја пљачкаат. И тогаш, златните тие на мајка, кога крадат, кога владици ја продаваат Црквата на Бугарија за да им шетаат мантиите во Грција, кога велат дека договорите за бришење на македонскиот народ биле добри, тогаш молчат како златни рипчиња. А, врескаат како некој да ги депилира на суво, кога друг ќе им „брцне“ во бурето со мед… Впрочем, кај сте виделе мафијаш да е среќен ако друг му влезе во територијата.
Згора на тоа, тука се и нивните пудлици. И навистина, владико Агатангел, не е фер, на тие кои штотуку добија од Заев, кој по 200, кој по 300 илјади евра за улогата на загари, а тие се најслабо платените удирачи на тапани за ширење на единствената комуњарска вистина низ светот, па и надвор од него, навистина не е фер да им го загорчуваш кафето од скапите порцеланските шолји. На оние кои го премолчаа писмото со кое МПЦ стана ќерка на Бугарската Православна Црква, на оние кои го премолчаа Пимен кога како манекенка со мрежасти чорапчиња снимаше спотови за гласање на референдумот за Северна, на оние кои…!
Настрана што Агатангел тоа го стори на начин од кој може да се има повеќе зијан отколу ќар. Ама тој е владика, од каде да знае како тоа се прави? А се што требаше да направи е да застане потпрен на некое „порше“ и да сними спот. Па да даде интервју за бугарски и грчки медиум. Да каже дека сме три коси црти. Да ги осуди оние кои имаат бради, кои имаат влакна во носевите и во ушите и се бањаат секоја втора недела за време на ефтината струја што им ја овозможи другарот Заев. И тогаш се ќе беше в ред. И СДС-овци сити и ВМРО-вци на број, оти и тие одамна веќе не се небањати и со бради.
Вака, како еден од синовите на Бугарската Православна Црква, владиката се изложи на канонада. А можеше да се врзе со некој комуњарски олигарх, кој мачејќи се, потејќи се, јадејќи леб и буковец, си купил кутриот фабрика, банка или некаква друга крпеница што некогаш беше општествена сопственост, колку да тера од први од први, па тој, маченикот-олигарх, да му изгради рај на земјата во неговата епархија. И со тоа, да влезе во похвалните песни на славните ни, ем професионални, ем независни медиуми. А не вака, тој решил да бара надеж во смена на Владата на Ковачевски. Не бива така, владико, не бива…! Во световните работи не смееш да мешаш. Освен кога си на наша страна. Не на туѓата!
Е, и никако немој да го нервираш Милески. Оти тој е министер. Од нашите. Не нуди Господ светлина на крајот на тунелот, туку тој – великот министер Милески. Погледај, те молам, по тоа псалмите, ќе видиш дека едно чудо од нив го воспеваат токму народниот ни избраник за локална самоуправа. Кого токму неговите го обвинуваат дека си ја вработил ем потесната, ем поширока фамилија на државен грб. Оти така им рекол и Павле на Римјаните и на Коринтјаните и на Филипјаните од Македонија кои ги направивме Грци – прво, на грб од народот да си ја ставите фамилијата.
Додуше, Милески не го кажуваат по име во псалмите, не директно, оти така не би личело, ама се насетува. се надѕира. Па така, го имаме Господ во висините, Милески во низините. И после не се чудете кога некој ќе ви каже дека не случајно рекле дека Македонија е библиска земја. Затоа и тој е тука министер.
Друго ќе беше ако задржевме, макар во учебниците, дека можеби барем едно каменче од мозаикот на првата црква во Европа, онаа што апостол Павле ја основал во Филипи, има врска со нас. Ама, ете потпишавме дека таа е само на Грците и мораше да се најде замена за апостолот и за Лидија. И така од висините, Милески ни го позајмија и во низините. За да ни нуди просветление. Во кое нема место за вакви владици. Место има само за него, за гопожата Морачанин, за Заев и Ковачевски ич муабет да не правиме.
Затоа владико, бери памет! Научи си ја лекцијата. Биди владика на Синодот на ќерката на БПЦ, а не на Синодот на МПЦ и немој тука да ми спомнуваш македонски народ, па да сме врателе тоа што сме зеле, па да сме ги исправеле неправдите. Пиши се дека си Бугарин кој сака да служи со Грците и ќе бидеш добар. И паметен и послушен! И тогаш, кога тоа ќе го правиш тајно, Милески и елитата ќе те наградат јавно.