Дарко ЈАНЕВСКИ

(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и ги одразува неговите лични ставови, а не нужно и ставовите Денешен.мк)

Леонид Јанков бил оженет со најубавата жена во областа на Мачуково. Се викала Марија (Маруша) и со неа имал две деца. Имал малку имот, ништо посебно, но доволно за да не гладува и за тоа време, да има каков-таков мирен живот со сопругата и децата. Да ја чека неделата, да се облече со убавицата во чуваната за тие прилики облека, грижливо спастрена во еден од големите дрвени старински сандаци од ореово дрво, да ги земе децата, да отиде со нив во црква, а потоа да прошета низ селото, ставајќи ја едната рака во појасот, полнејќи си ја душата и фалбаџиски држејќи го телото, среќен што ги има тие покрај него. Светлост на неговиот живот!

Ама наместо да седи дома, тој ја зел пушката в раце и тргнал да се бори. Имал поголема светлост. Лежел в затвор, излегол од него и наместо да си оди в куќи, пак ја зел пушката. Се борел и во Илинденското востание. Во 1904 година заминал во Софија и се вратил разочаран, откако видел како се трошат народни пари по кафеани и со курви, додека во Македонија уште има илјадници згаришта од изгорените куќи на селаните.

Но, и тогаш не се смирил. Продолжил да се бори, за да загине во Ѓавато наредната 1905 година, крај смоквата до коритото од едно исушено поточе, оставајќи ја Маруша со двете деца. Зошто?

Гоце Делчев можел сосема удобно да си живее како трговец, како дуќанџија, како кукушки чорбаџија кој повеќе време ќе минува во Солун, отколку дома. Решил да се бори до крај, па макар и загинал. Вклучително и неговите браќа од кои двајца ја имале истата судбина.

А можел да си ја земе Јанка и да води убав живот, наместо да му ја остави во аманет на Михаил Герџиков, но при тоа, како да и пренел и нитка од својата зла судбина – на неа и на нејзината ќерка.

Се борел и четвртиот син на Никола и Султана Делчеви, најмалиот Христо, кој бил во чета, се додека лично Тодор Александров не го избркал, наредувајќи да му се земе пушката и да биде испратен дома. Тоа семејство доста жртви даде, рекол Александров, барем еден машки потомок нека остане.

Гемиџиите се посебна приказна. Тие однапред дале завет дека одат да загинат. За да и пратат абер на Европа за Македонија. Со својата смрт да пуштат глас, надевајќи се дека нечија душа низ старата дама ќе се потресе, ќе се загрижи за судбината на нивната и наша Македонија. Имале само по 20-тина години.

Милан Арсов и Марко Бошњаков не умреле во Солун. Последниот здив го пуштиле во пустината во Либија, во Фезан, за Павел Шатев да им ги откопа телата, да им ги отсече главите и да им ги донесе во родната им земја. Таа на охриѓанецот Марко Бошњаков, многу години подоцна, неповратно ја изгубивме. Пред години, се обидов да најдам каде ние, потомците на славните гемиџии во денешна Македонија ја зашуткавме, ја затуривме таа останата светија од Бошњаков, ама се покажа дека тоа е невозможна мисија. Толку од нас.

Пити Гули не морал да оди на Мечкин Камен. Можел да се повлече, како и другите, во Софија, откако станало јасно дека не можат да го одбранат Крушево. А во Софија да отвори дуќан и да живее мирно, додека не се смират работите, по што би се вратил дома кај сопругата и децата.

Но, тој – не! Решил да остане во Крушево, иако знаел дека ќе загине. Дури и се карал со Никола Карев, утрото на 13 август, во неговата канцеларија, за што сведок бил постариот брат на Никола, Петруш, кој подоцна раскажувал што се случувало во тие утрински часови на последниот ден на Крушевската Република. Час–два подоцна, Никола Карев лично го испратил курирот, за последен пат да го моли Питу да се спреми и заедно со нив да се повлече. Овој одбил, а темпераментен каков што бил, не е чудно ако кажал и некоја псовка, се качил на коњот и заминал. Да загине и да си ги остави децата. Зошто?

Никола Карев се повлекол. Заминал за Бугарија, но во 1905 година се вратил. Загинал кај Кочанско. Што му требало тоа? Зошто и тој не останал на сигурно, кога било јасно дека борбата е изгубена?

Даме Груев седел и талкал по смилевските шуми до есента 1903-та. Додека студот неиздржливо не почнал да притиска. Му пишал на Хилми паша заканувачко писмо, после тоа ја предал архивата на една жена (за што пред многу години пред мене и Блаже Миневски сведочеа негови внуци од сестра му) која ја закопала во лимена кутија во една од нивите крај Битола и пребегал во Бугарија.

Но, и него, што би рекол нашиот народ, не го држело место, па се вратил назад со пушка в раце за да загине во планината кај Русиново. Зошто?

Не се многу различни и тие од 1941 година (за тие што малку знаат, тешко сфаќаат, а уште помалку разбираат, архиепископот Стеефан знае зошто во Илинденското послание ја споменува 1941 година како година кога е „посеано семето на вториот Илинден“, а не 1944, така што „оладете“ малку момчиња). Сите имале по 20-тина години, и наместо да одат по девојки, да бркаат некоја работа, да учат, да гледаат да се скрасат, тие заминале како „шумкари“ во планина. Кузман Јосифовски, Страшо Пинџур, Мирче Ацев, Цветан Димов… долга е листата, која на крајот завршува со Голиот Оток на Ченто, Павел Шатев и Панко Брашнаров.

Сите тие можеле да доживеат длабока старост, да пијат „синџир“ тешко кафе какво што сакал Гоце Делчев, сладејќи се со студена вода од оросена чаша и јадејќи локум со кафето, да виткаат тутун и да уживаат додека ги држи Господ на земјава.

Ама не, тие одбрале да заминат и да страдаат, да се мачат и на крај да умрат. Зошто?

За ние денес, благодарение на муртинската „генијалност“, на шарената банда и нивната „новинарска“ булумента која уште е во шок од ланскиот пораз, но полека почнува да се буди и да ја крева главата, да имаме мака да ги сочуваме сите наши Илиндени – првиот да го делиме со секој што посакал, а вториот да го поништуваме! Е не може! Не ја бива таа работа. Илинден е наш и не го даваме. Никому! Тоа е така и така ќе остане.

А тие од 1903-та и 1941-та, кога е посеана семето на вториот Илинден од 1944-та, како што вели дедо Стефан, ние, денешните генрации, тешко дека некогаш ќе ги разбереме тие луѓе. Тешко дека ќе ја сфатиме нивната душа, тегобноста што ја чувствувале, маката која им била поголема од вредноста на нивните животи. Реков „тешко“ дека ќе ги разбереме. Не, тоа е грешка! Ние никогаш нема да ги разбереме. Зашто не сме им достојни!