Дарко ЈАНЕВСКИ

Ете, се јави и Оливер Спасовски. Навистина се јави! Да не остане покусо од Ковачевски и Груби, па и тој, со сиот свој интелигентен габарит и академски статус, рамен на претходните двајца, ни порача дека руското влијание било тоа кое ни го попречувало светлиот пат кон Европа. Со други зборови, тие кои што се против нашето преименување во Бугари, се руско влијание, ни помалку, ни повеќе. Ни плус, ни минус!

Што не е ништо ново од таборот на кој му припаѓа Спасовски. Таа изјава е само уште еден дел од пропагандата што ја вршат СДСМ и ДУИ и нивните мегафони, а на кои за се што не чини во оваа држава виновни им се Толстој и Достоевски. И Путин, се разбира!

Очајни од неизбежниот пораз кој им се наближува, ова е не многу интелигентна пропаганда и е само давенички обид да се санира изборната катастрофа која му се заканува пред се на СДСМ, а ако и се верува на опозицијата, и на ДУИ. Зашто македонскиот народ и сите други кои живеат на ова парче земја што останало од некогашната Македонија, сега преименувано во Северна, се ужаснати од бедотијата во која го внесе оваа власт и тоа нема никаква врска со Русија. Впрочем, нас прво не блокираше Грција, а сега Бугарија, заедно со ЕУ. Што отприлика значи дека ако се бара руско влијание, тоа треба да се бара во Атина, Софија и Брисел, а не во Македонија.

Но, давеникот за сламка се фаќа, па така и за бескруполозното крадење, за невидениот арамилук на кој сме сведоци, а кој го врши власта, водејќи се од максимата „после нас потоп“, тешко дека може да се обвинат Москва, Вашингтон или Брисел. Башибозукот е во Скопје и тој е седнат во фотелјите на Илинденска и во фотелјите во партиските седишта на СДСМ и ДУИ на кои им беше дозволемо да ајдутствуваат затоа што ја избришаа Македонија и ја инсталираа Северна. Патем, дали и куќата што ја добил Таравари во Тафталиџе, а која ја споменува опозицијата, е подарок од Путин? Дали младиот 24-годишен Дрин Ахмети е руски, а не македонски олигарх? Дали богатењето преку т.н. невладини на сопругите на функционери на власта се дело на Москва?

По ѓаволите, но од владината пропаганда се очекува малку поголема интелигенција. Не кој знае колку поголема, зашто дометот не им е баш за фалење, но сепак, барем малку повеќе. Зашто, на изборите граѓаните нема да гласаат за Америка или Русија, туку ќе гласаат за тоа дали и понатаму 600 000 граѓани ќе живеат со помалку од 150 денари на ден, што значи дали и понатаму ќе гладуваат; дали секоја будалетинка која се дограбила до фотелја ќе краде денес како да ќе нема утре; дали ќе имаме 80 000 души кои и понатаму ќе живеат со 60 денари на ден; дали ќе се краде на Онкологија, дали ќе се стави крај на фармецевтската мафија; дали тие што се греат на струја и натаму ќе плаќаат по 16 денари киловат час што е само половина од цената на струјата во Данска и Германија каде имаат 5-6 пати поголема просечна плата од кај нас, а типови како Ковачевски ќе им зборуваат дека греат базени; дали оние како скопјанката со 500 евра плата ќе плаќаат по 140 000 денари за струја; дали ќе продолжи масовниот егзодус со иселувањето и од Источна и од Западна Македонија каде помалите градови се празни и каде, само во Гостивар и Тетово школската година на 22 јануари продолжи со 350 помалку ученици во однос на 31 декември, затоа што со нивните родители во текот на најстудениот месец заминале во странство (денеска слушнав за еден пензионер кој живее сам, чија сопруга починала, а чии три деца се во Австралија, Шпанија и Германија); дали во болниците, за вечера, лекарите и пациентите и натаму ќе добиваат обична кифла од осум сантиметри исполнета со малку урда, како што пред два дена се пожали неврохирургот Ѓорги Петрески, дали и понатаму ќе бидеме земја во која ќе се смета дека за лекови и за здравство на граѓанинот доволни му се 821 денари месечно, а се над тоа е луксуз, вклучувајќи ги и апчињата од по 1 200 денари кои ви ги препишал лекар, а кои не одат на товар на ФЗО; дали пензионерите и натаму ќе ги кршат апчињата на половина, наместо ги пијат цели, за да заштедат и кутијата да им трае цел месец, наместо половина… итн, итн, итн.

А, да бидеме искрени, на просечниот македонски граѓанин му е сеедно и за Москва и за Владивосток, и за Вашингтон и за Лос Анѓелес. Тој само сака мирен живот дома, без да размислува како парчето леб од денеска да му стигне и за утре, а тоа од утре да го растегне до следниот први во месецот. Ако воопшто има среќа да спаѓа во групата на луѓе кои земаат плата и ако наместо леб купува и се храни со растеглива гума. Нешто налик на Чарли Чаплин кој заглавен во зимската пустелија со оној горостас, го вари ѓонот од чевлата и се обидува да го изеде. Се разбира, со крпа на вратот за да не се накапе, на бела чинија и со нож и виљушка. Како во елитен ресторант.

Така што, на овие избори нема да се бира меѓу Исток и Запад. Тоа е само гола, обична, проста пропаганда на власта која нема што друго да понуди освен да не прекрсти во Бугари, да краде, да арамбашува низ целата земја и сето тоа да се обиде да го покрие со некаков самопрокламиран и самонаречен„европски фронт“ кој бил за Брисел, наспроти оние другите кои биле за Кремљ.

Не, не е така! Ама баш не е така! На овие избори всушност ќе се гласа за тоа дали го сакате тој мирен живот, овде, дома, без да го растегнувате парчето леб од денеска, па до следниот први или ќе почнете да размислувате за пакување на коферите. Или како што вели споменатиот хирург: „Европо, чекај не, доаѓаме!“. А идејата беше, ако не се лажеме, Европа да дојде овде, а хирургот и неговите пациенти да останат тука, здрави и живи. И со пристојна вечера, налик на оној избор што го има во владиното и собраниското мени за десетина од цената.

Впрочем, на гласачките ливчиња нема да бидат ни Американката Агелер, ни Холанѓанецот Коп, кој деновиве доби добра лекција за тоа каде одат парите што тие ги расфрлаат овде на старите и новите удбаши, па сега демек не знаат каде, ниту Русинот Баздникин или кинескиот амбасадор Ѕуо. На ливчињата ќе бидат луѓе од нашето маало, бидејќи токму тоа е оваа Македонија, и ќе избираме дали во тоа маало ќе бидеме гладни, боси и бедни, мизерни во душата и мизерни во животот, очајно голтајќи дијазапами или ќе се обидеме да добиеме нешто повеќе и да живееме малку подобро. Се разбира, имаме и трета опција: да го ставиме источниот Толстој под мишка и да се упатиме кон некој западен град каде тој не е забранет за разлика од Севернава, но каде ќе немаме време да го читаме чистејќи ги тамошните тоалети. Под услов да сме извадиле пасош на шалтерите на Спасовски, кој дури ни тоа не беше способен да го организира како што треба. Ама затоа знае кој какво влијание има во државичкава која веќе одамна не ја ни нарекуваат this beautifully country.