Дарко ЈАНЕВСКИ

Ете, малку по малку, минатата недела стигнавме и до некаква панел – дискусија на тема „Достоинствен живот или преживување?“ на која дознавме дека 510 000 граѓани на „севернава“ живееле со сума од 60 до 200 денари на ден и тоа се нарекувало „умерена сиромаштија“. Не треба посебно да ви објаснувам што значи да живееш со 200 денари ден, ама дека тоа се нарекувало живот кој спаѓа во „умерена сиромаштија“ веројатно и вие прв пат слушате.

Што и не е така страшно. Оти штом е нешто „умерено“, тогаш може да се трпи. И што е отприлика слично на онаа мисла од времето на Платон дека невестата е бремена, ама малку, односно „умерено“. Што му доаѓа исто како и да не е бремена. Така и со овие нашиве сиромашни кои што всушност и не се сиромашни. Зашто, да не бидеме ситничави: со 200 денари на ден се живее добро! Се разбира под услов да не јадете, да не се облекувате, да не се греете, да не купувате лекови, а вода да пиете секој втор ден. По половина чаша. Што во Кавадарци, општо познат по пиењето ракија, одамна се практикува. Оттаму всушност е и онаа познатата филозофска мисла дека водата не е добра ни во колена, а камоли во уста.

Така што, кога се ќе се собере и одземе, Македонија навистина блеска. Бидејќи има само 510 000 умерено сиромашни, а останатите до 1,8 милиони се повторно во некоја група умерени, иако групата уште нема име.

Според истата панел дискуија, малку проблем прават оние 69 000 граѓани кои живеат со помалку од 60 денари на ден и кои се неумерено сиромашни, ама тие веројатно досега се научиле да не јадат, да не се лечат, да не се капат… што во основа е добро за нивното здравје. Немаат холестерол, а кожата им ја задржува природната состојба, бидејќи од нејзе не ги симнуваат природните материи што ги лачи самата кожа со некакви си шампони, сапуни и гелови за туширање. Кога би ги научиле и оние 510 000 на истото, веројатно државата навистина би почнала да ни блеска, што би рекол фамозниот и нашироко наш познат нобеловец од Муртино.

Е сега што со останатите? На пример, тие што имаат пензија од 12 000 денари, што значи имаат 400 денари на ден или двојно повеќе од „умерените“. Тие веројатно би можеле да се сместат во групата „умерено богати“, кои можат да си дозволат низа нездрави навики како што е јадењето леб и сол секој ден и пиење чај за доручек со тоа што ќесичката само на кратко се потопува во врела вода, се вади и се чува за следното утро. Ако е чајот од камилица, ете уште еден бенефит за здравјето.

Следни на ред се тие што земаат од 12 000 денари до минималната плата од 20 000 денари. Е, за нив веројатно има место во групата богати и тие се всушност нјаголемиот товар на оваа заедница. Трошат кафе наутро, за секој чај употребуваат по една вреќичка и потоа ја фрлаат, а имаат и за цел ѓеврек, што веќе е опасно за здравјето, а што може да биде потврдено од било кој нутриционист. Така што во стратегијата за развој на Македонија треба да се предвиди дека оваа група на „богати“ треба под итно да се смести во групата „умерено богати“ или уште подобро, во групата „умерено сиромашни“ со цел да се намалат здравствените трошоци што оваа земја ги трпи од нездравиот живот што го водат овие луѓе.

Остануваат тие што имаат приход над минималниот од 20 000 денари, но тие веќе спаѓаат во групата „непоправливо богати“ за кои нема спас. Јадат леб повеќе од еднаш на ден, некои од нив веројатно пушат и цигари, се возат со автобус или автомобил, се капат еднаш неделно кога е ефтина струјата, а понекогаш дури и ја перат облеката. Само со вода, без прашок, зашто прашокот содржи хемикалии кои, зар јас треба да ви кажувам, се птетни.

Така што, се на се’, кај нас навистина не е лошо. Тие што зборуваат за некаква си општа сиромаштија веројатно тоа го прават само од злобни намери. Како и оние кои барааат 78 отсто покачување на платите и пензиите, колку што беа покачени платите на функционерите. Да бараш такво нешто е надвор од здравиот разум, кога ти е умерено добро и со 200 денари на ден, а со 400 денари веќе си богат. Па што ќе им правиш на тие 78 отсто ако ги добиеш? Ќе јадеш макарони по гарантирана цена три пати на ден? Ќе се тушираш еднаш дневно? Пу-пу далеку било! Ќе трошиш на лекови и на хигиена? Ќе се возиш со автобус наместо да одиш пешки или не дај Боже, ќе возиш автомобил кој троши бензин? Ќе купиш книга и ќе ја читаш? Ќе одиш на театарска претстава? Ќе се напиеш кафе во некое кафуле…? Ха, тоа се само навики на декадентната буржоазија на која не треба да се угледате. Еден ден таа ќе пропадне, а вие и натаму ќе опстојувате со вашите 200 денари

Е, сега, има земји во кои ако повеќе од четвртина од населението живее со 200 денари на ден, а 4 отсто од населението со 60 денари на ден, симболично кажано, би ја запалиле таа држава. Би ја полиле со бензин и би ја запалиле. Но, тоа се главно луѓе од аздисаните западни земји каде не сфаќаат дека да бидеш „умерено сиромашен“ е благодет. И каде не сфаќаат дека гледањето како некои други, оние избраните, делат милиони меѓу себе крадејќи од твоето, е само знак на злоба и завидливост. Карактеристики од кои што треба да се ослободите. Нека ги со нивните 78 отсто, со нивните милиони, со скапата облека, со нивниот раскошен живот. Вам ви е добро и вака и нема потреба ни да биде поинаку.

Освен што во целата приказна за 200 денари на ден има еден мал проблем. Учејќи се да не јадете и да не пиете вода, може да се случи да умрете. За разлика од оние со 78 отсто. Но, и за тоа не треба да се грижите. И тие ќе умрат еден ден, зар не? Порано или подоцна. А ако се случи додека ги читате овие редови да ви се пријаде нешто, на пример, некаков луксуз како чоколадо или слично, сфатете го тоа само како искушение на кое можете да одолеете, за разлика од декадентните кои тоа не го можат. Што е уште еден доказ за супериорноста на 200-те денари наспроти милионите.