Дарко ЈАНЕВСКИ

(текстот е преземен од ФБ профилот н авторот е не ги одразува нужно ставовите на Денешен.мк)

Стресот е лоша работа. Не личи за вакви редови, ама вистинскиот збор е дека е „заебана“ работа. Го зголемува кортизолот, а тој е врзан со адреналинот и ако не го потрошиш, ти таложи масти околу стомакот, па добиваш половина како да си пиел по 10 пива на ден, а ти не можеш ни голтка со години.

Д-р Кедев своевремено ми велеше дека, на пример, кај животните, кога ќе бидат нападнати од друго животно, тие почнуваат да бегаат и така се троши адреналинот, се намалува кортизолот и затоа тие и не се дебелеат. Кај нас, современите луѓе, не е
така и ете ти проблем.

Мислата ми се јави кога прочитав дека Гордан Калајџиев, оној од Правен во Скопје, вели дека сега секое возење автомобил било стрес предизвикан од „Безбеден град“ на Панче Тошковски, зашто му стигнала некоја казна за возење со 44 км на час.

И ете ти проблем. Кој не е мала работа. Мислам, стресот и здравјето на Калајџиев се побитни од тоа дали ако не е „Безбеден град“, некое дете, не дај Боже, ќе биде прегазено. Или осакатено. Или некоја баба или дедо. Оти Калајџиев не е било кој. Тој е оној од „Шарената“ што врескаше дека ако треба и „крв ќе падне“, што потоа не доведе до Зоран Заев. Кој, ете, тогаш дознавме, да ти бил идол на скопскиот Правен факулетет.
Додуше, не кај сите, знам и такви кои би го набиле во шише, ама тие се малцинство. Јас познавам само два-тројца. Кај другите, откако своевремно беше симната сликата на Тито, стои сликата на Заев. Во рамка со цветчиња. Можеби не на ѕидот, ама во срцата секако. Заедно со СЈО на Катица. Она неуставното. Против кое не ни гукнаа. Оти светот познава неколку величини: на пример, Ајнштајн, Толстој, од правниците да кажеме оној Роберт Бадентер, а ете го сега на светскиот список и Заев. Заев и стресот на Калајџиев. Мајко моја, ние навистина имаме проблем! Поголем и од тој што понекогаш го има Хјустон.

Е, сега, нека ми прости Калајџиев што го споменувам, а таков е и денот, нели – Прочка, немам лоша намера, напротив – благодарен сум, зашто тој само ни ги отвори очите. Оти Калајџиев е само единка. Не е тој проблемот, туку сите ние. Цела нација. Која е под стрес. Од Панче. И затоа се дебелееме, она против што војна поведе Роберт Кенеди. Некои од нас, се отепаа јадејќи брокули и друга трева, не само што се отепавме, туку станавме тревопасни животни, па плус ѓумбири, каен пепер, па куркуми, цимети, чиа семе, ленено семе, семки од тиква и не знам што уште не… сето тоа низ нос ќе почне да ни излегува, а на крајта ни грам помалку, ни за милиметар почисти артерии. Зошто? Затоа што проблемот бил во „Безбеден град“.

Што не е фер од Панче. Негова работа не е да ни таложи масти на стомаците и артериите од стрес. Не го плаќаме за таа работа. Така што момче, како прво, види ако можеш да вработиш и психијатри, нутриционисти и се што ни треба, за да го намалиме стресот. Ете има и некој чај од кај Мукаетов против стрес, па ако може нека се дели по улици, на семафори. И второ, заеби ти братче брзо возење и слични работи. Поарно да умреме од прегазување, отколку да не удри некој тромб. Оти на Кардиологија, како и речиси насекаде во Клиничкиот центар, освен на Онкологија каде буквално липсуваат од работа, нема термини. Па ќе не праќаат на приватно платена операција која можеби и не била потребна, а чини 20-30 илјади евра, што значи ќе треба да ги одлепуваме плочките од кујната. За оние парите кои легално сме ги стекнале, ама сме ги заѕидале во дупка кај фрижидерот. За не дај Боже! Или, парите да ги плати Клековски од ФЗО, а нему од каде би му биле ако не земе пак од нас. Така што, врти-сучи, исто му доаѓа.

Така што, Панче Тошковски, со глава и брада, не си играј со нас, сеедно што си министер. А, посебно не си играј со тие од Правен. Кој од Јустинијана Прима, треба да го прекрстиме во „Зоран Заев – црпнат од нива“. Оти таму е сржта на умот во оваа држава. Посебно кај кривичарите.
Како и да е, проблемот со „Безбеден град“, не е единствената работа. Втора работа е дилемата како поминала онаа дрога што ја најдоа во Србија преку нашата граница. Демек, јака афера. И сега, овој што е министер и што без усул ни прави пивски стомаци со стресот и кортизолот, објаснува дека кога нешто излегува од кај нас, тоа го прегледуваат Србите, а не ние и обратно, зашто таков ни е договорот со северните ни соседи, ама кому зборуваш? На Заев? Чудно, нели? Оти, изгледа, Заев и не е така наивен. Успеал човекот својот величествен ум да го клонира и да го пресади во стотици и стотици во оваа држава.

И за тоа, да бидам искрен, му симнувам капа. Алал нека ти е момче, и за Дубаи, и за јахтата во Грција и вилата на Халкидики, и марихуаната ако си врзан со нејзе, ако не – „сори“ и за облакодерите и за Северна и за Бојко Борисов и за „27 април“ и за Кацарска и Рускоска и да не редам понатаму.

А, за „Безбеден град“? Читам дека „Вториот валц“ на Шостаковиќ делувал смирувачки. Па, крај секоја камера, и на стотина метри пред нејзе да се инсталираат звучници преку кои ќе биде пуштан валцот. Американците ги препорачуваат Моцарт, Бетовен, Шуберт и Шопен. Посебно педијатрите.Делувале смирувачки на малите деца, па веројато ќе не смират и нас. Остај ти нашето „Нани, нани бебенце…“. Пушти го ова што го препорачуваат Американците и Калајџиев, а и ние ќе бидеме без стрес. Додека возиме.

Е сега, кога сме кај факултетите, нели почнав со Правниот во Скопје, ете ти ја и Весна Јаневска. Ќе барала повеќе трудови од професорите. Оти факултетите, односно универзитетите, ни ги немало на релевантните светски листи. Како на пример, Шангајската. Не биле квалитетни. Што значи, плаќаме „бофл“ стока. Како купена од Тему. Само што оваа, нашава, не чини 100 денари. Вртат стотици и стотици илјади. Евра се разбира.

Е, арно ама, Јаневска не разбира, дека за нас тоа не е битно. Што ако не ни чинат универзитетите? Па тие не постојат за да чинат. Тие постојат за плати. Ете, и наставничките т.е. педагошките факултетите, вели Јаневска, ни биле последни. Веројатно истото е и со оние оддели за педагогија каде полагаат тие што сакаат да бидат наставници и професори во средно. Е, тоа се оние факултети кои произведуваат кадри на кои потоа им ги даваме најмалите деца. Е, добро де. Голема работа! Децата и онака треба да ни бидат глупави. Педагошките факултеите, откако беа укинати академиите, и онака не постојат за крајниот резултат да биде – паметни деца. Како инаку утре-задутре ќе најдеме погон за некоја нова „шарена“, ако затреба, како ќе изродиме нов Заев, нова Катица… Како велеше муртинецот? Одел по три-четири часа на училиште, па што му фалело – дотуркал до премиер!

Така што, госпожа Јаневска, остави ја таа килава работа. Кога на времето еден од највисоките функционери во пред Заевата Влада на ВМРО-ДПМНЕ ми кажа дека еден декан на факултет само од тезги, во тоа време, за една година зел 100 000 евра и кога му побарав доказ, ми рече: „Ааа, не, има и „наши“ на листата“. И сега, ќе сме правеле реформи оти сме биле последни на листата. Па сме. И што ни фали? Што поглупави, тоа посреќни! Не го знаете тоа?

Патем, Јаневска е таа која од буџетот побара и доби двојно повеќе пари за научно-истражувачка дејност. Историски. И, пак не чини жената. Па не чини. Зашто таа ако остане, ќе даде пари, ама ќе бара и резултати. Што не е добро. Во оваа држава можеш се, ама не и да бараш резултат. Тоа не бива.

Патем, веројатно после ова Јаневска сфати дека родителите не се виновни што нивните деца имале петки преку врски. Нели? Проблемот, очигледно, не е кај мама и тато. Па, ни кај наставниците. Нели?

И за крај, само да заклучам дека во сето ова има една лоша и една добра вест. Лошата е дека поментални од ова не можеме да бидеме. Добрата е дека нема друга лоша вест. Барем за денеска.