Дарко ЈАНЕВСКИ

(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и ги одразува неговите лични ставови, а не нужно и ставовите Денешен.мк)

Денеска Владата и ВМРО-ДПМНЕ го слават пуштањето на дел од автопатот Охрид-Кичево, работа што во изминатите седум години беше заглавена од Заев и СДСМ-ДУИ компанијата. Не вреди за тоа многу да се пишува – ако некој ја чувствува и гледа разликата меѓу тие порано и овие сега – ја гледа, ако не, бадијала и да му цртате. Има такви умови кои се затворени и тука помош нема.

Меѓутоа, таа разлика очигледно се одразува и во расположението на јавноста. Ако се точни резултатите од последната анкета на Маркет вижн од пред некој ден, а нема причина да не веруваме дека не е точна, ВМРО-ДПМНЕ води со 4 наспрема 1 во однос на СДСМ, а Мицкоски има поголем рејтинг од сите други политичари заедно. Што покажува дека и по една година од ланските избори, СДСМ продолжува да тоне и дека не функционира и неговата пропаганда, што е дополнителен проблем за партијата.

А таа состојба во која се наоѓа СДСМ, не е добра ни за социјалдемократите, ни за ВМРО-ДПМНЕ, ни за државата. Зашто при ваква ситуација, сакале тоа или не, постои опасност за опуштање кај функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, освен доколку врвот на партијата не е свесен за тоа, па продолжи цврсто да ги држи стегнато дизгините, независно од моменталните рејтинзи. Треба да се има на ум и старото правило според кое не е проблем да дојдеш на врвот, тоа можат да го сторат многумина – но, проблем е да останеш таму, што им успева само на малкумина.

Овој сооднос во рејтинзите, кој веројатно нема да се промени до локалните избори, ќе значи нов катастрофален пораз на СДСМ, по што Венко Филипче, како пулен на Заев, веројатно ќе мора да си оди. А засега не се гледа кој би можел да дојде на негово место и да ја крене таа партија на нозе. Така што, се јавува празен простор кој ниту една од постојните други партии не може го пополни, па веројатно ќе мора да чекаме појава на некој нов субјект.

Во меѓувреме, на ВМРО-ДПМНЕ му останува сам да гради и сам да се контролира. Да гради и да биде надзор над изграденото. Да владее и да биде коректор на своето владеење. Да не почне во секоја критика да гледа непријателство, сеедно што мнозинството критики се токму од омраза, од непријателство, па и во служба на туѓи интереси. Но, независно од тоа, ВМРО-ДПМНЕ мора да го одработи своето. Да ги отсече гранките на „шарените“, да го крене здравството, да го исправи образованието, да и даде залет на економијата… Зашто веќе пишував: три отсто раст на БДП е добар резултат, ама не е доволен. Не е исполнета целта, а целта треба да бидат пет отсто и повеќе од тоа.

На другото поле – прогонот на Груби, на Ковачевски, на Јахоски и Капушевски, на Крмзов… е во ред, но во изминатиот период имаше толку многу, што ова не е доволно за да се каже дека се расчистило со се’.

Патем, на ВМРО-ДПМНЕ му останува паралелно да си ги доврши и другите задачи. Една од тие е конечно на народот да му го понуди Заев на тацна за се што стори во годините на неговото владеење. И не само Заев. Има таму на тоа поле уште многу што да се направи.

Втората работа е да го реши проблемот со нарачаните пресуди. Ако треба нека се преврти државата, но таа работа не може да се остави да помине така. И да остане ситуацијата во која некој со нарачани пресуди ќе продолжи да седи по затвори, а судиите и обвинителите кои учествувале во исполнување на тие нарачки да бидат со награди. На тој начин, вербата во правосудството нема да се врати. Тоа што е поставено на слаби темели, мора од корен да се смени, инаку порано или подоцна, казната ќе стигне.

И има уште нешто што со тек на годините падна во заборав: тоа се осумте пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за смена на Уставот. Секому му е јасно дека тие беа под уцена, но народот би сакал да види со што биле уценети, за кој и каков криминал станува збор и зошто тие и натаму си уживаат во своите богатства без влакно да им фали од главата, додека илјадници луѓе во Македонија се уште се под седативи заради тоа што се случуваше во тие години.

Патем, не се само тие осумина: имаше и плејада на други кои не беа пратеници, а кои поради исти причини како и осумтемина, застанаа на страна на Заев. Денес тие си уживаат во богатсвото натапкано во тие години и тоа мора да се расчисти, макар и преку некоја „бела книга“, ако веќе нешто од тоа не може да се гони, за народот да добие слика за се што се случувало во тоа време. До најситни детали. Се им е јасно на луѓето: и дека некои работи се неповратно направени, дека тие работи во овој момент се реалност, но луѓето едноставно мора да ги знаат деталите за тие настани.

Точно е тоа дека има премногу тековни работи да се исправаат и дека можеби едноставно се нема време, ни целосен капацитет да се стори тоа. Веројатно за Владата поважно е да не се закочи некоја тековна работа, додека ангажира луѓе кои би се посветиле на нашето блиско минато, но од друга страна, нема цена која луѓето не би ја платиле – ако треба да се ангажираат дополнителни капацитети – само и само да добијат некаква сатисфакција за упадот во нивните души, во нивниот мир, за обидот за упад во нивната свест, во гробовите и коските на нивните предци, кој, како што видовме при неодамнешната сендица на Европскиот парламент, и натаму трае. Зашто притисокот врз Македонија, врз идентитетот на Македонците и врз македонскиот јазик нема да престане, ако не се справиме со тоа. А тој притисок, ја кочи државата на сите полиња. И ги врзува рацете и нозете, и става бетонски блок и со тој бетонски блок ја фрла во морето.

А, само на тој начин барем делумно ќе се олабави офанзивата на која сме изложени, како таа во ЕП и на притисокот што секојдневно, вклучувајќи не и нас кои сме влезени во тие води, макар на страничен начин – преку медиумите – го чувствуваме. И тоа мора паралелно да се решава, со правното и економското кревање на државата.