Дарко ЈАНЕВСКИ
(текстот е преземен од ФБ на авторот и нужно не ги одразува ставовите на Денешен.мк)

Читаш! Еднаш. Па уште еднаш. Па, малку ги триеш очите. Некои „конци“ ти играат пред зениците, па си велиш, да не е проблемот до тоа. Но, не е! „Конци“ во очите имаш, ама не е до нив. И тогаш чувствуваш како крвта ти јурнува кон главата. Притисокот ти се качува, срцето ти бие, пиеш „дијазепам“, оној од „петка“, за да се смириш малку и читаш одново.

Ама не е грешка, точно е. Славната Добрила Кацарска, онаа великата Кацарска од „27 април“ и фалсификат случајот за тероризам со 200 години затвор, предложила, а Уставниот суд прифатил и, внимавајте, на своја иницијатива повел постапка. Му пречело што сите пензионери добиле линеарно по 7 000 денари зголемени пензии. Нешто му е сомнително тука! Ги откри дискриминаторите. Инаку, ќе ја отфрлел иницијативата. Зашто оние што имале повисоки пензии, биле дискриминирани, бидејќи добиле исто покачување на пензиите со необразованата и неписмена „багра“ која не се школувала, не работела, не плаќала придонеси или плаќала помала сума на придонеси и имала по 13 000 денари пензии пред доаѓањето на оваа Влада. А, сега, таа „неписмена багра“ сакала исто така покачување од по 7 000 денари. И оваа Влада, составена исто така од небањати, за разлика од француската аристократија од времето на Лујевци во Франција предводена од Заев од Муртино, тоа им го овозможила.

Е, не може тоа така. Зашто овие со 13 000 денари мирисаат на немиено, мирисаат на неиспразнета канта со ѓубре од времето на Арсовска, не се чисти и не можат, ви се молам, да се мерат со нивото на тие што имаат по 50 000 денари пензија. Или, не дај Боже, со височествата од Уставниот суд кои плаќаат големи придонеси. Уставниот суд каде се’ мириса на рузмарин и лаванда. Цветно и мирисливо поле.

Е, да, ама правно, заклучиле дека вреди да се прифати мислата на уставно-судиската ведета дека овие со високи пензии биле дискриминирани ако добијат исто покачување на пензиите како оние со ниски пензии. Што е правна глупост. Што би рекол сенаторот Џон Кенеди во една негова нова сатирична сесија, „толку е глупаво што ми доаѓа да ја ставам главата во рерна“. Зашто овие со по 50 000 денари, ќе си ги добијат своите 7 000 денари. Не добиваат помалку. Линеарно или со 14 отсто покачување, тие своето ќе си го добијат.
А дали оние со ниски пензии, дали и тие ќе добијат по плус 14 отсто или ќе добијат исто колку и овие со по 50 000 денари пензии – значи линеарно по 7000 денари, тоа нема никаква врска со дискриминација. Ама баш никаква. Тоа има врска со солидарно општество. Со грижата на едно општество за социјалната димензија, со грижата на една влада за сите граѓани.

И ако тоа е така, како некој е дискриминиран со тоа што и едните и другите линеарно ќе добијат по некој денар плус? Никако. Нема логика! Нема здрав разум во тоа. Ја гледаш Кацарска, ги гледаш останатите уставни судии и си поставуваш прашања. Бидејќи ти треба да р’мбаш, треба да стоиш на машина во Бунарџик за да може оваа држава да земе данок, и од тој данок да даде на Кацарска и на останатата тамошна компанијата. Кои земаат, грубо кажано по 150 000 денари нето. Секој месец. И некој стои по 8 часа на машина, за 30-40-50 илјади денари, за на овие да им се дадат по 150 000 денари и за да има и за оние пензионери со пензии од по 50 000 денари.

А Уставниот суд и не мора да го имаме. Има држави во светот кои го немаат. И не им фали ништо. На пример, САД. Имаат Врховен суд и тука завршува приказната. Каков уставен. Што ќе им е. Или Грција. Еве ги до нас, на 160 км од Скопје. Сакате уште? Данска, Велика Британија, Норвешка… Да не набројувам. Зошто да имаат? Не им треба. Данска, на пример, е истата држава чии ракометарки пред некоја година паднаа од шок и изненадување кога кај нас во Скопје, демек главниот град на профинетите граѓани, видоа питачи на семафорите. А, немаат Уставен суд. Заостанати, нели?

И потоа сфаќаш дека ти треба уште еден „дијазапем“. Зашто читаш дека истиот Уставен суд испратил соопштение дека со партиските напади врз Кацарска и Судот се загрозувал нивниот интегритет. Види ти се молам. Кој интегритет? Не знам. Немам поим. Верувам немаат поим ни тие што имаа 13 000 денари, ни тие што имаат 50 000 денари пензии. Дали сакате да ги набројувам случаите кога тој интегритет беше нарушен уште од 1997 година, па се до денес? Нема да се мачам. Зашто немам веќе „дијазепам“. А, случаите ги има многу.

Да, за нарушувањата од пред 30 години, па до денес, не е виновен овој состав, но и тој си има путер на главата. Има многу други работи што може да ги поништи. Не да ги укине, да ги поништи. Дури и некои акти кои не се веќе дел од правниот систем (нема врска ставот токму на овој состав дека нема да се занимава со акти кои веќе не важат, бидејќи тие предизвикаа таква дисторзија на македонскиот правен систем, чии последици ги чувствуваме и денес, што едноставно мора да се избришат од правната меморија). Всушност тоа се чисти случаи, чисти како детска солза кога на училиште детето ќе доживее неправда, како кога првата симпатија ќе му сврти грб, кога ќе ги загуби неколкуте десетина денари што му биле дадени за некоја кифла или за некое мало чоколатце, а мајка му и тие едвај му ги одвоила и му ги дала, е такви чисти случаи, тие не поништуваат и тие, тие зборуваат за интегритет?

Така што, имаме случај кој нема ни правна, ни човечка, ни здраворазумска логика. Имаме случај кој е заснован на… не знам на што е заснован, а да не кажам некоја навреда, па подобро ќе премолчам. Ама ова со правото нема врска. Ниту со судискиот интегритет.

Зашто има земјоделци кои биле или се на нива од утро до мрак, а кои плаќале помали придонеси. Да, тоа е точно. Плаќале помалку. Но, без нив, без нивното од утро до мрак со мотика, ние не би можеле да опстанеме. Без храна, едноставно не можеме. Ние не сме Шведска. Не сме Исланд. Ние сме топла, земјоделска земја. Без тие луѓе – ќе не нема. И сега, некој си пензиониран судија од системот со два отсто доверба треба да добие 7000 денари плус, ама овие што не хранеле по илјадарка-две. Тие нека цркнат, нели? Зашто ги дискриминирале првите. Како ги дискриминирале?

Никако, зашто височествата и ако се намали покачувањето на тие со пониски пензии, нема да добијат повеќе. Пак ќе добијат само 7000 денари плус. Ама работата е овие другиве да не добијат толку. Ете, тоа е логиката. За козата на комшијата.

Или не е ни до тоа. Туку да и се подметне клин на Владата на Мицкоски. Хмм, ако ја имате в предвид македонската длабока држава, ова има најмногу логика.

Да не зборувам пак за тоа дека во едно цивилизирано општество, не вакво какво што е Македонија, нема разлика меѓу оној кој работел и земал поголем плата, па со тоа и живеел поубаво (точно, по своја заслуга, секоја чест за тоа), обезбедил за своите деца поубава основа, има поубава и поголема куќа, подобар автомобил, одел по одмори – летни и зимски – и оној кого животот му бил различен. Посиромашен. Но, ова има и друга димензија. Станува збор за Македонија во која стотици и илјадници фирми, во ова криминализирано општество чиј народ не беше заштитен, меѓу другото токму и од Уставниот суд, не им плаќаа придонеси на вработените, па поради тоа тие денес имаат помали пензии. Да не зборуваме за транзицијата кога не по своја вина, 140 000 работници останаа без работа, а со тоа и без платени придонеси за пензија.

А, за сето тоа време, ова општество ги галеше тие како Кацарска. Впрочем гледате како ги гали и денес. Сите тие од таа фела, судии и обвинители, уставни или обични, имаат поголеми плати и од лекарите. Уставните судии 150 000 денари плата, кардиохируг 100 000 денари плата, онколог 80 000 денари плата. Значи оној без кого можеме, уставниот судија, како што без него можат десетици и десетици поразвиени држави од нас, има двојно повеќе од еден онколог. И ќе има поголема пензија, од овој кој спасувал илјадници животи, ја живеел нивната болка, нивната мака и се борел со нивната болест со години. Секој ден, секој момент од нивниот живот. И потоа, кога тој онколог ќе се пензионира, ако добие исто зголемување на пензијата, некој си уставен суд, некоја си Кацарска, ќе кажат дека ги дискриминира тие што имаат повисоки пензии од него.

Или кардиолог и кардиохирург. Тој ви чепка нешто по срцето. Тоа е оној орган што ако престане да чука, ќе умрете. Ќе ве нема. И ене го, тој специјалист, ако треба, ќе го викнат и во 2 часот по полноќ да работи под стрес неколку часа и за тоа ќе земе само некоја илјадарка повеќе. Нема да земе ни 3000 евра како тие од Врховен, ниту пет илјади како што бараат сега. А за да стигне до тоа ниво, завршил факултет и, како што набројува еден мој пријател од скопскиот Клинички центар, поминал уште десет години (и со бројка 10 години) на дообразување. Ама тој плаќа помал придонес од нашите ведети. И ќе има помала пензија и потоа ќе дискриминира. Ете ви ја логиката. А, патем кажано, и јас сум со правен факултет. Немам ништо против правниците, судиите, обвинителите. Напротив. Ама кога нешто не држи вода, едноставно не држи.

Да не ги заборавам и наставниците. Оние со по 40 000 денари плата. Ним им ги даваме децата. Во раце. Од нив зависи какви ќе ни бидат поколенијата. Зависи и од нас, родителите, ама и од нив, учителите и наставниците во основно и професорите во средно. И што правиме сега? И тие се дискриминатори? Не ви е срам?

Еднаш пишував за една жена која во времето на минатата Влада имаше пензија од 13 000 денари пензија. За секој христијански празник, продава свеќи пред црква. За да скрпи некој денар повеќе. Таа жена, значи, ги дискриминира овие со 50 000 денари пензија. Браво женичке! А, јас се надевам дека така и ќе остане. Дека ќе продолжи да ги „дискриминира“. И дека оваа Влада ќе најде начин како таа „дискриминација“ да опстане. Во спротивно, можеби е време и за уставни измени.