Дарко ЈАНЕВСКИ

Во вчерашната, како и во секоја недела, мојата омилена пиљара e затворена и нема каде да седнам како господин на пивска гајба, со распосланата на хартија салама и со чашката жолта. Уште повеќе што недела е ден кога дома се усисува, по што следи капење, па нема мрдање надвор.
Не знам зошто тоа досадно капење мора да го има секоја недела. Па, макар само затоа што струјата тогаш била ефтина.

Па, криза е криза, нели? А кога е криза, вреди да си ги стегнеме забите, односно носовите и … да не се капеме. Со што ќе му олесниме на „најдобриот министер“ во Владата на Ковачевски – Бектеши. Кутриот човек, не ни знаев колку мака имал поради нас и нашето капење, сеедно што тоа го правиме во ефтина тарифа. Така и ќе остане некој денар за оној директор на М НАВ, Хамиди, кој имал плата од 345 000 денари.

Затоа, зар не е подобро да се донесе закон со кој капењето ќе биде дозволено само за време на празници. За верниците – и на верски празници, за атеистите, само на световни празници.

Па така, би можеле да се капеме колку што сакаме на 3 Март – празникот во чест на Сан Стефанска Бугарија. Еве Зајкова од партијата која не знам како се вика, наместо да се замара со студентите и нивниот оброк кој да ти бил поообилен од тоа што ним им треба, може да предложи нов закон – Закон за капење на верници и на атеисти.

Кај световните празници, бањањето би било дозволено само за време на бугарските и грчките празници. И на 20 отсто од албанските празници. И во законот да стои обврска за Османи да ни изготви календар на тие празници. Кој потоа ќе го прати во Венецијанската комисија за проверка, зашто како што ги промашуваат знамињата, можат да ги промашат и празниците, па наместо за време на некој грчки или бугарски празник, ние да се капеме за време на некој руски празник. Што само по себе би било скандал! Е’еш такво НАТО во кое луѓето од неговите членки се замиваат на руски празник.

Но, за секој случај, доколку такво нешто и бидне, секој да биде должен после тоа да поднесе изјава на извинување: „Јас Павле избањатиот, изјавувам дека тоа капење за време на руски празник не беше капење. И длабоко се каам поради тоа“. Поради што? Па поради тоа што се избањав, ама во исто време и не се избањав. Што не е јасно? Па „тази дупка, не е дупка“. Ви текнува?

И така, додека усисувам и откако го решив проблемот на Бектеши со штедењето струја, како и проблемот со платата на Хамиди, на ум ми дојдоа комуњарските гавази кои рипнаа дека Мицко не се оградил од Ванчо Михајлов. Оти Иванчо штипјанчето бил злосторник, фашист и што уште не! Добро. Само не ми е јасно како тоа оние најзапалените против Ванчо, чисти души милосрдни и миротворни, не се оградиле и од самите од себе и од нивната омилена партија која е наследник на комунизмот. Не е јасно како не се оградија и како за такво нешто зборуваат тие што имаат континуитет со убијците на Ченто, со убијците на легендите Шатев и Брашнаров, контиуитет со тие кои со чекан ги убија оние 53 несреќници од затворот во Велес, тие кои имаат континуитет со Голи Оток, со убиството на братот на Никола Карев, Ѓорги во Идризово, со убиството на Ристо Шишков, со затворот на поетот Котевски, со смртта на стотици жртви на транзицијата кога застанаа зад најголемиот грабеж во историјата на Македонија, за да може нивната партија, наследник на СКМ, да биде богата и да ја контролира државата и кога не е на власт праќајки му на Љупче војводата коферчиња со марки.
И усисувам некоја пајажина, извојувајќи историска и велелепна победа над некој пајак, ама паметот ми е во нив. Чедни души напатени, имале мака тие со бај Ванчо. Човек да не верува. Бандата комуњарска, ете конечно ја разоткрила ВМРО оти не се оградила од Ванчета. Таа банда која е наследник на системот кој во онаа Европа поради чии пари ја продадоа Македонија, се смета за еднаков со фашизмот. Со тоа и тие што го поддржувале, сеедно што сега заради свој интерес, ги милува. Да, оној фашизам за кој го обвинуваат бај Иван, го сметаат само за една страна на медаљата, а на другата страна се наоѓа нивниот комунизам. Кај нас олицетворен во Голи Оток, а во нивниот СССР кој требаше да ги направи Англија и Америка земји пролетерски, олицетворен во Сибир.

И пак ми се врти реченицата – просто неверојатно. Тоа е како Гебелс да ви држи лекции за слобода на говор, Менгеле да ви кажува за Хипокрит, а Сталин (Хручшов, Брежњев…) во чие време беа унипштени стотици манастири, да ви чита некое евангелие од Библијата. Стои на онаа висока бина на Црвениот плоштад, едната шака ставена до половина во шинелот, со другата мафта додека гавазот ја држи Библијата и чита: „Блажени се комуњарите на Северна, зашто само тие можат да држат лекции…’

За да биде доживувањето комплетно, се јави и Ковачевски. И тој знаел и разбирал нешто за Ванчо Михајлов и ВМРО, па и тој, кутриот, се вклучи во разобличувањето на партијата на небањати која сака да стане партија на бањати. Што не е мала работа! Премиерот на Северна, чиј стомак се распорувал додека преговарале со Бугарите дека сме Бугари, ни објасни какви се другите кои не преговарале со Бугарите дека сме Бугари, ама имале бугарски континуитет. Тачевци и Заевци се откажаа од името Македонија, се откажаа од Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум, нивниот претседател на „нашата држава“ го прекрсти Гоце во Бугарин, тие и нивните мегафони всушност почнаа да ја остваруваат идејата на Ванчо Михајлов за тоа дека Македонците се Бугари, ама види ги мајчините – ги разоктрија овие рекордериве по прес конференции дека биле тоа што се тие. Е, море Таче, Таче.

Но, тука морав да прекинам. Поради псовка. Не, не, не кон конкретните персони. Туку кон усисивачот. Прегреал, мамето негово, баш на половина. Но, гледано од ведрата страна на историјата, тоа е тамам време за пауза и за една македонска жолта. Ама, ми текнува дека тоа можеби е спротивно на Бугарскиот и Преспанскиот договор, оти ако е македонска тогаш е забранета. И затоа ја истурам во умивалникот. Тоа ти е… Мал чекор за мене, но голем за Северна. Да живее братството и единството со нашите соседи и со домашните пазачи на континуитетот на ВМРО!