Пишува: Дарко ЈАНЕВСКИ
Некои велат дека не ги сакаат турските серии. Јас ги сакам. Еве деновиве го гледавме сто и првото продолжение од серијата „Ваксери против антиваксери“ и обратно. Еднаш, едни од серијата, ги чекав цела година да се бакнат, ќе видиме како сега ова ќе се развива. Турците се покажаа како прилично иновативни. Ама непредвиливи во тоа дали на крајта ќе се земат или ќе ќе се истепаат.
Како и да е, од Заев и Филипче вчера разбрав дека ситуацијата ни била драматична. И дека за тоа биле виновни овие што не сакаат да се вакцинираат. Лани, виновни беа тие што не сакаа да носат маски. А за умрените виновни беа самите умрени оти доцна се јавувале на лекар. И дека имале и други болести. За да звучи посериозно, онака понаучно, тоа го нарекуваа и го нарекуваат коморбидитети. Е, тие со коморбидитети, откако веќе биле болни, пак се разболеле, што е срамота само по себе, па уште и се лутеле што не биле излечени. И што умреле. Што навистина ги прави глупави луѓе.
Во секој случај, секогаш некој друг е виновен. Обично самиот народ. Никако тие што седат во фотелји. Еве и прележаните се виновни што прележале. Ако умреа, пу-пу, далеку било, не ќе го имаа проблемот со антителата до таван. И не ќе се плашеа да се вакцинираат. Вака, испаѓа дека 44-тиот ден можат да влезат во кафеана како луѓе и да излезат како магариња, ама 46-тиот не можат да излезат како магариња. Затоа што не можат да влезат како луѓе. И после нека каже некој дека бројките не се битни. Само што овде пак нешто е не јасно: четворката е поголема од шестката, а ние мислевме дека е обратно.
Но, ако има нешто позитивно во ова, тоа е што ние другите кои сме привилегирани, сме на слатка мака: сега во кафеана треба да пиеме по една за себе, а по една и за овие „небањативе“. Во стилот: една за Вицето, една за црквата. И на крај и ние ќе излеземе од кафеана како магариња. И сите ќе си живееме среќно. До утринскиот мамурлак.
А, ако го слушате и градоначалникот на Штип, Сашко Николов, виновни биле и пушачите. Момокот исто така бил лекар, па знаел. Сме пушеле по две-три кутии цигари на ден, а сме сакале да немаме мртви од короната. Што навистина не сместува во редот на недоветни. За разлика од Турците, на пример, кои ем си пушат, ем имаат 638 мртви од корона на милион жители, четири пати помалку од нас. Да повториме – четири пати помалку од нас! Како и Албанците во Албанија. Кои имаат 862 мртви на милион жители наспроти нашите над 2 500 на милион. А чадат бетер и од Турците. Како и Србите, Грците, Италијанците со кои сме тука негде во пушачката трка…
Но, сите тие можеби лажат за бројките. Зашто ги мразат Филипче и Заев. Па ем си дуваат, ем кафе и чај си пијат, ем помалку умираат. Но, затоа ние можеме да им го кренеме средниот. Прст. Оти и ние коњ за трка имаме. Сашко Николов-градоначалникот на Штип.
А, ете при ваква драма, со по 1000 заразени на ден и 20-тина починати, децата ќе почнат да одат на училиште. Што е за пофалба. Оти ништо не можело да ја замени училишната клупа. Браво. Ние родителите, односно некои од нас, досега бевме глупави и не го знаевме тоа. И затоа сакаме децата да останат дома. Не за да не се заразат, не за да не го пренесат вирусот некому дома, макар сите членови биле вакцинирани. Од вакцини кои штитат, ама пак и не штитат. Само десет отсто вакцинирани се заразувале, некои од нив завршувале и в болница, а некои од нив и умирале. Е, токму тој еден што може да умре, колку што ми е мене познато, за него не е 10 или еден отсто, туку е сто отсто. Тоа дете, кое ќе се зарази, ако има последици, за родителот е исто така сто отсто, а не бројка во статистиката на некоја студија или во статистиката на Филипче и Заев. Да не зборувам за оние кои Харвард професорот, д-р Мартин Кудорф, ги нарекува „ваксинални фанатици“. Ама ајде, тоа е веќе друг муабет, ние да се вратиме на децата и училиштата…
Па, при сето тоа, интересно е дека, ако сте забележеле, Филипче и Комисијата на Караџовски мудро се држат настрана од децата. Ја оставаат истопорена „госпоѓата министерка“ за која сме сигурни дека има познавања од делење презервативи и од мавтање ЛГБТ знаменца, но не и за тоа дали децата, среде ваква пандемија која допрва ќе се разгорува, треба да одат на училиште! Но, ете, „госпоѓа министерка“ била сеопфатна.
Плус, истиот егземплар, што би рекол покојниот Никола Кљусев, вели дека ако „има потреба“ моделот на настава со физичко присутво ќе се сменел. Па ич да не се секирате. Прашањето е, што значи тоа „има потреба“?
Веројатно ни самата не знае. А прашањата се едноставни: Која е дефиницијата за „има потреба“ во ваков случај? Кој е критериумот врз основа на кој ќе се каже дека сега „нема потреба“, а утре „има потреба“? И обратно. Колку е тоа во бројки: 1 500 позитивни на ден и 30 мртви, 2000 позитивни и 50 мртви? Едно дете заразено, десет, сто, илјада? Кој е критериумот за „има потреба“, ајвани?
Посебна категорија во оваа приказна се помирените родители. Некои прашуваат: „Ако нешто се случи, кој ќе одговара?“ Демек, многу е битно кој ќе одговара, ако детето ти се зарази. Или ако од него се заразат дедо му или баба му и завршат во болница. Бог да чува!
Не го кажувам ова прв пат, но веројатно вреди да се повтори: Македонија не е ни САД, ни било која западна земја. Во Шведска, Норвешка и слични земји, некои податоци велат дека 50 отсто од луѓето живеат како самци. Тие што имаат деца, живеат како семејства во кои под еден кров се две генерации: родителите и децата.
Во Македонија е обратно: половина семејства се со три генерации. Се сеќавам кога еден државен службеник ми раскажуваше како бил испратен во западна Македонија да проверува дали луѓето од некои семејства кои примаат социјална помош, навистина ги исполнуваат условите. Влегов, вели, во забарикадираниот двор и одеднаш почнаа да излегуваа десетина и повеќе луѓе: деца, родители, баби, дедовци – членови на повеќе фамилии, а сите заедно на крајта чинат една.
И вие при вакви услови, главно наметнати од ниската економска база на оваа криминална и лоповска држава, при 1000 заразени на ден и 20-тина мртви, ќе ги праќате децата на училиште? Или ќе им правите ротации, па сега една-две недели ќе се заразуваат едни, а потоа други? Во земја во која 44 отсто од луѓето кои влегле со Ковид во болница излегле во сандак? Во земја која, ако е во право проценката на директорот на статистика, Апостол Симовски за тоа дека има помалку од 1,8 милион жители, бројот на мртви на милион житеи ја искачува на второто место во светот, веднаш зад Перу со над 5000 мртви на еден милион? Ви изгледа ова нормално? Си играте ли вие?
Ах, да, многу се грижите за менталното здравје на децата и за квалитетот на нивното образование. Некако упорно го заборавам тоа. Само едно нешто ме мачи: зарем не ви беше поважно летово да има свадби во затворен простор? Ставете ги свадбите на една страна и децата на друга. Велите дека многу се грижите се децата, ама летово уште повеќе се грижевте за свадбите. Јака работа. Да се изнарипаат на оро, да се опијат и да се изнајадат. И сега имаме колапс!
Сумирано кажано, експерименти да си правите со вашите деца, иако и за тоа би требало да ве испратат во установа, а не со туѓи. Навистина, дали некој мисли дека е возможно децата да издржат на дистанца од два метри, со маска на лицето од осум до 12 часот, најмалку? Нема да се приближат, нема да ја симнат маската, ќе одат по протокол во тоалет кој оддалеку мириса? Што ќе биде во октомври кога ќе почнат да им течат носињата, да кашлаат, кога по логика на нештата сите ќе станат заморни од мерките за на училиште и ќе се олабат… Знаете ли кој хаос ќе биде?
Да не зборувам за гимназијалците. Нив ќе им наредите да бидат на два метри оддалеченост и со маска? Можеби тие не го пренесуваат вирусот и не се заразуваат! Сигурни сте? Истите вие кои донесовте Фајзер вакцина за деца од 12 до 18 години! Зашто ја донесовте тогаш? Зар не се безбедни децата од овој вирус? Или не се. Така велат податоците од болницата во Козле, зар не?
Значи, децата оставете ги настрана. За да одат на училиште, требаше да се погрижите вирусот летово да не се рашири. Сигурно немаше да го спречиме, но прво треба да ни објасните како го спречуваат, на пример, во една Финска, тоа е моделот на госпожата министерка, нели, која има 146 мртви на еден милион жители, како тоа тука негде е Норвешка, зошто Данска е со 400 жртви на милион и каде вие ја утнавте па имаме 2 500 (и сите овие држави тие бројки горе-доле ги имаа и пред вакцинирањето). Или ние сме Балкан, а? Е па, ако сме Балкан, тогаш нека не ви биде чудно што луѓето не ви веруваат.
Впрочем, сосема една работа е дали некој ќе може да оди во кафеана или не. Сосема друга работа е да ги ставиш детето и неговите во ризик, па макар тој бил и минимален, а не е! Кафеаната порано или подоцна не му бега никому кој ја сака, а ние десет дена и повеќе се расправме за тоа. Грешка е – да, од сите аспекти – и од медицнски (така тврдат повеќемина наши експерти, нели?) и од правен и од економски аспект, таа е тотален колапс, но таа мерка излезена од мозок кој е еднаков на капацитетот на малото новинарско бабуле, може да се поправи.
Но, ако се згреши кај децата, враќање нема. А ваша работа во оваа година ипол беше, да најдете начин, наместо да се расправате прво за маски, нешто што се решаваше за ден и половина, па за вакцини за кои никој не се објаснил во светот, па за болните затоа што се болни, да најдете начин, оние другите последици за децата од учењето од дома да бидат минимални. Тоа што тука ја утнавте, не значи дека сега треба да се плати со ризик за децата од овој вирус, за кој, благо кажано, никој во светот нема целосен поим и сознанија зошто се однесува така како што се однесува, уште помалку ние овде.
Ах, да не заборавам, уште нема објаснување зошто лани имавме 25 000 мртви, наместо 20 000 колку што е вообичаената смртност во Македонија на годишно ниво. И зошто оваа година веќе досега имаме 5 000 мртви повеќе.
Патем, здравствениот систем ви е повторно затворен, нели? Зошто, ако се е во ред и ако децата можат слободно да одат на училиште?