Дарко ЈАНЕВСКИ
(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и ги одразува неговите лични ставови, а не нужно и ставовите на Денешен.мк)
Мицкоски најави „сериозна робусна акција“ после изборите. Мислеше на правосудството. Што се разбира, иако само во најава, ги возбуди комуњарите. Допрва ќе се возбудат и шарените. Допрва, ако таа „сериозна робусна акција“ навистина се случи, ќе се возбудат многумина.
И ќе почнат да врескаат. Ќе сторат сè што можат Македонија да биде оцрнета дека власта го става правосудството под свое и ќе сторат сè што можат да ги спречат промените. Но едно треба да се има на ум: Македонија не постои заради комуњарите и заради шарените.
Иако тие живеат во таков свет. Свет, во кој Македонија е само тезга на чиј грб тие можат да влечат пари за себе – пари, позиции, функции, моќ… За себе и за своите деца. Во нивниот мозок, Македонија постои заради нивна добробит.
И таа реалност треба да се смени. Оти Македонија постои заради нас, заради секој од вас. А тие сакаат правосудство – не по источен, не по западен терк – тие сакаат правосудство по наш терк, правосудство кое заедно со МВР ќе ја исчисти државата од организираниот криминал.
Да биде јасно: не постои држава која до крај се справила со организираниот криминал. Само што постојат држави кои ги убедиле своите граѓани дека кај нив го нема (тоа се главно тие од запад) и постојат држави каде перцепцијата е сосема обратна и одговара на реалноста.
Ние сме во оваа втора група. Не ни треба да бидеме во првата – и тоа нема врска со политичката ориентација (запад или исток). Нам не ни треба перцепција дека мирисаме убаво поради тоа што сме напрскани со скап парфем, додека под облеката мирисаме на неискапеност со денови. Нам ни треба чиста од организиран криминал држава, нам ни треба правда и тоа мора да се постигне независно од врескањата што ќе се слушаат. А че се слушаат од Галичник до Река.
Пред 20 години, мислам дека се точно толку, тогашниот јавен обвинител на РМ, покојниот Александар Прчевски, рече дека е „последниот будала“ во оваа држава кој се нафатил на таа функција. Беше разочаран, депресиран и девастиран од тоа што го гледа. И беше искрен.
Зашто Македонија не била, не е и нема да биде правна држава ако работите останат вакви.
И затоа – по ѓаволите и со комуњарите, и со шарената банда, со т.н. невладини организации на стариот Сорос, со бандитите на кои ваква Македонија, со хаотично, никакво и скапано правосудство им одговара до срж. Тие се подли безрбетници, заинтересирани само за свој бенефит – кој за чорба од „пеесче“, кој за милиони – и ним средена Македонија им е ноќен кошмар.
Ако хаотичната Македонија ја нема, ќе ја нема водата во која тие банди пливаат. Ќе ги нема ни странските пари кои им овозможија куќи, џипови, луксузни одмори. Ќе ги нема парите кои им овозможија од влечки од Бит Пазар да скокнат во италијански чевли, иако не знаат ни што се, ни како се.
И тука не треба да се прави компромис. Доволно се чекаше. Сега не е пет до 12, туку 12 и пет за да се среди таа работа – на секој начин и по секоја цена. И не само во правосудството. „Робусната акција“ мора да го опфати целото општество, секој сегмент, секоја пора од која избива неприродна пот со мирис на болест, со мирис на нездрав, расипан и скапан организам, кој е гнил од самото негово создавање.
Впрочем, не случајно Тошковски, по повод катастрофалната трагедија во Кочани, рече дека каде и да се свртат, што и да допрат – сè е гнило. Пустош. Хаос и анархија. А така е речиси насекаде.
Зборувајте со кого сакате во оваа држава кој има некаква функција – од министер, па надолу – и ќе ви го каже истото. Начекале гнилеж, начекале гангрена, начекале пустош.
Посреден бил урнатиот до темел Берлин на денот на потпишување на капитулацијата на Германија во мај 1945 година, отколку Македонија на 23 јуни ланската година кога е избрана Владата на Мицкоски. Седумте години на Заев и на шарените до тој степен ја уништија Македонија, што нејзиното постоење, само по себе, може да се нарече осмо светско чудо.
И тоа мора да се смени. Нека плачат тие што ќе плачат, нека врескаат тие што ќе врескаат, нека кодошат тие што ќе кодошат – тоа мора да се смени. Исто како што бебето мора да пие млеко, како што човек мора да дише, исто како што мора да се живее.
Всушност, овој пат мора да се одбере: или ќе живееме како луѓе или ќе живееме како некој народ кој не заслужува своја држава и кој е подобро што во 1913 година бил поделен. Впрочем, како што му рече во деведесетите години на Бранко Црвенковски оној бивш француски премиер, Пјер Мороа: „Не може секое племе да има своја држава!“
Речиси 30 години по оваа изјава, ние сè уште не сме мрднале многу подалеку од таа состојба. Да, одредени исчекори имаше, но тоа е далеку од потребното.
Затоа, Мицкоски не треба да се осврнува на врескањата кои ќе следат. Тие нека врескаат, тој нека го заврши тоа што го најавил. Затоа што бандите мора да поминат како што поминал Наполеон на Ватерло, како што помина Хитлер во Сталинград.
Во таа борба, најлошо што може да се направи е одредена кооперација со „шарените“, која тука и таму се случува. Тие се како канцерогена клетка. Ако ја оставите, ако не ја отстраните, таа ќе се притаи одредено време и потоа пак ќе букне.
Патрик Сун Шионг – сум објаснувал веќе кој е човекот и каква величина е – вели дека ракот е паметен. Знае како да се сокрие. И потоа, кога ќе помислите дека сте постигнале некаков пакт со него, дека нема да ве убие, тој ќе експлодира и ќе ве уништи. Зашто тој има памет – или барем така го третираат експертите.
Не е тоа тука-така, што еден наш стручњак, гледајќи деновиве една снимка, барајќи го канцерот на неа, задлабочен во сликата од компјутерот, повеќе за себе, промрморе: „Не го гледам, ама тука е некаде! Каде се крие?“
Исто е и со „шарените“ – збор што стана синоним за хаосот во правосудството и во секоја друга област во државата, синоним за деструкција на Македонија.
Притоа, не зборувам за конкретни луѓе. Зборувам – и тоа не е прв пат, речиси во секоја колумна – за ментален склоп. Тој е канцерот што ќе вреска, ќе плаче, ќе рика, потоа може да се прикрие, но тоа нема да значи дека исчезнал.
И со него нема компромис. Зашто работата е дојдена до судбоносното: Или ќе нè биде или не!