Дарко ЈАНЕВСКИ

Кој стигна се „изреди“ на Макрон и на амбасадорот Тимоние во изминатиот период, за да ни каже зошто францускиот претседател ни ги извлекол ушите. Среќа што сме живи во ова време, инаку не ќе знаевме дека на овие 160 на 160 км има толку многу умови. Едноставно, нели, што би рекол Љупче наш, а Заев муртински би дополнил, блескаме!

Приказната со Макрон, меѓутоа, за жал на нашите политички ајнштајни од двете страни и плус збогатени со шарлатаните од разно-разни „невладини“ кои освен две-три мантри ништо друго и не можат да научат, е прилично едноставна.

Имено, Македонија го смени своето име по една опсежна операција во која беше вклучен целиот запад, иако тоа сега веќе се смета „пасе“. Но, не сме заборавиле дека и покрај масивноста на таа операција, Заев ги загуби изборите. Заев загуби и кога со несанкциониран криминал беше избран Талат Џафери (колку и да ви изгледа чудно дека „Заев загуби“ при тоа). Заев и сите тие странци кои се истоварија овде, освен Макрон кој не почести со видео порака оддалеку, изгубија и на референдумот. Изгубија и кога го менуваа Уставот бидејќи мораа луѓе да носат од притвор во Собрание… И да не набројувам понатаму.

Сето тоа, па и настаните што се случуваат во овие неколку години во целото „северно“ општество, а не само во власта, е доволен показател за Макрон дека оваа држава не е самостојна и суверена. И тука, веројатно нема спор за тоа ни меѓу нас. Тоа ни е на сите јасно. За се што ќе се преземе, освен за градинка во Облешево или во Конопиште, треба да се праша кај „шефот“.

Така доаѓаме до изјавата на Макрон за НАТО со која тој истакнува дека Алијансата е клинички мртва. Што во суштина значи дека таа и да се врати во живот, веќе никогаш нема да биде тоа што била. Едноставно, условите во светот се променети и тука немаше да помогне ни САД, па макар го воделе десет Хилари, а не Трамп.

А, ако, според Макрон, НАТО е клинички мртов (еве дури и да земеме дека тоа не е така, нема да избегаме од фактот дека официјална Франција мисли така и дека тоа тешко ќе се промени), тогаш не останува ништо друго освен да се констатира дека веќе не може да се зборува за евро-атлантски интеграции, туку дека двете нешта треба да се раздвојат. Едно е членството во НАТО, сосема друго членството во ЕУ. Впрочем, ете ја Турција како пример која дреме пред Брисел 30 и кусур години.

Како и да е, сето ова значи дека сега, посебно по излегувањето на Британија од ЕУ, работите се менуваат. Франција сака ново ЕУ, а во тоа ново ЕУ сака да има стабилни партнери. Значи, земји, држави кои се тоа како што вели името, а не некакви протекторати. Фактот што тој најавува разидување меѓу „евро“ и „атлантските“ (иако тоа постои одамна) покажува дека на Франција и е доста од држави кои не командуваат со себе, туку се држави со кои командува некој друг.

Така доаѓаме и до практичните прашања. Кој би седел на маса со Макрон или со било кој француски претседател од нашата страна? Зоран Заев? Треба ли да се објаснува дека со неговото доаѓање на власт, Македонија нема свое мислење. Нема своја глава, нема став, нема свое…, всушност нема ништо. Таа прави тоа што ќе и го кажат. Од договори со соседите, па смена на името, се до тоа кој треба да оди во притвор, како што сведочеше пред некој ден екс претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски за Дејвид Стивенсон од американската амбасада. Па, така, ако нам други ни одредуваат кој ќе оди во притвор, а кој не, ако и самите Французи се свесни дека тоа со СЈО беше криминал сам по себе (сеедно што и тие го поддржуваа за на крај да ни кажат дека сме корумпирани), ако се свесни и ако знаат дека во оваа држава медиумите се или под партиска или под амбасадорска капа, ако се свесни дека поголемиот број од т.н. интелектуалци лесно можеш да ги купиш со некој проект, ако се свесни дека во оваа држава не постојат невладини организации туку сите се испостава на една или повеќе амбасади и служат за лично богатење со тоа што секогаш се подготвени да одработат нарачка, ако знаат дека со пар лижавчиња можеш да ги купиш и пратениците (ако лижавчињата не успеат, тогаш има и други методи кои ги видовме), ако еден директор на медиум се жалеше дека некои новинари повеќе време имаат потрошено на клечење по амбасади или во МВР, отколку во самата редакција, ако… има уште многу ако, но се сведува на тоа – Македонија не е држава која има своја глава и свој ум.

Тоа значи дека Макрон калкулира со тоа дека во перспектива, на маса со него може да седи некој кој, бидејќи нема своја сувереност, ќе исполнува туѓи наредби, а тоа не е нешто што тој го посакува. Во претпоставена ситуација, Македонија и некои земји слични на неа (зошто да не Албанија), ќе можат да блокираат некој негов предлог, некоја негова замисла, не затоа што така мислат, туку затоа што на нивните претставници така им е наредено од тој што ги донел на власт. А тој некој, не е народот!

Таа различност во ставовите меѓу Франција и земјите или земјата која е наредбодавец во Македонија и Албанија, до пред некоја година и за самата Франција веројатно не изгледаше нешто страшно. Но сега, кога официјален Париз најавува дека НАТО и ЕУ веќе не се во љубовта од времето на медениот месец, работите драстично се менуваат.

Впрочем, Франција и ЕУ, односно земјите од евро зоната, тоа искуство веќе го имаат со должничката криза во Грција која се закануваше да го урне еврото. Имено, Грција стана членка на еврозоната без да ги исполнува условите (со буџетски дефицит од 14 отсто, наместо дозволениот од три отсто) и со фалсификувани податоци. Фалсификатот беше извршен од страна на американскиот Голдман сакс и тој фалсификат се провлекуваше со години. Иако Евростат ги предупреди министрите на ЕУ, тие замижаа над овој податок зашто тогаш ништо од тоа не беше така страшно.

Но, 2008 година изби хипотекарната криза во САД, а веќе следната година, одеднаш, Грција, Италија и Португалија веќе не беа способни да ги враќаат долговоите. Тогаш од нигде-никаде се појавија Ципрас и Варуфакис кои ветуваа излегување од еврозоната и враќање на драхмата.

Таа криза, го урна Силвио Берлускони, и ја уништи ПАСОК, а не нејзино место беше исфрлена СИРИЗА. Опасноста од излегување на Грција од еврозоната, ќе значеше и колапс на еврото, односно колапс на германската, но и француската идеја за ЕУ. Веројатно не треба да ви објаснувам за кого одиграа и Ципрас и Варуфакис, зошто Германија и Франција ги фати паника од уривање на еврото и како потоа Грција сепак „легна на брашното“, но заканата остана.

Гледано денес од француска перпесктива, тоа значи: ако ви внесат клин во Унијата, таа Унија секогаш може да доживее потрес. Како? Едноставно – со извлекување на клинот.

Тоа Франција, а да не се залажуваме, ниту Германија, ниту било која друга ЕУ држава која не е потрчко, не го сакаат. Оттука, пораката на Макрон со блокадата во својата суштина не беше во реформите, туку во тоа дека не сме суверени и самостојни во носењето одлука. Кога то ќе постанеме, тогаш ќе може и да разговараме.

Се разбира, ова никој нема да ви го каже в очи. Нема да му биде кажано ни на Стево Хубави при средбата со Макрон. Ќе има муабет за се и сешто, за реформи, за Закон за ЈО (ново замајување за празноглавото ни општество и „коска“ за „независните“ медиуми и „невладините“), за криминал и за корупцијата кои не можеме да ги решиме, зашто немајќи своја глава го урнавме и она малку од правниот систем што функционираше… но нема да има муабет за суштината, зашто таков муабет Макрон нема ни да си дозволи со Хубави.

Впрочем, Али Ахмети за сето ова најдобро знае. Прашајте го кој му ја оформи Владата со Заев и се ќе ви биде јасно. И мислите дека сега, Франција и Германија го сакаат тоа? Дека сакаат со нив на маса да седи земја која не е способна да ја одбрани волјата на народот искажана на референдум, макар токму тоа и тие го поддржувале? Тоа беше замката, која комуњарчињата, шарените (и оние „твродкорните“ и оние што се шалтаат) и новопечените, но и старите „ем вмровчиња, ем мангупчиња“ требаше да ја имаат в предвид. Ќе ве направат „курва“, а потоа ќе ви кажат дека они со курви, сепак, не се дружат. Многу едноставно.

И тоа, господо и другари плус другарки, нема да се смени, па макар утре Макрон и дозволил датум. Ние, на маса со него и неговите наследници нема да седнеме. И истото се однесува и на Албанија. Најмалку затоа што е муслиманска, а пред се затоа што е на копче. И Албанија и Косово и Албанците од Македонија. Тогаш, кога копчето ќе го вратиме во рацете на граѓаните, тогаш веќе ќе биде друг муабетот.