Дарко ЈАНЕВСКИ

Скромно и во кругот на семејството ја дочекав веста обнародена од нашиот мил Ковачевски-Таче, дека ќе се намалел данокот за влошки за менструален циклус и данокот за тампони. Како што кажа Таче, така влошките ќе биле подостапни за сите жени.

Да бидам искрен, не знам што правеле жените пред оваа мерка на Таче. Мислам на оние за кои влошките не биле достапни. И зошто на Таче му требаше цела година за да му текне дека жените на секои 28 дена користат влошки? Но, нели, никогаш не е доцна!

И навистина, што би правале жените да не е Таче? Би живееле во темнина,.Односно во влага. Која што, тоа барем е општо познато, е штетна. За здравјето. Што го прави Таче не само херој за женскиот циклус, туку и чувар на општото здравје.

Одам да прославам за оваа вест во мојата омилена „кафеана“ лоцирана на гајбата пред маалската пиљара и дознавам дека веста била поздравена и од мажите кои се чувствуваат како жени. Како и од оние кои се среден род, односно ни мажи, ни жени, а на кои во иднина може да им текне да станат жени. Што покажува дека Таче има добра волја кон сите три рода на човечкиот род и кон човековото право час да бидеш машко, час женско, час ниту едно, ниту друго, а потоа, ако сакаш, се од почеток – машко, среден род, женско, па пак машко… И така во круг. Не знам само зошто ваква мерка не беше донесена во времето на Царовска и нобеловецот Заев. Веројатно тогаш, Нобеловата награда немаше да изостане.

Се разбира, како и обично, има и незадоволници. Тоа се жените кои веќе немаат циклус, а според нивниот приговор оваа мерка ги потсетува на времето кога имале, што значи дека малку остареле. Со што Таче ги дискриминира, зашто нашиот Устав забранува жените да бидат потсетувани колку години имаат. Ама ова веќе е пресложена материја за Таче кумановац. Како стојат работите, и ова досега е многу од него.

И повторно, останува дилемата што мислел Таче кога изјави дека ова ги прави влошките да бидат подостапни за сите жени? Дали тоа значи дека тој една година е премиер на држава во која жените немале ни за влошки? И дека наместо влошки користеле од оние крпите во кои пред 50-тина години се продаваше прашокот „факс“, а кои, откако ќе се потрошеше прашокот, грижливо се переле и се користеле како крпи за циклус наместо општо познатиот цик-цак?

Не знам од кој век е Таче, се чини од 19-ти, ама жените во Македонија одамна се во 21 век, барем кога ова е во прашање. Но, ѓаволот ни ора, ни копа, па изгледа дека во ова можеби прсти замешеле жените во Владата? Славјанка, скафандерката, можеби бившата министерка Царовска која закачила некој странски проект – „Влошка за секоја жена“? Можеби некоја од нив дури сега сфатила за што служат оние пакетчиња во маркетите во одделот за хигиена, со нацртани капки на нив?

Во секој случај, ова е напредок за комуњарите. Од факс хелизим крпите, нивното раководство со џиновски скок се префрли на влошки и тампони. Или што би рекол Дарвин – еволуирале. Останува уште да видиме што ќе кажат верниците меѓу нив кои не го признаваат Дарвин. За нив веројатно ова со намалување на цените на влошките за пет денари е Божји знак. Божја промисла испратена до Таче. Или можеби како што Павле имал видение дека некој Македонец му рекол да дојде во Македонија, така и Таче имал слично искуство. Поефтини ги влошките, му рекол гласот. И поскапи ја струјата.

И гласот додал: „Што ти е гајле ако им ги поефтиниш влошките за пет денари, а им ја поскапеш струјата за пет отсто, лебот за 60 отсто, месото за 100 отсто…! Оти овие на кои на времето им го пратив Павле и онака ќе си молчат. Како овчички. Мали, милни овчички кои знаат само за „беее“!“

Како и да е, Таче има проблем со елементарната економска логика. Не е проблем во тоа колку чинат влошките, туку зошто жените, мажите и оние од среден род, се слабо платени, па ефтините влошки им се скапи.

И второ, беден е обидот да се ќари некој поен од тоа што жените, еднаш во месецот, ќе заштедат пет денари. Еве на кумановац да му дадеме попуст, па петте денари нека бидат 10. За 12 месеци тоа е заштеда од 120 денари. Па после како да не воскликнеш: Таче, Таче, љубов наша херојска!

Е сега проблем е ако кај некоја жена циклусот ги скокне термините. Ако циклусот ги испомеша деновите, па наместо 12, има само 11 циклуси во годината, а кај некоја друга мешаницата доведе до 13-ти циклус во иста година. Што треба финансиски да се изрегулира. Дилемата е, меѓутоа, како Владата ќе знае која жена имала 12 циклуси, а која 11 или 13 во текот во текот на годината?

Меѓутоа, затоа тука е Артан Груби, кој ќе формира меѓуресорско тело за субвенционирање на заштедата од влошки кај жените кои наместо 12, годината ја поминале со 11 циклуси. Се разбира, и таму треба да се води сметка за правичната застапеност, што ќе овозможи правилно за секоја жена и по национална основа, владиното тело да води евиденција – кога која жена добила циклус и кога и’ завршил циклусот. И потоа да реферира на владина седница. Прашање е како ќе се проверува колку циклуси имале жените, ама, пак, нека мисли малку и Груби, не можам се јас да смислам. Се разбира, ова треба да влезе во извештаите на ЕУ за Македонија – како тоа од земја која учела од другите, сега станала земја која им држи лекции на другите во областа на слободите и правата на жените. И на мажите. И на оние што не се ни мажи, ни жени.

Па да и предложиме на Фон дер Лајенка истото да се воведе и во ЕУ. Тоа може да стане и копенхагшки критериум за пример во членство. Потоа да испратиме писмо и до Путин. Заеби војната, нафтата, гасот и струјата, направи табела за менструални циклуси, за данокот и за влошките. А, ако не одбие, по автоматизам санкции.

Не се сомневам дека за ваков проект Груби ќе издејствува и некој грант или уште подобро – донации од земјите кои се партнери на Северна, во што секако ќе треба да се вклучи и Бујар Османи. Чија последна мудрост е дека Македонија ќе излегла посилна од случајот Онишченко.

Што е уште еден доказ за величествената умственост на Османи која ние, обичните и приглупи, не можеме да ја сфатиме. Како Македонија ќе излезе посилна од тоа што некој го наполнил чекмеџето со парите од олигархот кој сакал наш пасош, не е сосема јасно, ама Османи, за разлика од нас приглупавите, е паметен дечко, па сигурно знае.

И за крај на оваа колумна за влошки, малку и за одлуката на Уставниот суд да ја отфрли иницијативата за фалсификат изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието во 2017 година, зашто тоа било конкретен избор и немало карактер на општ пропис. Мизерна мизерија, бедна бедотија на парталавите по ум судии кои, ако сакале, ќе виделе дека постои и член 51 на Деловникот н дека Судот може да поведе постапка и за поединечен пропис ако со него се загрозуваат слободите и правата на граѓаните на РМ. А со пучот извршен со т.н. избор на Џафери, беа загрозени правата на секој поединец во оваа држава. Белким не мислат во Судот дека, на пример, ако некој на сила го шутне Пендаровски од Водно, станува збор за поединечна работа во која Уставниот суд нема да се меша?

Патем, Судот зборува за „избор на Џафери“, а избор немаше бидејќи немаше легално свикана седница од Трајко Вељановски.

Па така, при ваков збир на умови во овој Суд, не знам зошто се прави проблем околу изборот на останатите членови до бројот од девет уставни судии. Слободно може да се постават дрвени кукли во фотелјите на уставните судии и така ќе добиеме Суд во полн состав кој умствено и интелектуално нема воопшто да биде на пониско ниво. Впрочем, дрвени кукли можеме да поставиме и на местото на Кацарска и останатите судии. Така ќе добиеме уште една заштеда. Дрвените кукли нема да носат помалку глупи одлуки од сегашниве, а не бараат ни плата, ниту пак прават трошоци. Што ќе значи дека Таче ќе може да ги поефтини влошките за допонителни пет денари. Да живеее Северна!