Дарко ЈАНЕВСКИ

(текстот е преземен од ФБ на авторот и не ги одразува нужно ставовите на Денешен.мк)

Има работи што не баш ги разбирам. Се обидувам да мислам за нив и да ги сфатам, ама некако тешко ми оди. На пример, ако прегазат дете на „Партизанска“ на пешачки премин, виновно е МВР. Добро, ама ако истото тоа МВР ни ја ограничи брзината на возење, пак ви
ната е кај него.

И си велам, нагоре високо, надоле длабоко. Ова му доаѓа некако како со жените. Што и да направиш, крив си! Нешто си ја утнал братче! Море цвеќе, ресторани, одмори… пак за нешто ќе бидеш крив, пак нешто ќе испадне дека си утнал (ги молам дамите кои ќе ги читаат овие редови да не се лутат – тука, сепак, не се брои ако си дојдеш во четири часот наутро пијан од кафеана со две кочии, едната за тебе, а другата за музиката или, како оној наш несреќник од времето на дедо Ное, поточно од времето на социјализмот, којод врата викнал „душо, одам да купам цигари и се враќам веднаш да усисам и да ја закачам завесата“, а се јавил после три месеци од Австралија).

Е сега, проблемот бил што заради бавното возење имало гужви. Кои, патем и мене ми пречат. Ама ми пречи и кога некое татино синче ќе прегази дете, а нашето судство, не за друго, туку оти мали им биле платите од по 200-3000 евра, ќе го ослободи на тато миленичето. Вози си ти татино, јас ќе средам.

Разбира се (како што би почнал со реченицата покојниот Глигоров), татини синчиња имало и ќе има. И кај нас и секаде во светот. И тоа ми е јасно. Ама не ми се јасни оние кои протестираат поради прегазувањето со голема брзина, а потоа протестираат поради ограничување на брзината. Не чинело оти ќе имало казна за 51 км на час. Добро, ајде нека биде ограничувањето на 55 км/ч. Ама тогаш нема да чини зашто ќе казнуваат за возење со 56 км/ч. Ајде тогаш да одиме на 60 км/ч. Ама, пак, ете ти белја, ќе казнуваат за 61 км/ч. Само за еден километар плус и добиваш казна.? Па кај го има тоа? Никаде. Држава ли е ова, да ти и*ам спечалот што казнува за еден километар плус?

И се мислам, се мислам, и пак не сфаќам. Се чешам по главата, не за друго, туку за да видам дали копривата од бавча навистина ослободува од првут на косата која ја немам, ама и тоа не помага. Па си велам, мора да е до мене. Нема друго.

Така некако му доаѓа и ова со мигрантиве. Претседателката Сиљановска вели дека нема ништо од тоа. Мицкоски вели дека додека тој е премиер, нема да има ниту еден мигрант. А ако го најдат тој еден, Мицкоски ќе си замине. Николоски демантирал уште во мај. Кога беше во Лондон. И после тоа. Колку да знаете дека ова не е ништо ново. Уште во мај рекол дека такво нешто нема. Панче Тошковски вели дека такво нешто нема и нема да има. И конечно, и Муцунски, кој кај нас ја има истата функција што ја имаат Рубио во САД, Лавров во Русија, а Сијарто во Унгарија – вели дека за такво нешто ниту станало збор, ниту ќе стане. И се некако ми паѓа на памет Џорџ Буш постариот кој на митинг во 1988 година рече: „Read my lips!“

Ама џабе. Почнувааат вести со најава: ќе има мигранти или ќе нема? Демек, отвораат дебата. Поставуваат прашање. Од јавен интерес. А всушност, малите бедни еготрипчиња без никаква, ама никаква, апсолутна никаква подлога за тоа (инаку, тие што имаат подлога за тоа, прво што сфаќаат е дека не треба да бидат такви) само се обидуваат да држат актуелна една непостојна тема, која им се видела фина на два-три британски медиуми. Кои истото го правеа со Албанија. Па Еди Рама му спискал на шефот на еден од тој медиуми. Всушност, зборот „спискал“ е мек. Биле затворени вратите, па сакал да го дигне на … како се вели кај нас, на клоци?

Е, а потоа, после клоците, тие медиуми приказната ја преместија кон Босна. Не „запали“ ни таму. Како „југо“ на дожд. И сега се свртија кон нас. Си велат, „југо“–„југо“, негде ќе запали, па ќе испадне дека сме погодиле. Во исто време си ја смируваат својата јавност. Демек, не се секирајте, еве, ќе најдеме некоја бедотија на која ќе им ја подметнеме нашава бедотија.

А овие овде се палат на тоа. Малите бедни празноглави еготрипчиња чие професионално досие е празно како новогодишна чорапа во која сте очекувале Дедо Мраз да остави нешто. И го палат народот. Демек, ќе дошол некој овде, а ние ќе ја бутнеме Владата. Оти таа ја продавала државата. Не, Заев не ја продаде, не ја „шитна“ како гајба од неговите ниви од Муртино, а тие го поддржаа во тоа. Заедно со оние кои шетаа со кофи боја низ Скопје, „донирана“ од странски амбасади. Не, тој не ја продаде, овие ќе го направат тоа.

Добро, ама пак си велиш: од горе до доле, од претседателката, од премирот, па се до последниот министер велат – нема, а тие пак продолжуваат. Како оние изгребани плочи на времето кога иглата од грамофонот ќе почнеше да стои на една те иста линија од плочата. И слушаш само едно те исто завивање за скршената чаша со вино и како тој ја сакал, а таа го оставила. Или кога ќе се заглавеше џубоксот во некогашните најново модернизирани кафеани во Скопје, со завеси на кои се налепени муви оти таму е потопло, чаршави на масите со коцкасти шари врз кои со крпа била замачкана флеката од компир-манџата од некој пред вас, со мрзлив келнер кому главата му паѓа заради дремката што го фаќа, оти синоќа баш малку претерал и готвачка која, што би рекол Бато Димитров, токму кога вас ви текнало што да нарачате отрчала до НА-МА да купи од најновата тура хулахопки, зашто ако не стигне сега, додека и заврши смената, сите до една ќе се продадат…

Да, да, пак забегав, за мигрантите зборував. И за расипаната плоча. Некој тргнал од африканско Конго на југ или од азиски Авганистан на исток, пешки кон Европа, стигнал до портите на Лондон и сега ќе доаѓа во Македонија. Во кампот во Бардовци што Заевци го планирале во 2018 г. Бог да чува и да брани!

Знаете, научниците тврдат дека нема ништо побрзо од светлината. Освен можеби вселената која, според нив, се шири со поголема брзина. Кон што се шири – никој не знае. Но, и да има крај на вселената, до него не можете да дојдете дури и ако се движите со брзината на светлината (на која, патем, и треба само осум минути за да стигне од Сонцето до Земјата, но која е стара 100 000 години колку што и треба за да излезе од внатрешноста на Сонцето до неговата површина), зашто вселената се шири со поголема брзина од 300 000 км во секунда.
Но, тие научници, никогаш не биле во Македонија. Тука, кај нас, има нешто што се шири навистина побрзо. Руши светлински и вселенски рекорди. Што е тоа? Ха, нема потреба јас да го именувам тоа нешто.