Дарко ЈАНЕВСКИ

Ете порасна минималната плата. Во исто време кога макароните поефтинија за осум денари. Лебот веќе е замрзнат на 33 денари, па наредниве два месеци додека трае мразот, можам да живеам среќно. Впрочем, што може човек повеќе да посака од животот од поефтини макарони и „замрзнат“ леб, што би рекол Таче. Додуше, целата среќа малку ја нарушува кромидот, кој стигнал до 80 денари оти во Северна го снемало, па сме го носеле од Холандија, ама за утеха во пакетите имало и јажиња за бесење, зашто, ако имате 200 дена сонце, а немате барем кромид, обесете се – ни порачале Холанѓаните.

Но, нивната завист кон нашата благосостојба не ни ги нарушува моментите на среќа. И навистина, зар има нешто поубаво од сендвич кој се состои од две парчиња леб, а помеѓу нив малку макарони. Онака „клот“, голи макарони. Без сирење, не дај Боже топен кашкавал и без сос, зашто тоа се само измислици на гнилиот запад и авторитарниот исток кои сакаат да ја поматат нашата радост.

Можете да направите и „дабл Мек“. Парче леб, па слој макарони, па парче леб, па уште еден слој макарони и одозгора последното парче леб. Седите надвор, гледате во зеленилото на Водно, нозете ви се испружени, го слушате песнопојот на околните славеи и јадете „северномакедонски“ „Дабл Мек“. ‘Баму стопанката, има ли нешто поубаво од тоа?
Не сум сигурен, ама во Комунистичкиот манифест на Маркс и Енгелс, се сеќавате на она – секој според можностите, секому според потребите – ова мора да го има како рецепт за врвна и конечна среќа на човештвото. Ако го нема, тогаш да се кренат од гроб и двајцата, и да го допишат тоа што фали. Ако не сакаат да го сторат тоа, да се ургира преку Ленин и Сталин да им го пратат Берија. Да ги замоли, онака нежно и фино. „Дабл Мек“ од макарони и леб. Тоа е тоа што му фали на Манифестот.

Ама, оваа Влада не би била тоа што е, ако застане тука. Нејзините можности се вселенски и немерливи. Ете го врвот на креацијата – Таче не ослободи и од обврската да мислиме за себе, за семејството и за нашата држава чие име не смее да се спомене, оти и онака немало да се слуша нашиот глас. Меѓу нив и мојот. Зашто ние сме глупави. Не сме визионери. Не сме храбри челични момци како него кои знаат да гледаат во иднината. Па, ако Таче и тие како него не слушале нас, не ќе сме го го имале ни Рамковниот, ни Преспанскиот договор. Ниту пак ќе сме биле членка на НАТО, што ќе ја оставеше Украина без помошта од „стани Цаци да те види сала“. Не знам дали мојот глас ќе се слуша ако Таче го наречам Ќурка чиј идиотизам нема граници, ама ај, да не си ја барам белјата, оти што би рекле старите, ѓаволот ни ора, ни копа. Ама слуша – кога му се сака.

Но, што и да се случува, не можам да ја сокријам среќата. Имам ефтини леб и макарони три пати на ден, имам минимална плата од 20 000 денари, имам по некоја фискална за скенирање и што е најважно, не морам за ништо да му ја мислам оти тука е Таче да му ја мисли за мене. Замисли, имаш мозок, ама не го користиш. Си го чуваш, зашто кој штеди – има, а Таче кутриот си го троши неговиот. За нас. Што го прави рамен на Исус. Тој се даде себе си за нас, еве по 2000 години Таче го прави истото. За нас го дава највредното што го има на себе – мозокот негов непресушен.

Е сега, јас сум малку злобен, па нешто ми е сомнителен неговиот начин на мислење, впрочем сомнително ми е дали тој воопшто може да мисли, ама пак, кога малку ќе го ставам прстот на челото, кој сум јас да мислам дека Таче не знае да мисли. Не за него, за него ја смислил тој уште од време на татко му, а богами добро ја мислел и во време на ВМРО, туку за мене.

Затоа не ми останува ништо друго освен повторно да ги испружам нозете, да ги ставам рацете позади главата и да уживам до следната тура леб и макарони. Можам да читам, ако ми е досадно. Не книги, за да не налетам на Толстој, Достоевски, на Есенин…. па да си имам мака, но затоа моето просветление можам да го достигнам преку „северните“ ни портали. И да гледам вести на ТВ.

И така да се описменувам. Да научам како од жив човек можеш да направиш обична антена. Се сеќавате на оние неколку жици кои го местевме на кров така што еден стоеше пред телевизорот, другиот беше пред вратата како преносник, а третиот горе на керамиди. Па следеше дерење: „Уште малце лево, лево, лево, сега стоп“, за да добиеме слика без пречки и тоа само кога не дува ветар и кога не врне дожд оти тогаш се расипуваше репетиторот.

Е, како такви антени сега служат северните ни новинари, а богами и оние кои велат дека не се северни, а чија вештина се состои или од тоа да го држат микрофонот или да прават копи пејст. Со тоа всушност стануваат Таче во новинарството. Оти и ним им „сече“ колку и на нашиот т.н. премиер. Што е голем успех. Да те бива колку премирот на Северна, не е мала работа.

И после сето ова, сме имале само леб и макарони без кромид. Па што? Кога можеме да пливаме во базени во кои дури идната година ќе ни пуштат вода, и ова што ни го даваат е многу.

Да не го заборавам и Османи кој обраќајќи им се на Албанците им порача да видат каде биле пред 20 години, а каде се сега. Не знам дали Османи знае, ама пред 20 години Албанците беа тука, а сега се во Германија, Белгија… Ги јадат тамошните макарони кои не се поефтини за осум денари. Пред 20 години беа 400 000, денес се 200 000, па затоа мора да се штелува пописот за да не се види вистинската бројка. Пред 20 години имаа и нешто друго за јадење, денес за богат се смета секој Албанец кој покрај лебот и макароните на децата им дава и порција шпагети. На кои етиетата е напишана и на албански јазик. Оти тоа било најбитно. Е, да, ама пред 20 години Османи беше голтар, денес се нешто се врти онаа бројка од 28 милиони за која муртинскиот интелектуалец го обвинуваше за крминал, па после како секое курвиче – замолкна.

Ете, така, доста е за денес. А и за утре! Или не? Може ли ова да помине без да се спомене Пендаровски кој бил кај Вартоломеј од кого чека томос за цркавата под име Охридска. Така, можеме со радост во срцето МПЦ да ја испратиме во историјата како вештачка твроба, а на нејзино место да ја устоличиме Охидската црква. Зошто? За да можат црковните манекени да се расшетуваат по светот. Оди мери им умот кој изгледа, како и црквата, исто така бил вештачки.