Дарко ЈАНЕВСКИ

На Стево Пендаровски осум дена му доцнела. Платата. Што е трогателно. Го слушаш тоа и некоја тежина ти ја исполнува душата, ја стега и ја врти правејќи јазол од неа, додека не ти распукне, ти го корне желудникот и ти го носи до грлото терајќи те да го повратиш. По мака. Зашто не е мала работа. Стево, президентот на бугарскиот дел на Македонија, зашто над албанскиот нема ингеренции, останал сув. Во џебот. Што нас останaтите не влажни, во очите.

Затоа, за наше добро, за добро на нашата душа и нашите очи, најдобро е Стево да побара од Радев да му префрли некој лев. Да му се најде додека не стигнат денарите. Или подобро да побара фифти-фифти – пола плата од Бугарите, пола плата од Грците. На кои им ги дадовме името за кое Стево велеше дека „душата ќе му ја извадиме“ на тој што ќе го стори тоа.

Хранарината и превозот нека му ги исплати дер Лајенка. Од некој фонд на ЕУ. И нека му најде некоја тезга, нека основа и Стево некоја невладина, за да не му се случува да останува без пари. Оти кога Стево нема, исто како и ние да немаме. Ние, кои и онака немаме.

За разлика од него, на Благојче Илиевски, болниот од цистична фиброза нема веќе да му доцни платата. Него всушност не му треба веќе ни денар. Умре човекот чекајќи ја „Трикафта“. Скапа била. Што е точно. Ама кога државата ни е ефтина, и животите на луѓето се ефтини. „Трикафта“ е скапа, животите се ефтини!“ е ново мото на Владата на Ковачевски.

Освен животите на тие од власта. Тие животи се скапи. Вредат повеќе од животот на Благојче. Кој го барал лекот од 2020 година. Од времето на Филипче, оној кого му ракоплескаа по тераси. Денес истите би можеле да го испратат Благојче со аплауз. Зашто се жртвувал и, така, и на Владите на Заев и Таче, на ФЗО, на министрите Филипче и Сали, им ги заштедил парите за дозите од скапиот лек. Што е за секоја пофалба. Сега ќе чекаме и другите да се жртвуваат и така да и спасат на државата 10-тина милиони евра. Зашто, како што рекол Кенеди, не прашувај што државата сторила за тебе, туку прашај се што ти’ си сторил за државата. Еве болните од цистична фиброза си го дале одговорот на тоа прашање. Тие умираат за да сторат нешто за државата.

Благојче не е изолиран несреќен случај во државата. Тој е симптом на едно распадното гнило ткиво кое уште го нарекуваме држава, а кое служи само за богатење на тие чии животи не се ефтини како нашите, туку скапи. Тој е последица од она време на лоповската приватизација, па се до денешниот наш пат кон ЕУ, во кое нобеловецот Заев ни вети бесплатно здравство за сите („шарени“, ве поздрави Заев и ви порача дека сте помалку интелигентни и од него), до денешното наше добрососедство со Грција, Албанија и Бугарија, поради што ни беше инсталирана оваа неспособна власт. А тоа добрососедство нема цена. Затоа, за тоа што нема цена, ги жртвуваме оние што имаат цена. Ниска!

Денес е нов ден. Утре Сонцето пак ќе изгрее. Тендерите и лоповлукот ќе продолжат да врват, шарените ќе продолжат да гувеат во својата глупавост, новинарите ќе им се придружат зашто толку им дал Господ. Само Благојче ќе биде осамен со својата судбина. Која се мери со пари. Кои ги има за марихуана, за скапи одмори по белосветските центри на нежните душички на дечињата на нашата елита, кои ги има за купување на новинарската багра, за ќеркичката на оној со исушената рака, за нови автомобили… кои ги има за се и сешто, само не за тоа што треба.

Во меѓувреме, т.н. министер за здравство Сали рече дека Министерството за здравство не купувало лекови и дека требало да се сменат три закони за да се преговара директно со производителот. Не знам зошто оваа личност мисли дека нам ни е гајле кој купува, а кој не купува лекови. Нас не интересира тие лекови да ги има. А дали тој ќе ги обезбеди на овој или оној начин, дали, ако треба, ќе се закачи да виси на споменикот на Александар Македонски додека тие лекови не се обезбедат или ќе му седне на главата на Ковачевски заради ова  – нам ни е сеедно. Тој е министер за здравство и тој треба да се грижи пациентите да не умираат ако постои достапен лек за нив во светот. И онака имаме доволен број умрени од болести за кои нема лек.

А трите закони за кои тој зборува, можат да се сменат за еден ден. Да повторам – за еден ден. Само кажете му на Форина и тој тоа ќе организира. Како и исплаќањето на трошоците на галените пратеничиња, вклучувајќи ги тука и речиси бесплатните услуги во ресторанот. Плус патни трошоци. Се се можело, ако се сакало.

Последно е дека „Трикафта“ ќе стигнела до крајот на месецот. Ама не за сите. За седум пациенти. Другите ќе влегле во тригодишна програма. А, Благојче не бил најкритичниот. Во меѓувреме се јави и економскиот министер Бектеши кој порача дека двојазични етикети на производите мора да има. Браво момче, колку си бистар, паметен и посветен на работите во гнилово државиче. Толку.