Дарко ЈАНЕВСКИ

Таканаречените медиуми во Северна, со денови веќе ни пласираат мислења на разно-разни експерти за тоа колку требало да поскапи струјата. Па 10 отсто биле малку, требало 20-30, па дури и 50 отсто, а Бислимовски од Регулаторна, најави, спомена или нафрли, како сакате, податоци кои зборуваат за 38 отстотно поскапување. Оти, сите велат, толку било реално. Скапа била на струјата на пазарот.

Но, тоа е едната страна. На другата страна е народот. Кој што треба да го плати тоа што е „реално“. И, кој не може да го плати тоа што е реално, затоа што реално нема пари. Освен ако не е од тајфата на оние неколку проценти феудалци во државава кои владеат со истиот тој народ откако го соголеа до гола кожа.

Така што, додека на една страна е реално струјата да поскапи и 50 проценти, на друга страна е другото реално кое вели дека е реално оти дека народот не може да ги плати ни оние 10 отсто кои по сите застрашувачки најави и расфрлање со проценти со кои сме бомбардирани, ќе треба да ги прифатиме со олеснување. „Уф ќути, арно поминавме со 10 отсто. Можеше и повеќе да биде“. Тоа се чини е и стратегијата на властодршците и нивните пропагандисти.

Се разбира, тоа нема да го смени податокот, како што реков, дека народот не може да ги плати тие 10 проценти, кои, индиректно се многу повеќе, бидејќи високата цена на енергенсите во светот народот веќе ја плаќа преку секојдневното поскапување на стотици прехранбени продукти. Прошетајте низ било кој маркет и ќе видите. Иако веројатно веќе си знаете. Или, како што вели еден продавач во маркет за коментарот на некој купувач:  „Барем маргаринот и лебот ни останаа“.

Во вакви услови, кога на една страна народот го има мизерниот сегашен живот, но на другата е мизерната и бавна смрт што му се нуди преку колабирана економијата и ковид-здравството, единствено решение е цената на струјата да биде замрзната, а разликата да ја плати државата од буџетот. Големите економски мисли на министерот од СДСМ, Битиќи, дека тоа не било решение, дека потоа ќе следел ценовен шок, не помагаат многу и тој истите слободно може да си ги елаборира во кафеана, но како некаков си министер, би требало да знае дека Владата има должност да го заштити и онака катастрофалниот стандард на граѓаните.

Во Македонија, половина од населението се грее на дрва. Некаде околу 40 отсто на струја, а околу 10 отсто имаат парно греење. Поинаку кажано, државата, таа која што сега им соли памет на луѓето дека енергенсите биле скапи, обезбедила релативно ефтино греење за само 10 отсто од нив. На оние 50 отсто кои се греат на дрва, им велеше да поминат на струја (врати печка на дрва, земи инвертер) зашто го загадувале воздухот и го уништувале шумскиот фонд. А, откако некои од нив прејдоа на струја и се додадоа кон тие 40 отсто, на сите заедно им вели дека не се разбираат од економија и дека сега или ќе ја платат скапо струјата или нека мрзнат. Добро, тие постарите нека се покријат со ќебе, ама децата секако нека ги остават малку да се челичат. За да бидат подобро подготвени за отворените прозорци на училиште оти тогаш не се разболуваат од Ковид, а поради свежиот и студен воздух подобро учат.

Се разбира, „струјаџиите“ секогаш ја имаат опцијата да се вратат на греење на дрва, на гас не можат зашто цевките не заобиколуваат, под услов да не спаѓаат меѓу тие кои се вселиле во некоја од новите згради во кои нема ни парно, ни оџак. Па струјата е единствена опција.

Така доаѓаме до ситуацијата во која државата не им обезбедила услови на луѓето да се греат на друг начин, освен на дрва кои го загадуваат воздухот и кои го принудуваат цело семејство да седи во една соба или на струја која е прескапа, ама им вели: „Што да ви правиме, снајдете се!“ Како? Е, па не може сега Владата да ви ја мисли за се’. Мислите малку и самите. На пример, усовршете го методот на трчање околу куќата или зградата и на дување во студените раце.

Но, за оние кои не можат да ги усовршуваат тие методи, се чини дека во овој момент единствено решение, единствен излез и компромис од оваа состојба и „конфликт“ со Владата, е замрзнување на цената на струјата за домаќинствата. Дека решението не е добро, тоа секому е јасно, посебно на барем половината од населението кое живеело и во СФРЈ и кое знае дека замрзнување кое се практикуваше и во комунизмот, не е баш најпаметна економска мерка.

Но, во овој случај, бирате меѓу две зла. Едното е народот да го сведете на питач кој порано или подоцна ќе го земе стапот в рака, иако веќе е тука негде и со питачкиот статус и со нервите, другото е Владата да скастри од секаде по малку во државниот џеб и да се обиде да го бајпасира проблемот. А во меѓувреме, да се бара решение. Дали тоа решение ќе биде така што ќе им дадете по еден копач на Заев, Царовска, Шеќеринска, Битиќи, Ковачевски…. и ќе ги пратите таму во Битола да копаат јаглен додека новиот директорот на РЕК им свири на хармоника или ќе го решавате проблемот на друг начин, за обичниот човек и не е толку битно. Ова  е кризно време, а во кризни времиња се преземаат кризни мерки.