Дарко Јаневски
Оваа година на Божиќ не ја чекајте ѕвездата што ги одвела мудреците до Исус. Таа веќе се потроши, откако застана над главите на Заевци и Канческа. Ах, да и на останатите седумина од истата група и на оние црвчиња кои чекаат во резерва. Па, така, ни обнародија дека се договориле во Уставниот закон за спроведување на уставните амандмани наложени од Грција, да вметнат одредба дека промената на се што е македонско, почнувајќи од името на државата, немало да важи додека Грците не го ратификувале Протоколот за прием на Република Северна Македонија во НАТО.
Впрочем, еве што милната ни Канческа изјави во четвртокот:
„Предложивме, и Владата прифати амандман, да се предвиди дека сите уставни амандмани ќе влезат во сила едноставно доколку Грција ја исполни својата обврска и го ратификува протоколот за наше членство во НАТО“.
Ете така се спасивме. Грците немало да не измамат како со Времената спогодба. По што христијанскиот свет ќе мора да ја смени Библијата, бидејќи мудроста на тројцата патници од Исток кои го бараа Исус, веќе не е кај нив, туку е во малите бистри главички на Заевци и осумката предводена од Канческа-Прада.
Се разбира, немојте да прашувате во што е радоста што наводно сме се обезбедиле дека Грците, на крај, сепак ќе ни ја исечат главата. Во што е радоста што ние сме сега во улога на осуденик кој ги убедува другите дека со Уставен закон се осигурал дека нема да го излажат и дека навистина ќе го стрелаат. Но, да го оставиме тоа за друг пат. Во овој момент, се чини, тоа е сепак тешко прашање за општество со ваков капацитет.
Но, настрана тоа. Бадијала мудроста што ја впиле нашиве просветители, од Бога задолжени за држење на лампата која на овој народ му го осветлува патот, кога тие и тука лажат. Не лажеа, со наша сесрдна помош, со години, не лажат и оваа година ипол, по ѓаволите, зошто тогаш да не продолжат со лагите. Не гледаат в очи, не прават будали и ни велат: „Да, ни се може! Нас ни се побитни нашите целулитосани газенца и дрвени глави зинати за тендери, за милиони и за стипендии, се разбира и за иновации, од вашите проповедања за некаква Македонија.“
А, штосот е во тоа дека никаков Уставен закон, односно амандман на Канческа и т.н. независни вмровци, нема да ја спречи итната промена на Република Македонија во Република Северна Македонија (РСМ) и без ратификација на Протоколот за наш прием во НАТО од страна на Грција, ако измените бидат изгласани во јануари.
Каде е замката? Едноставно е, што би рекла Прада која стана сериозна конкуренција на другата Прада од редот на комуњарите. Имено, до ратификација на Протоколот за прием на РСМ во НАТО од било која членка на Алијансата, вклучувајќи ја и Грција, може да дојде само откако ќе добиеме покана за членство во НАТО. А покана за членство во НАТО ќе добиеме само тогаш кога ќе го известиме генералниот секретар на Алијансата дека сме го смениле името во Република Северна Македонија. И не само тоа, туку дека сме го имплементирале севкупниот Договор од Преспа (изјави на Столтенберг, Заев…).
Добро, тука и таму можни се веројатно мали отстапки (Грците секако нема да не блокираат ако некој плочник на некој плоштад на кој е исцртаното Сонцето од Кутлеш не биде ископачен, иако и во тоа не би се обложил), но клучните елементи од Договорот, мора да бидат исполнети.
Тоа значи: ние го известуваме НАТО дека според Уставот сме се преименувале во РСМ и се друго што оди со тоа, НАТО во јуни 2019 година ни упатува покана, па дури тогаш следи процесот на ратификација на членството на РСМ во Алијансата. Ако нема промена на името, односно ако амандманите не стапат во сила и не произведат правно дејство, нема да има покана за членство во НАТО, а ако нема покана за членство нема да има протокол кој Грција треба да го ратификува. Така што, наводниот амандман на Канческа и останатите, е обична безвредна манипулација со граѓаните (всушност, слична глупост имаше и во предложениот член 1 на Уставниот закон од Владата, ама кој да се објаснува сега со т.н. експерти на Заев). Едноставно, нели?
Во случајот со Хрватска тоа изгледаше вака:
-На почетокот на април 2008 година, односно на 3 април, на Самитот на НАТО во Букурешт, Хрватска доби покана за членство во НАТО (заедно со Албанија).
-На 21 април земјата го заврши првиот круг преговори (продолжи на 7 мај).
-На 9 јули 2008 година, Хрватска во Брисел го потпиша Протоколот за пристапување кон НАТО.
-Дури потоа следеше процесот на ратификација на Протоколот, а првата ратификација стигнува на 15 септември 2008 година од Унгарија или четири ипол месеци по поканата за членство, односно два месеци по потпишување на Протоколот. Последни, Протоколот го ратификуваа Грција и Холандија на 17 февруари 2009 година или отприлика седум ипол месеци по потпишување на Протоколот.
Значи, за оние кои понекогаш тешко сфаќаат, да објасниме уште еднаш како тоа ќе оди во нашиот случај – прво следи промена на името и се друго (ако има одложено дејство тогаш името не е сменето, зар не?), па потоа покана за членство и потпишување на Протоколот, па дури потоа на ред може да дојде ратификацијата од Грција.
Ако го слушаме шареното паметување на Канческа и тие шутраци од позадина кои демек се експерти, всушност мудроста на осумката плус веќе докажаниот ум на Заевци и шарените, ние ќе сме постапеле обратно, односно нема да бидеме Северна додека Грција не го ратификува нашиот прием во НАТО. Арно ама, Протокол не може да има, што значи Грција нема што да ратификува, ако претходно не станеме Северна и Северни. Појасно од ова – здравје!
Оттука, оваа ујдурма веќе ги надминува сите граници на нормалност. Ајде што заради бандитизам продаваат цела држава и цел народ, ајде што ги продаваат тие илјадници и илјадници (од двете страни) кои беа зад нив со нивните мизерни 15-тина илјади, додека тие крчмеа милиони, купуваа станови, бесни автомобили и мотори кои ги криеја по туѓи гаражи, шетаа и шетаат по острови иако многумина од нив за прв пат имаа видено авион кога се осладија со народните пари, ама нивниот хохштапелрски однос со кој ве прават будали при здрав разум – тоа навистина ги надминува сите норми. Демек, тие ја заштитиле Македонија со некаков амандан на Уставниот закон кој во суштина е безвреден и е обична манипулација и лага и кој има само најобична пропаганда вредност. Но, од банда, ништо друго не може ни да се очекува.
Така што, откако ќе бидат изгласани уставните амандмани во јануари, откако ќе го известиме НАТО и сите земји во светот дека сме Северна Македонија, откако ќе прифатиме и дека треминот „македонско“ не имплицира етничка припадност, процесот ќе стане неповратен. И откако тоа ќе се случи, никаков Уставен закон нема да ја спречи Грција да не блокира, односно да не го ратификува Протоколот за прием на РСМ во НАТО, а за блокадите при преговорите за членство во ЕУ, и да не зборуваме.
Патем, последен термин за изборите во Грција на кои Ципрас ќе загуби, е 20 октомрви 2019 година. Ако ние добиеме покана во јуни, остануваат само пар месеци од тој момент до моментот на распуштање на грчкиот парламент, за оваа влада на Ципрас да го ратификува Протоколот. Вратете се малку погоре на овие редови каде го опишав тајмингот во случајот со Хрватска и, сеедно што во нашиот случај ќе има забрзување, видите сами дали е тоа можно.
А после доаѓа Мицотакис. Кој може да прави со нас што сака – да го ратификува Договорот, но и не мора. По што одново ќе мора да преговараме. Впрочем, луѓето си платиле. Но, тоа веќе сум го пишувал. Досадно е да се повторувам.
Патем, вчера Бујар Османи не убедуваше дека во јуни ќе ги почнеме преговорите за членство во ЕУ. Но, во јуни, не постои ни теоретска шасна Грција да го ратификува протоколот за членство на РСМ во НАТО. Што значи, ако веруваме на овие што не лажат, во јуни нема да бидеме Северна. Како тогаш Грција ќе дозволи да ги почнеме преговорите? Никако. Додуша, тоа нема да се случи во блиска иднина и без блокада на Грција, оти Османи лаже, но ете ви уште еден пример, како Прада и останатите манипулираат.
(објавена на Денешен.мк, 24 декември 2018 година, наслов: „Фалшливиот Уставен закон за Северна и божиќната ѕвезда на Канческа, Заевци и другите мудреци“)