Дарко Јаневски

И така. Заев и неговата компанија подлизурковци вклучувајќи го оној на чија ќерка ја плаќаме во Хаг, си дојдоа од Берлин полиени со студена вода. Очигледно специјално црпната од Вардар уште ланскиот ноември. За да биде доволно гнасна и доволно студена. Па, испадна дека ланскиот датум за преговори што го добивме додека суријата беше во авион, не бил датум. Бесрамни лажговци? Да, ама кога е Заев во прашање тоа е како да прашаш некого во Македонија дали наутро му се пие кафе.

Сега белким секому е јасно дека името отиде курбан за џабе и дека овие тезгаџииве со краставици и тендери, не беа способни барем доволно добро да истргуваат со него. Што отприлика значи дека и за тоа не ги бива. Секој продавач на пазар, повеќе ќе извлечеше во оваа ситуација од нив. Така што, драги мои борци за „слобода“ и „демократија“, или со друг збор накратко кажано шутраци-револуционери, датум за преговори нема и нема да има, барем не во блиска иднина. Можеби еден убав сончев ден, кога како што стојат работите, тамам ќе се насмевнеме и ќе помислиме дека таму каде „зората греит душата“ и конечно „силно светнал ден“, ќе налетаме на Мицотакис кој ќе ни каже ново „охи“ закачувајќи ја вратоврската од Заев на вратот на некое магаре. Веројатно и ќе се насмее, колку да ги покаже забите. Па тамам дотогаш и Меркел политички да воскресне, а Макрон, ако преживее, да успее да ја најде Македонија на картата и да се смилостиви околу нашето членство. Што тогаш ќе бара Мицотакис од нас, веројатно не треба да ви цртам, што би рекол културниот и фино воспитан Стево викан Сидро, зар не? Доволно сте умни и самите. Или, пак, грешам?

Значи јасно е дека датум за преговори нема (внимавајте, Владата не ни бара од Брисел датум за преговори – тоа и служи за домашно замајување на луѓето – туку се надева на датум за претпристапни преговори) како што е јасно и дека до НАТО приемот можеше да се дојде и без таков курбан, кога веќе на Американците толку многу им беше до тоа да не примат за да можеле да не отгрнат од прегратката на Русија. Чии рачиња, исто така како и тие на Макрон, изгледа одамна поим немаат каде да ја најдат Македонија ако на масата им распостелете мапа.

Оти да бидеме на чисто: ниту Меркел, ниту Макрон, ниту другите од ЕУ, не се „пациенти“ на интелекуалните македонски великани како Катица Јанева, нејзината модна компанија примана со врски од ДУИ и ВМРО во судството и обвинителството, или пациенти на друга таква величина како Вилма Рускоска, за да можат да ги уценуваат со гласање во Собранието или со “примопредавање“ на нивниот бизнис и компании во рацете на Заевци. Има кој да ги уценува и нив, ако треба, но сосема сигурно тоа не се Заевци ниту тоа е во врска со Македонија.

Пред повеќе години имам напишано една колумна во која посочив дека ЕУ и САД ќе ја урнат Македонија како држава за да го урнат Груевски. Ќе ги искористат за тоа и новинарските ав-ав пудлици со улично-удбашко-коруптивно педигре, врескајќи дека нема слобода на медиуми како клучен дел од демократијата, а потоа, откако ќе го смениме името ќе кажат дека ние немаме држава по западен терк, кој патем за наши услови е фантастичен, за да не примат во нивното членство. Како се фалеше Бранко-папата на времето? Дека него му рекле дека не може секое племе да има држава, ама ете тој, великиот уличен мангуп ги заебал, па направил држава. Сега ни го велат истото: не може секое племе, кое наспроти тогаш, сега е безимено, да седи на иста маса со одбраните. Зошто? Затоа што нема држава. Односно има, но по концепт од 19 век, ама не и држава по коцепт барем од крајот на 20 век.

Патем, таму некаде во некаде во 2008-та или 2009-та, кога владееше „режимот“ на Груевски, Македонија доби безусловна препорака за датум за преговори. Чиста и јасна. Единствен услов кој недоставуваше беше – името. Тоа значеше дека имаме релативно пристојна законодавна, пристојна извршна и пристојна судска власт. Остајте вие што трубеа уличните педигреа и продадени души. Препораките се документ и постојат – можат да се прочитаат.

Така беше и наредната година. И таа по неа. И таа по неа. Додека Волшебникот од Оз не тргна во акција за рушење на Груевски. Често слушам и читам деновиве за тоа како идеалите на Шарената револоција пропаднале. Не пропаднаа. Зашто ги немаше. Тоа беа само луѓе кои беа злоупотребени за да се стигне до Северна и тоа беа само луѓе (мал дел) кои „војуваа“ за пари и функции. Денес лесно ќе ги пропознаете. За сега, неколку години подоцна да се стигне до степен на само формално, но не и суштинско постоење на државата. Како беше она? Нема правда, нема мир? Ај шетајте сега малку!

Се разбира, дел од тој режим беа и „Бетка национале“, министерот Смрт (ги нема нешто нив во спотовите на Пендаровски контра Силјановска), дел од тој режим беа и тендерите за херојот на СДСМ, вмровецот Крсте молерџијата, знали сите оние од кои денес им повраќа на вмровците, а се миленици на комуњарите, дел од тој режим беа и пратеници и функционери кои повеќе шетаа до амбасади за да кодошат отколку што седеа во фотелјата за која се платени, потоа станови за функционерчиња, бизниси, шетања, бизони, танга бизниси за вмровскиот пандан на ав-ав комуњарските новинарчиња… и што ли уште не, но дел од тој режим беше и дека имаме држава и препораки за преговори. Велам препораки, не препорака. И тоа дузина. И да повторам – тоа значеше дека имаме релативно пристојна законодавна, пристојна извршна и пристојна судска власт.

Па така доаѓаме до апсурдот, Во времето на „диктатурата“, уште утре ќе не примеа во НАТО и ЕУ да го сменевме името, зашто сите други услови ги исполнувавме. А во време на„Живот“ и „демократија“, со сменето име и со ниту еден амбасадор на јавна сцена (се сеќавате како беа наредени во првиот ред на првите прес конференции на Катица и „убавото“ друштво), не исполнуваме безмалку ниту еден сериозен услов за членство во ЕУ, освен можеби тој дека полниме вода од чешма во домот, а не од бунар или од некој селски извор.

Па уште слушаме и читаме дека наводно Заев и рекол на Меркел дека ќе поднел оставка ако Македонија не добие датум. Бог да чува и да брани! Небаре на Меркел некогаш и беше до тоа Македонија да стане членка на ЕУ. На Меркел и требаше да ги тргне Грците од врат, да го спаси еврото, а за да добијат Грците доволно сатисфакција за уривањето на економијата на нивната држава со мерките на т.н. „тројка“, на тацна и бевме понудени ние (патем, денеска долгот на Грција е над 170 отсто од БДП, а тогаш беше 166 отсто од БДП, но сега е стабилна, нели?). Штом тоа се заврш, Американците го добија своето со НАТО, независно дали навистина ќе бидеме примени, Германците и Брисел го добија тоа поради што им требаше во замена за добрата волја на Грци, а ние останавме покуси и сега можеме да си го свртиме средниот прст кон своите очи.

Не дека ова беше толку тешко да се сфати и пред неколку години, но се покажа дека има  луѓе, сеедно што Господ директно ги црпнувал, за кои ова е исклучително висока филозофија. Единствена дилема е: Добро, како успеавте да го најдете? Или едноставно имавте среќа со Бранко, Бранко со Црпко и потоа и вам ви светна?

За крај, помните кој се од ЕУ ни се истовари овде за време на референдумот? Сега ги нема нешто да го поддржат „Европјанинот“ Пендаровски? Дилемата е: го повлекоа ли јажето од казанчето или раката уште се подготвува да го направи тоа? Но, во вториов случај, јасно ви е дека се е само прашање на секунди?