Дарко ЈАНЕВСКИ
Очајно патетична, но и забавна од друга страна, е констатацијата на Димитар Ковачевски, во улога на премиер, дека руски ботови ја ширеле хистеријата за „наводна бугаризација“ на Македонија и дека тие биле против влезот на Македонија во ЕУ.
Не знам дали Ковачевски знае, но вето на Македонија и поставуваше Грција. Таа беше против влезот на Македонија и во НАТО (за што Русија секако беше заинтересирана да не се случи) и против влезот на Македонија во ЕУ. Што отприлика значи дека Грција е еден од руските ботови.
Не знам дали Ковачевски знае дека сега Бугарија е против влезот на Македонија во ЕУ, што и неа како членка на НАТО и ЕУ ја прави руски бот. Тука некаде се и историските комисии, од кои таа на Драги Ѓоргиев е во преден план, назначени во времето на неговиот претходник Зоран Заев, кои прават се што е во нивна моќ да го кренат адреналинот на народот против Бугарите, што, консеквентно, и него и Заев ги прави руски ботови, бидејќи оттаму доаѓа големата вознемиреност, пред се, кај македонскиот народ (допрва ќе видиме какви се бришења во учебниците историјата ќе има на барање на Грција).
Минатата година во јули, илјадници маршираа со денови низ Скопје против францускиот предлог, зад кој стои Макрон, кој пред тоа ни стави вето, па така добиваме уште еден руски бот.
Пред извесно време холандскиот амбасадор индиректно ни се закани со вето поради големата корупција во Владата и нефункционирањето на правосудството кое како и да не постои, што и него го прави руски бот, заедно со Владата што ја предводи Ковачевски и целиот правосуден систем.
Така што, кога ќе се погледне одблизу, доаѓаме до тоа дека најмалку четири членки на ЕУ, се на списокот на руски ботови. Да не заборавиме дека во Скопје пред некој ден беа министрите на Чешка, Словачка, Австрија и Полска, од кои исто така добивме закана за вето ако не ги прифатиме уцените, па списокот на земји членки кои се руски ботови, од четири се проширува на девет.
Сите тие имаат одреден услов што Македоија треба да го исполни, за да не бидат руски ботови. Но, од друга страна, и македонската опозиција има одреден услов за да прифати нивниот услов, па не е јасно зашто тој македонски услов е помалку битен од условор на европските руски ботови кои ја блокираат Македонија. Како и условот што го има кај 80 отсто од македонскиот народ.
Се разбира, да не ја заборавиме и Европската комисија, за која одамна не се знае чиј бот е. Но, ако сето тоа е така, тогаш Ковачевски нема проблем со Путин, туку со себе, бидејќи нема поим кој всушност ја блокира Македонија. И кога зборува за руски ботови, всушност тој е тој кој ја шири антиевропската пропаганда во Македонија, пред се меѓу Македонците, кои во овие неколку години добро ги согледаа работите. Па знаат дека секој оној криминалец од власта за кој зборува холандскиот амбасадор е всушност руски бот кој ја блокира Македонија, бидејќи вака криминализирана и осакатена од лоповук држава, никакви Бугари во Уставот не ја спасуваат. Можеме лично Румен Радев да го запишеме во Преамбулата, но бадијала ќе ни биде.
Па кутрите, уште ни пласираат и некаква анализа на „Мост“ дека македонскиот интернет простор бил преплавен со руски ботови. Чудно, како и покрај таква „русизација“ на Македонија, во петте години од 2017 година до 2022 година, 150 000 македонски граѓани се иселиле на запад, а од нив 50 000 биле вработени, па за толку е намален бројот на работоспособно население во Македонија и бројот на вработени во Македонија (од 700 000 вработени на 650 000 вработени). Чудна некоја тактика на Путин: фрла пари на руски ботови за што повеќе македонски грѓани да заминат не на исток, туку на запад.
Русите се исто така виновни што дете од 24 години станува газда во Соравиа, а што дечињата на многубројни македонски политичари веќе се „успешни бизнисмени“ благодарение на “чесноста и пожртвованоста“ кон благодатта на Македонија на нивните татковци. Па уште Османи се жали што 100 000 Македонци извадиле бугарски пасош што било вистинската бугаризација на Македонија. Тоа што не сака да го каже е дека тие извадиле бугарски пасош затоа што не можеле да извадат германски, холандски или било кој друг пасош од таа околина, при што нивниот број не би бил 100 000 туку десеткратно поголем, зашто веќе 80 отсто од младите би заминале на запад од оваа држава во која Ковачевски е премиер, Заев е херој, а Османи не европеизира и не спасува од бугаризација. И пак доаѓаме до не баш сфатливата тактика на Русите: не преплавиле со руски ботови за да бегаме на запад!? Но, Русите отсекогаш биле малку чудни, нели? А откако сите би заминале од државава – да можат – овде би останале само Ковачевски и сличната тајфа, заедно со олигарсите. Се на се, една шака луѓе кои ќе можат на мира да газдауваат без некој да им пречи во нивната европска агенда.
Во секој случај, Ковачевски би можел малку повеќе да припази што зборува, зашто произведува спротивен ефект. Не дека Заев не не истренира со своите јавни настапи кои не можат да се наречат ни глупости, зашто беа повеќе и од тоа, но се си има своја мерка и граница.
Ех, да, да не заборавиме дека и тренираните магариња на Лидија Димова спаѓаат во добро платените руски ботови. Така ти е тоа. А холандскиот амбасадор, тој од Австрија и амариканската амбасадорка, нека продлажат да прашуваат каде се милијардите што ни ги дале. Се се’ чини – токму кај наследниците на бившите комунисти кои пееја дека Америка и Англија еден ден ќе бидат земји пролетерски и кај наследниците на удбашите кои сите заедно со „руските ботови“ со кои ете е преплавена Македонија на сметка на западните даночни обврзници, успеаја во овие неколку години, почнувајќи од потпишувањето на Договорот со Бугарија, па до денес, да ја создадат и мултиплицираат омразата меѓу Македонците и Бугарите до тој степен што се чини дека било какво разумно решение во овој момент не е возможно. А според Ковачевски, токму тоа го сака Путин кој, види богати, имал сојузници во платени политичари. Па прашањето само по себе се наметнува – од Русија ли дојдоа оние 78 отсто за колку беа покачени функционерските плати, наспроти трошките што бедниот измрцварен народ ги добива?
Што пак не враќа на поентата: руските ботови во Македонија вадат бугарски пасош при што потпишуваат дека имаат бугарски корен, само затоа што не можат да добијат, германски, холандски, француски… пасош. Но, можеби тоа е тактиката на Ковачевски што го прави сојузник на Путин: руските ботови од Македонија да ги извезе преку Бугарија во ЕУ! Мудар овој Таче, нели? Ем Европјанин, ем руски бот!