Дарко ЈАНЕВСКИ

Од играње фудбал во министерствата, кочоперење пред јавноста, глумење недопирливи шерифи…, ДУИ спаднаа на шатори пред Уставниот суд. Истиот Уставен суд чии членови тие ги одбраа заедно со СДСМ. Интересно, како тоа Уставниот суд се сети, после пет години чување во фиока, сега да ја извади иницијативата за оценување на Законот за јазиците, една од ујдурмите на муртинскиот „генијалец“ кој и натаму си шета слободно, а ДУИ на тоа веднаш одговори со закани и кампување пред Судот. Сценарио веќе видено од времето на Шарената револуција.

А Уставниот суд да сакаше, можеше веднаш, уште во 2019 година да го поништи или укине Законот само поради тоа што тој го нема потписот на тогашниот претседател Иванов. Ако ништо друго, тогаш поради тоа што идентична одлука Судот има донесено уште во 1997 година, кога тогашниот претседател на Собранието, Тито Петковски, се потпиша и наместо претседателот Киро Глигоров на Указот за прогласување на Законот за знамињата. Уставниот суд тогаш одлучи дека Петковски не смеел тоа да го стори, зашто Глигоров не бил спречен да се потпише (беше во Мадрид на некаков состанок на НАТО), како што и во овој случај, гледано од аспект на Уставот, Иванов не беше спречен да го потпише Указот за прогласување на Законот. Ако сака. А, тој не сакаше – негова работа! Но, физички, не беше спречен да го стори тоа, па Џафери немаше право да го прати Законот да се објавува без потпис на претседателот на државата (што според Иванов е основ за кривично гонење). Значи одлуката на Уставниот суд од деведесетите е дека нема валидно прогласување на еден закон ако тој го нема потписот на претседателот на државата, доколку тој физички не бил спречен да го стори тоа. А Иванов не беше спречен.

Значи, Судот можеше сето ова без никакви оддолговлекувања да го реши пред пет години. Ама не смеееше, ниту сакаше, зашто е дувло на комуњари и интегративци, а не место нa најврвните правници во оваа држава (па оттука и неговата одлука може да се насети, а таа е дека ќе го остави Законот во сила, евентуално ќе укине некоја небитна одредба). Е, сега, очигледно исполнува нарачка за да се креира меѓуетничко сценарио во режија на ДУИ и СДСМ. Демек, еве државата ги загрозува правата на Албанците, што ни за јота не е точно, дури и под претпоставка Судот навистина да го укине Законот (што и треба да го стори, како што реков дури и само поради потписите, да не зборуваме за другите одредби, иако нема тоа да го направи).

Како и да е, ДУИ сега се обидува да креира нова криза, откако не успеа тоа да го стори на 28 ноември со палењето на македонското знаме. Нема да успее ни овој пат (но создава атмосфера и подлога за во иднина), зашто во среда Судот нема да донесе никаква одлука, напротив, само ќе ја избрише прашината од иницијативата (за одлука ќе требаат повеќе месеци), но ДУИ си ја одработува својата улога на бранител на албанскиот јазик, иако тој не е загрозен, ниту ќе биде и по одлуката на Судот, кога и да биде донесена таа.

Втората работа е дека ДУИ се обидува да наметне атмосфера на страв во општеството, па Македонците да прифатат се, да се помират со постоењето на Законот за двојазичност откако Уставниот суд со својата одлука ќе го бетонира неговото постоење, само и само да има мир. Во стилот, наведната глава на Македончето, сабја не ја сече.

Во целата приказна со право се забележува дека ДУИ протестира и против наводен политички притисок врз Судот, со тоа што врши политички притисок. Мери им ја сега логиката. Го бранат Судот од тепање, така што му удираат сто стапа. Така што, договорот да се направи обид да се креира меѓуетничка криза која нема никаква врска со самиот Закон е толку очигледен, што речиси е невозможно да не се види.

Во сето ова, еден од проблемите е што на ДУИ и на СДСМ, власта им остава премногу простор за мешетарење со тоа што бавно оди борбата против криминалот на „сложните браќа“ од изминатите седум години. Колку повеќе се доцни со тоа, толку повеќе има простор за мобилизација на криминалците кои нема така лесно да се откажат од погодностите што ги имале и кои им овозможија на своите сметки да натрупаат милиони. Сето тоа треба побрзо и поефектно да се реши, меѓудругото и затоа што тоа беше една од главните причини поради кои СДСМ доживеа бродолом, а ДУИ беше заменета со ВРЕДИ.

Корупцијата на „сложните браќа“ и сиромаштијата, а не Преспанскиот и бугарскиот Договор, беа двата столба врз чија основа ВМРО-ДПМНЕ доби 58 пратеници, а СДСМ спадна на понижувачките 15-тина пратеници. За решавање на сиромаштијата треба малку повеќе време (ако не се брои тука покачувањето на пензиите и покачување на платите во здравството и образованието кои се само мал чекор), па останува да се тргне посилно во исполнување на вториот столб од предизборието – борбата против корупцијата. Во изминатите седум години ВМРО-ДПМНЕ имаше стотици и стотици прес конференции кои завршуваа со флоскулата „Одговорност ќе има“ и време е да го испорача тоа стеснувајќи им го така просторот на криминалците да креваат бунтови.

Ако за тоа пречка е Јавното обвинителство, нека се направат смени и таму. Ако е проблем Коцевски, нека биде сменет, ако е проблем Советот на јавни обвинители, нека се распушти, па какви сака притисоци да има врз власта околу тоа. Јасно е дека системот не функционира, тоа не треба да ни го кажува никој и власта е должна да стори се што треба, што мисли и што знае, за да воспостави функционалност на системот. Притисоци да не го прави тоа ќе има, и од надвор и од дома, но тоа треба да се издржи. И толку.

А, такви како Калајџиев и сличните, кој своевремено како шарен револуционер, качен на бина дури и крв бараше, имало и ќе има. СДСМ и ДУИ секако ќе зборуваат дека ВМРО-ДПМНЕ ја партизира државата и ги враќа тефтерчињата дури и да го стават Филипче за јавен обвинител на местото на Коцевски. Странците ќе бидат незадоволни и ако не се распушти Советот на ЈО и ако не биде сменет Коцевски, а ќе мрчат и ако биде направено тоа. Така што, водата секако е студена, но треба едноставно да се скокне во нејзе.