Дарко ЈАНЕВСКИ

Малку по малку, стигнавме до синдикална потрошувачка кошничка од 57 476 денари. Бидејќи таа се однесува на четворочлено семејство, излегува дека на секој член на семејството месечно месечно му се потребни 14 368 денари, што е под минималната плата од 21 000 денари и што покажува колку оваа пресметка на потрошувачката кошничка е нереална во однос на вистинските услови за живот.

Тоа што е посебно интересно е дека кошничката, корегирана според методологијата на бившите министри на СДСМ, Никола Поповски и Драган Тевдовски, за храна на едно четиричлено семејство во месецот предвидува само 21 218 денари или 707 денари дневно. Кога тоа ќе поделите на четири члена во семејството, ја добивате сумата од 177 денари која треба да ги задоволи потребите од храна на секој член на семејството. А тоа е само 27 денари повеќе од сумата од 150 денари со која живеат над 600 000 граѓани во Македонија, а кои спаѓаат во категоријата „умерено сиромашни“, што и да значи таа небулозна кованица.

Патем, ако му се верува на економистот и професор, Абил Бауш (а, нема причина зошто да не му се верува), интересен е фактот дека околу 46% од вкупниот број на вработени во државата (кои се 50 000 помалку отколку во 2017) живеат со приходи кои се еквивалентни на минималната плата. Значи од 650 000 вработени некаде над 300 000 примаат 21 000 денари плата. И веројатно, уште толку има со приход кој е помал од просечната плата. Додајте ги тука и оние фамозни 600 000 кои живеат со 150 денари на ден и практично ја добивате цела Македонија, без некој процент, која живее во беда и сиромаштија која не се гледа од потрошувачката кошничка, а која како да е скроена за живот во затвор во Сибир во време на Сталин.

Со други зборови, синдикалната кошничка е направена според мизерна пресметка која гарантира дека нема да умрете од глад, ама постојано ќе бидете гладни. Обидете се да го поминете денот со 177 денари на ден (впрочем тоа го прават тие 600 000 граѓани) и ќе ви стане јасно за што зборувам. Така што, дојде време повторно да ја прочитаме онаа приказна за Итар Пејо мариовецот кој со парче леб, стоел до меаната и ручал така што мирисал од јадењата кои се шират од нејзе и со мирисот го „натопувал“ парчето леб.

Всушност дојдовме до ситуација кога бурекот, традиционалниот доручек за многу Македонци (мрсно тесто со трошки урда или со по некое парченце мелено месо, она од Данска, замрзнатото), стана луксуз бидејќи четвртина од него чини, за наши услови, фантастични 80 денари. Јогурт нема да пиете, туку евентуално можете само да ја мириснете чашката што некој друг, кој доручкувал пред вас, ја оставил празна на соседната маса.

Оти, ако и се верува на оваа мизерна синдикална кошничка, која би била добра за Етиопија во време на големиот глад во средината на осумдесетите од минатиот век, пензионерите со 13 000 денари пензија, кои имаат на располагање нешто повеќе од 400 денари на ден, всушност живеат раскошно. За Таче и Спасовски кои кутрите, оти немале друга работа, па додека се снајдат, ќе земаат апанажа од по 2 500 евра, не треба ни да зборуваме. Тие со таа плата веќе спаѓаат во оние кои трошат струја за загревање на базените.

За да бидат задоволството и раскошот поголеми, Поповски и Теведовски ги зголемиле трошоците за здравје, па така за прегледи и лекови на едно четиричлено семејство доволни му се 1 100 денари во месецот или 9,2 денари на ден. Во кошничката не е запишана молитвата, оти само таа ви останува со цел да не се разболите, под услов, не дај Боже, да не ви требаат додатоци како витамини, минерали и слично. Тоа е веќе луксуз и спаѓа во четвртиот блок, каде и натаму ви наплаќаат по 16 денари за киловат час, ако се греете на струја, а друга опција државата не ви понудила.

Во секој случај, кошничката предвидува дека наместо бурек, наутро ќе доручкувате ѓеврек, по можност од бајатите со пет денари попуст, наместо јогурт – чај, приготвен така што ќесичката ќе ја потопите во врела вода 15-тина секунди, а потоа ќе ја извадите и ќе ја ставите некаде да се суши, за утре со нејзе да направите уште еден чај. Ручек и вечера – два оброка леќа, од онаа ефтината, без овошје и зеленчук, кои можете само да ги погледате во маркет, што засега е бесплатно.

Оти, рака на срце, доволно ви е тоа што живеете во Македонија, земјата на зеленчукот и овошјето, па не мора и да ги јадете зашто чинат повеќе од 166-те денари кои ви се на располагање во текот на денот. Но, затоа, бидете среќни што ви се дадени Талат и Ковачевски, кои деноноќно се грижат за вас. И за тоа како да умрете порано што ќе ве однесе во рајот, каде ќе ви биде поубаво. Всушност, тие ви прават услуга. Замислете како им е на Јапонците, Швеѓаните или сличните народи кои во просек живеат над 85 години. Толку мачење – е тоа кај нас не е дозволено. Зар не треба да сте среќни со тоа?

И да се вратам на богаташите – пензионери со 13 000 денари пензија, како и на оние со минимална плата во кои спаѓа половина држава, без тие кои живеат со 150 денари на ден. Тие му доаѓаат како бонус. Сите овие, рака на срце се товар на државата и само ја дополнуваат деноноќната грижа на Талат и Таче притискајќи им ја милната душа и кои око не склопуваат за ваша добробит. Која, според нив, веќе сте ја достигнале со 13-те илјади. Што ќе ви е повеќе? Па, на здравје!