Дарко ЈАНЕВСКИ
Сигурно се сеќавата на вицот за Сталин кога некој му доаѓа и му вели:
-Другар Сталин, оваа работа стои вака и вака!
-Во право си, му рекол Сталин.
Но, потоа дошол друг и му рекол:
-А, не, другар Сталин, тоа не е така!
-Во право си, му рекол и нему Сталин.
И ете го третиот кој му рекол:
-Ама другар Сталин, не може и двајцата да се право.
-И ти си во право си, му рекол Сталин.
(Патем зборуваме за Сталин чија умствена способност дозволила да почне планот Барбароса на 22 јуни 1941 г. не верувајќи на извештаите дека Хитлер веќе носи војска на границата, па на крај за малку ќе ја изгубел и Москва)
Но, отприлика така некако стои работата со предлогот на ВМРО, тој непознат Ковачки да биде министер за внатрешни работи. Во право се и едните и другите. Арно ама, како што на крај заклучил и човекот кој ни беше идол до 1948 година и со кого дедовците на сегашниве комуњари ќе правеа од „Америка и Енглеска земља пролетерска“, колку и да се и едните и другите во право, истовремено не може и едните и другите да бидат во право. Нели?
Така доаѓаме до проблемот кој, настрана политичките игри и мајтаплуци на политичките партии внесесени во филмот дека добро ги познаваат игрите од византискиот двор, гледано од правен аспект, асполутно и целосно ја разголува комедијата со Македонија како држава. Овој, навидум не толку сложен проблем, всушност покажува дека Македонија во овој момент не ни постои, туку е имагинарна творба со многу реални пари за ставање в џеб, која служи за пресметки на врхушките, настрана рајата чија задача е да ора, да копа и да плаќа десеток (всушност нешто повеќе од десеток, ама ајде, ние никогаш не сме биле циции).
Сега не вреди да се споменува дека на комуњарите и нивната бандитска структура каде при врвот се наоѓаат и нивните т.н. правни ескперти (време е да се размисли за професори од странство на македонските правни факултети чие име сега е Медрано 1, Медрано 2 итн, бидејќи овој шарлатанизам само ја дозакопува државата), сега им падна на памет да се повикуваат на Уставот. А, кога веќе се повикуваат на него, нивните закржлавени умови зинати за пари би можеле да почнат од оној член на Уставот кој бара уредување на прашањето од референдумот на 30 септември 2018 година согласно резултатите од тој референдум (настана недугавостите со неговата т.н. консултативност која е законска, а не уставна норма и е во целосна спротивност со таа уставна норма, па тамам уште десет пати Уставниот суд да одлучил поинаку).
Како и да е, да ги оставиме настрана двојните аршини на комуњарите и плачливите фејсбук и твитер запомагања на приврзениците на ВМРО, и да се вратиме на правните аспекти со предлогот за Ковачки, на кои се повикуваат комуњарите.
Нема некој кој во овие деновие не дозна дека тој член од Уставот кој го забранува конкретниот предлог на ВМРО, веќе бил прекршуван. Најмалку четири пати, од времето на изборот на Павле Трајанов за министер во 1998 година. Така доаѓаме до ситуацијата дека еднаш веќе бил направен преседан, но кога тој преседан го повторувате, тогаш веќе станал правило. Накратко кажано, ние од Трајанов, преку Аврамовски, Чавков и оној сегашен заменик министер за одбрана, значи точно 20 години, живеем со правило кое го фрла настрана член 97 од Уставот. Зашто, преседан е првиот пат, после тоа, повторениот преседан станува рутинско правило. А ако е правило, тоа мора да биде почитувано, така?
Да се обидеме оваа ситуација да ја објасниме преку многу попопуларниот пример со изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието и преку објавувањето на законите без потпис на претседателот, иако тој бил жив и здрав и способен да ја извршува функцијатата итн (чудно како е заборавена уставно-судската одлука која тоа го забранува, а потекнува од 1997/8 година кога нашиот и единствен Тито се потпиша и во името на Киро Глигоров, а стануваше збор за албанското знаме).
Ако овие флагрантни прекршувања на Уставот не бидат санкционирани, нема причина во иднина да не бидат повторени и тогаш веќе ќе станат правило. Ќе се собере некоја група на Камениот мост и ќе си избере претседател на Собранието (да претпоставиме дека ќе ветат дека од името Република Северна Македонија ќе го избришат терминот „Македонија“, дека ќе создадат конфедерација меѓу „северњаците“ и Албанците и да кажаме дека не само Гоце Делчев, туку и Ченто ќе го направат Бугарин и за тоа ќе добијат странска поддршка). Со две тегнења за уши, всушност доволно е и едно, тоа ќе биде објавено и во Службен весник. И завршена работа.
Оттука, тоа е решението и со случајот со предлогот на ВМРО. Или ќе се реши проблемот со претходните прекршувања на член 97 од Уставот, па ќе го одбиете и Ковачки или, во неможност тоа да се направи ќе си го изберете овој или било кој друг предлог на ВМРО согласно правилото кое веќе е воспоставено. А бидејќи сте многу по почитувањето на Уставот, соберете 80 гласа и избришете го член 97. Шарлатани едни.
Во спротивно доаѓаме на ниво на оној Трендафил Ивановски кој бил уставен судија во време кога член 97 бил прекршуван, па молчел, а сега демек од уставно–правен аспект ни објаснува зошто не смеело да се прифати прекршување на истиот член и дополнително се изложува на потсмев.
Зашто најлоша варојанта во овој случај не е изборот на конкретното лице за технички министер, небитен е тој веќе, наспроти комедијантските забелешки на комуњарите. Најлоша варијанта е ако оставите дека во две исти ситуации, според истиот Устав, може различно да се постапува. Еднаш вака, втор пат поинаку, трет пат на трет начин итн. Исто како што еднаш униформирано лице можело да биде министер, а еднаш не може, иако и во едниот и во другиот случај важел истиот Устав.
Тоа е таа правна несигурнот која се внесува во системот. Како што некоја си таму функционерка на СДСМ и „експертка“ и се фали на другарка и со татко кодош дека и ветила дека Законот за лустрација ќе биде поништен и еве тоа ќе се случи. Еј, ова е за нив приватна фирма, па како сакаат така си играат. Еднаш го кршат Уставот, еднаш го бранат, а ситуацијата е иста и во двата случаи. Е, ама го нема Бујарчо, од Зајко гонетиот криминалец, да ни објасни дека ова не е маркет, па што сакаш земаш од маркетот, а што сакаш не. Зашто правото не познава лицемерност, дволичност, расипаност, различни аршини… Бидејќи тогаш тоа не е право.
А, последица на ова е дека ако обичниот граѓанин нема гаранција дека системот кој тој го препознава (луѓето на читаат членови) ќе постапува еднакво во исти ситуации при исти прописи, тогаш, порано или подоцна, тој ќе побара отчет. И тука комуњарчиња драги завршува приказната, па немој после да плачете дека пак сте имале „режим“. Значи, кога веќе сте дозволиле преседанот од 1998 година да стане правило, тогаш држете се до тоа правило и не мрчете многу. Изберете си го Ковачки и толку. Зашто другата варијанта е многу полоша.
А, вмровците? Ех, они нека не се силат многу со тоа каква биографија имал нивниот предлог, бидејќи на луѓето тоа не им значи ништо. Се сеќаваат луѓето како вмровската „икона“ Љупчо ги лажеше дека ќе ги врати фабриките, па ништо од тоа. Се сеќаваат луѓето како вмровците се качуваа по огради од вилите на Водно пред изборите 2006, па никому од газдите на тие вили не му фалеше ни влакно. Напротив, денес ги имаме истите газди уште повеќе нафатирани, но плус нафатирани вмровци на кои Грујо пред да ги седне во собранските и министерските фотелји уште им ги бришеше мамините носиња за да не им отиде исцедокот во испружените јазичиња кон носот. Се сеќаваат и кога ВМРО им велеше дека со цистерни за нафта на Штерјо се превезува зејтин од Штип, па народот масовно се труе, па никому ништо. Се сеќаваат…
Така што, олабавате малку, можеби нема да биде така, всушност сите сакаат да не биде така и конечно, овој пат народот да не добие само некоја коска за глодање под превезот наречен „борба против корупцијата“ (да бидам искрен, знам едно име за кое би се заколнал дека ќе го исполнеше тоа, но чудни се игрите…), и тргнете ги оние огледала од штабот кои сте ги зеле од кралицата во приказната за Снежана и кои наутро ви велат дека сте најубави. Доколку имате искрени намери да направите нешто на овие избори и доколку имате намера да ги ставите криминалците во затвор. А токму тоа го чека народот од вас.