Дарко ЈАНЕВСКИ

Нели веќе ви реков, викендите се обично денови резервирани за кавга дома, ако фотелјата си ја поместил малку полево или подесно од местото каде и е зацртано дека треба да биде, ако чашата не си ја превртел, туку си ја оставил со отворот нагоре (добро, тоа го признавам…), ако средството за садови ти ја суши твојата кожа на рацете (а, не знам што некому му е гајле за мојата кожа и за моето средство за садови) или пак, резервацијата е за нешто малку повеќе сериозно од ова првово – за ургентни центри (после години и години сфаќаш дека поарно е за викенд да завршиш на ургентен отколку…, под услов да излезеш со свои нозе, ама ајде, за тоа друг пат). И патем, навистина, дајте им на тие лекари, медицински сестри, боличари и кој се уште таму работи, двојно од ова што го земаат сега за тие дежурства зашто навистина се отепуваат луѓето од работа, ама ајде, и за лекарите веќе сум пишувал.

Така што, малку недостигаше овие редови да доцнат еден ден – нели обично ги пуштам во недела, ама пак, како велат на онаа, не баш Сократова и во исто време и Хегелова емисија на една од нашиве т.н. телевизии – никогаш не е касно, така што еве, и од мене да прочитате нешто.
Обично не се занимавам со плачењето на разно–разни типови кои се претставуваат како новинари, а кои се жалат на вакви или онакви притисоци. Ги прескокнувам. Мене никој не ме бранеше кога Бејли, Волерс и цела дузина „слободарски“ амбасадори ми вршеа притисок како главен уредник на еден од тогашните дневни весници (нивната целдобро ви е позната, беше инсталирање на предавникот Заев и промена на името), ниту пак некој ме бранеше кога муртинскиот селанец јавно ме означи како непријател, мене и весникот што го водев, по што практично останав без работа заедно со уште над 70 луѓе од весникот. Тогаш, некои сегашни „мочковци“ јавно се лигавеа со Заев и си разменуваа лиги од внатрешноста на устите, шетаа по улиците на Скопје со маички на кои стоеше „СЈО“, се возбудуваа на оној срамен документарец на уште посрамниот Би-Би-Си за Чарлиевите ангели, и се ми се чини дека тие возбуди беа поголеми од оние што на тинејџерски денови ги имаш кога девојката ќе ти дозволи да ја држиш за рака и, од тие прични, обично си седам на страна. Да не зборам за корумпираните т.н. новинари од кои некои дебело се нафатираа на сметка на предавството на Македонија (не знам како не им е шубе со тие пари да ги хранат домашните, ама нивно нека е гајлето).

Си седев на страна и кога моите пријатели од ТВ АЛФА, порано а и сега, беа шиканирани од една политичка партија, зашто знам дека и тие не се возбудуваат премногу. Претрпеа и полошо, а и знаат да се справат со се што треба.

Но, ова со осудата на новинарката Лиридона Вејсели од Тетово која има свој портал а албански јазик (сеедно што објавувала на ТикТок и Инстаграм) само затоа што го кажала името на тетовскиот судија во некој предмет – е тоа веќе ги преминува сите граници, дури и кај летаргичниот дел од мене кој повеќе сака да пие кафе и да води кампања против пушењето додека истовремено ја пали проклетата цигара. Оти ова со Вејсели – што е многу, многу е. Знаете, една работа е кога некој со вас се расправа на прес конференција, иако, воопшто не е пријатно.
Признавал некој или не – тоа е притисок кој секогаш може, не велам мора, но секогаш може да влијае. Тоа е сигурно. Една работа е и кога оние кои имаат сила, моќ, ќе се јават кај врвот на државата и ќе бараат да ве „решат“, не физички се разбира, како што се случувало порано во некои ситуации, но сосема трета работа е кога кон вас ќе тргне судско-обвинителскиот систем, посебно ако сте од помало место, каде обвинителите и судиите се шерифи. Шерифи како оние од каубојските филмови во кои Док Холидеј или некој сличен фин и правдољубв тип влегува во градот, а таму лошиот шериф ги ставил под свое сите до еден, па добриот каубоец мора да ја реши ситуацијата на општо задоволство на сите, по што ракоплескаме и среќни си одиме дома од киното. Со тоа што Македонија не е Холивуд и го нема Док Холидеј.

И овде се чини токму тоа е случај. Нема да навлегувам многу во детали на пресудата со која Вејсели е осудена ан 700 евра зашто го објавила името на судијата, зашто отпрвин си мислев дека мора да има нешто, некој ситен детал за кој се фатиле обвинителот и судијката од Гостивар, па ја осудиле Вејсели. Не може, си велам, да е осудена само зашто го објавила името на судијата. Ама, ете можело. И тоа го доживеавме – некој да биде осуден зашто го кажал името на судијата кој водел предмет кој бил отворен за јавноста. И навистина, што е многу, многу е! Водата веќе не е до грло, туку истекува низ уши затоа што го преплавила и мозокот.

И добро, ете, во неделниот ден, во иднина ќе пазам кошулите при пеглање да имаат правилен раб (се шегувам, пеглањето не ми е баш јака страна, ама гоблените – е, тука никој да не ми се меша), ама да се вратам на случајот. Еве, како тоа сите знаеме дека случајот во Кочани го води судијката Дијана Груевска Илиевска? Или дека судијки во процесот против покојниот Никола Младенов кој го водеа Бранко Црвенковски и Хари Костов (тоа е едно од првите нешта што ми падна на памет) беа Бајлозова и Димишкова, не се сеќавам на нивните имиња и против кои јавно водев правна војна и никому ништо. Или дека „27 април“ го водеа обвинителката Рускоска и Кацарска. Да, се расправаме со нив, се и сешто сме кажале за нив (некои од нас, не и оние од кланот „мочковци“ и од кланот нафатирани на сметка на предавството на Македонија), па повотнро – никому ништо. Или, сите знаеме дека Кацарска го водеше оној небузлозен случај за училишнте автобуси во Битола, кога ни криви ни должни настрадаа и дузина битолски училишни директори, небаре градоначалникот Талевски, ако веќе сакал да краде, ќе крадел по денар-два од автобуски билети (а, еден шарлатан од СЈО кој ги уценуваше некои од обвинетите во тој случај, денес е „почитува“ обвинител во Скопје). Па, што? Одиш да го следиш судењето, а не смееш да го објавиш името на судијата? Каде тоа сите погоре споменати обвинители и судии дадоа изречна согласност да им се објават имињата како што се бара во пресудата против Вејсели? Никаде. И сите сега треба да бидат осудени, отприлика милион ипол колку што не има во оваа држава зашто знаат за Кацарска, за Рускоска и кој знае уште за кого? Дали сте нормaлни?

Згора на тоа, во член 149 од КЗ врз основа кој е осудена Вејсели, стои дека се штитат личните податоци на „граѓанинот“. Судијата кој во овој случај судел, а чие име е објавено, не е граѓанин, тој е вршител на јавна дејност. Платен со пари на оние што р’мбаат на машини за него да го храниме. Тој не е комшијата, „коњскиот месар Вацек, чија жена Лиса намерно, гола, преку прозорецот ги истура своите гради од првокласен мермер за да ги слудува мажите…“ (од „Црниот обелиск“), па да му се штити приватноста. И повторно, нормални ли сте?

Второ, како тоа со објава на нечие име и презиме се нарушува неговата „професионална чест изградена во 37 години кариера“? Каде и како? Во пресудата нема образложение. Само нафрлиле – туку така. А виновен си. Зошто? Затоа што кога си одел по жар истурен на земја, си врескал. Инаку, ако си бил заштитен од Господ, немало да врескаш. Толку!

Ова е финален, дефинитивен срам за судството во Македонја. Не знам кој обвинител поднел барање за осуда на Вејсели, но и неговата кариера треба да биде завршена. На потег се Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. И нема врска што предметот по жалба на осудената ќе оди Апелациониот суд. Не, ова треба веднаш да се реши. Во спротивно, распуштете ја државата. Не судството како трета власт. Државата со сите три власти. И заедно со правните факултети на оваа територија, а не држава и заедно со онаа т.н. академија за судии и обвинители. Оти ја премолчевте 1996 кога Бранко си ги избра судиите и од кога се почна, ја премолчевте мафијашката приватизација, го премолчевте целиот мафијашки систем конструиран во наредните 30 години и веќе е доста.

Е, а кога сме веќе кај Судскиот совет – онаа Комисија што треба да го испитува пуштањето на Марковски од притвор во Битола, уште патува? Оти Битола е далеку од Скопје, нели, а они се тргнати пеш? Да не биде дека целта на таа Комисија е како на Алиу случајот со 16 потписи на кардиолози и хирурзи за осумте или десет непотребни операции кои уште стојат во фиока?

Значи или ова веднаш ќе се реши или земете канистери со нафта, еве Трамп ќе ни даде од онаа од Венецуела, и запалете ја државава.

Толку за ова. За крај, да се вратам на мојата омилена тема – д-р Патрик Соон Шионг и неговиот универзален, ветувачки лек за рак „Анктива“, при што со помош на слаба доза хемотерапија се изложуваат болните клетки, а со протеинот ИЛ 15 се будат природните клетки убијци и тие се справуваат со канцер клетките, па дури и со глиобластома-еден од најгресивните канцери. Е, тој Шоинг, како последно, имаше интервју кај Шон Шприцер и раскажуваше како со Трамп договорил едно нешто, а потоа го препратиле кај бирократијата на ФДА и тие го шетаат од еден до друг, од една од друга канцеларија. И човекот, така, зашто како научник и лекар нема друга работа, си шета од канцеларија до канцеларија низ ходниците на ФДА и нормално – бирократијата не е бирократија ако не те гледа тапаво и ако не ти вели – не може! Ти им велиш имам лек за рак! Е, ако де, чекај малку. Ама луѓето умираат!? Е, добро де, голема работа!

И после Америка и ЕУ, односно бриселската бирократија ни биле стратешки партнери. Па партнери ни се – ете еден доказ дека сме исти и дека сме го достигнале нивното ниво оти исто е и со нашата бирократија. Зашто и на нашиве им велиш – не може ова вака, ама те гледаат „блентаво“. Или пак, Американците и ЕУ го достигнале нашето ниво. Кој знае? Инаку, како што реков, во меѓувреме луѓето умираат. Ама голема работа – ќе се родат други, зар не?