Дарко Јаневски
Синоќа имало некоја си Евровизија. За Северна пеела пејачка на која не и пречеше промена на името на државата, ама и пречеше кога луѓето ја мајтапеа, па и го менуваа името на детето. Додаваа една буква. А тоа не го менувало детето, оти една буква плус, е една буква плус, велеа. Не е минус. Богатство. На умот и на душата. Како и Северна. Исто.
Немам поим на кое место завршила пејачката. Знам само дека не била прва, оти гледам дека народот нешто се кара. Има и такви кои поради тоа повторно би ја збришале дијаспората. Не е прв пат. Ја бришеа кога гласаше за Грујо, сега ја бришат оти не гласала за таа која пеела за тоа поради што Грујо е кај Орбан. Во Европа. За разлика од нас. Оти дијаспората била должна да гледа Евровизија и да гласа за нас. Наутро ќе оди да работи, на работа каде што се влегува без да те легне некој небањат кадровик на Заев, а навечер треба тоа што го заработила да го потроши за да гласа за легнувачите.
Имаше на времето некоја друга Тамара. Со деновиве се влечеа по улици заради девојчето. Денес таа Тамара не се важи. Оти оној што го викаа „министер Смрт“ им стана ортак, чесен и угледен граѓани на Северна, а Тамара е Тамара, нели. Ете името е исто. Ако гласаш за оваа Тамара, исто како да си гласал за онаа од пред некоја година. Некој забележа дека сега само се чека моментот кога Бошњаковски ќе излезе и ќе каже дека сме победиле. И дека поради тоа веќе не е битно што сме го смениле името, ама датум за ЕУ не сме добиле. Всушност го добивме лани, ама за оние кои имаат тапија. Поради која останале без деловна способност.
Датум не добивме дури ни од Меркел, која, лани нешто ни се упикуваше да сме излегле на референдум. После кој, демократски го призна тоа гласањето кое не беше гласање, зашто не успеа. И зашто се гласаше на пет-шест секунди. Согласно критериумите на Хан. Што не е можно дури ни кај Австријците, за Германците и да не зборуваме. Е, таа Меркел завчера беше во Загреб. И таму не зборуваше за пристапни преговори, не зборуваше ни за претпристапни преговори, туку за надеж дека претпристапните ќе се случат. Некогаш. Како што оние што одат во црква веруваат дека некогаш ќе … Што? Ај не е ни битно.
Патем Меркел е жената која овде ја ангажира целата нејзина служба за да им помогне на комуњарите. Во Загреб беше за да го поддржи ХДЗ, кои, ако не се лажам, се првите официјални антикомуњари во некогашна СФРЈ. Така оди тоа.
Во меѓувреме, во Северна на Тамара, болни од рак и натаму ги хранат со маргарин и џем, апаратите што ги купи Грујо одамна веќе се недоволни, зашто на нив се чека по месец и половина, ама нови нема (а зошто пак и би имало), оние лекари кои си ја сакаат работата не можат да кренат глава од работа и хаос, ама по ѓаволите, зошто пак тоа денес би било битно.
Еден поранешен британски амбасадор ми велеше дека всушност не е битно што навистина е, туку каква е перцепцијата за тоа. И навистина, зошто некој би се грижел дали има апарати, дали има инвестиции, зошто некој би се грижел за тоа што Заев по втор пат се слика на пуштање во употреба на автопат, но ниту сантиметар од тие два автопати не е изграден од него (се сеќавате како „дрогирано“ гледаше во оној новинар од Косово кога пред изборите го прашуваше да наведе барем една работа што тој и неговите Заевци ја изградиле), кога секогаш ќе најдеш шутраци што ќе редат чевли пред некоја друга влада, демек луѓето се иселиле, и кои се борци за слобода, наместо оние кои не се. И секогаш ќе најдеш творови кои ќе ви велат дека имало пола милиони фантоми, а денес ќе молчат додека нивните ајнштајнови мисли се цитираат единствено кај истите тие „фантоми“ на кои им посакуваа затвори и смрт. Но, тоа не е битно. Битна е перцепцијата. Дека „блескаме“. И дека знаеме да сошиеме фустан. Каков? Тоа е веќе друга приказна.
На времето, кога групата Рива победи во име на Југославија, една наша девојка во Лондон прославувала со друштвото. Претходната година Даниел нешто завиваше за некоја Џули, но не победи, а пола Југославија за која многумина уште жалат, му беше лута зашто претходно ја остави на второ место Лепа Брена со некое „Бум Циле бум…“. Но, ете, другата година Рива победи и девојката и друштвото во Лондон прославувале. Следниот ден задоцнила на работа. Шефот, некој си Шкотланѓанец, дошол и ја прашал: „Знаеш ли што се случи?“
Девојката сета радосна и среќна, му рекла: „Да, знам, победи Југославија!“
Со неверување почнала да го гледа кога тој возвратил: „Не, туку ти задоцни на работа. А што е тоа Евровизија?“
Всушност, не сите во Северна синоќа гледале Евровизија. Некои биле во кафеана, други се обидувале да им се посреќи во сабота навечер глумејќи кадровик на Заев, трети… трети заборавиле и дека е сабота и дека има Евровизија и дека, не знам зошто, баш во сабота се пие и баш тогаш се прават други, трети и четврти нешта.
Недела околу пладне, како и обично не можеш да се паркираш на места каде има кафулиња, зашто скопските шемаџии пијат кафе. И зборуваат за Тамара и за здрава храна откако претходно мавнале по четврт бурек чекајќи во ред, во кој можеш да се изнагледаш долна облека преку дупките во тренерките на шемаџиите. Ах, да, не забораваат и дека сега се Европјани. Ебеш Македонија. Потоа следат седумдесет денари за вода која минала низ нешто кафено. Во Велес, во едно кафеанче под дрвја покрај пругата, кога за истата вода ќе платиш 40 денари, барем ќе ти кажат – да не сакаш кафе за тие пари? Чесно и фер! Но скопјани се нешто друго. Бидејќи се сметаат за директни потомци на оние Французи од времето на првите денови на парфемот. Одоздола под облеката, со телото веќе се сраснати печурки, иако водата во секоја куќа одамна е воведена, но одозгора битен е мирисот. Додека не почне да се меша со печурките.
Затоа, на нив, иако се од земјата на грозјето, во истите места каде пијат кафе, жолтата од која всушност се гнасат, бидејќи дедо им произведувал виски, па Шкотите му го украле рецептот, им ја мерат во чашки од 0,3 дц, зашто така се мерело и кај жабата што ја кренала ногата кога го видела коњот, а во пастрмалијата им ставаат отпадоци од несомелени коски, наместо месо. На таквите, покоен Спас Марковски, Бог да го прости, најпрвин им удираше по една глава во чело, а потоа ја удираше и својата од маса. Од што му беше мака. Зашто сите одат „заедно напред“, само ние одиме „заедно назад“, оти сидрото нема поим за правците.
Тамара не победила, ај се тешат, ќе сме го чекале Вардар да победи. Ете Самсоненко останал, ама тука бил преку Михајловски. Кој веќе беше во Вардар. Па во Фени. Но, како и да е, важно за едни синоќа имаше Евровизија, за други пијачка, за трети нешто друго, и сега мирно можеме да продолжиме. Таму каде што бевме во четвртокот. А каде бевме? Ах, да, во четвртокот слушав како еден бандит се фали дека неговата чесност била урнек за темели врз кои ќе се гради… Што? Не знам. Не рече Северна. Не рече ни Македонија. Оти не знае од која страна ќе го снајде нешто.
Така што, добредојдовте во земјата во која наместо „она на М…“ во која ја возевме претпристапната Меркел, го добивме „она на к…“. Во грамови, во сантиметри, сеедно. И во такси.