Дарко ЈАНЕВСКИ
И ете ги, се јавија манипулантите. Ги изнесоа студентите на протест. „Спонтан“, се разбира, како и шарената револуција. Сакаат да ги глумат Белград и Србија. Да почнат нова „шарена“. Сега недостига уште да ги организараат средношколците, како во време на т.н пленуми и се да биде потаман. А, толку е провидно, очигледно и веќе видено.
Но, мафијата нема да има обзир. Ќе употреби се’, секого и сешто за да се спаси. Работа на Владата, на Тошковски, на сите други, е да тргнат кон Берлин како што се направи пресврт во 1943/44. Кон седиштето на Хитлер. Или тој или ние. Или мафијата или нас ќе не нема, како овие 59 деца. Затоа Тошковски треба да ја преора Македонија, камен на камен да не остави непревртен, да влезе во секое ќоше на оваа земја, во секоја штала (како што за оваа во Кочани вели дека функционирала 15 години, па сега при очи треба слепи ли да се правиме), во умот на секој газда на ваква штала, на секој Капушевски или Јахоски со кои е преплавена Македонија, и да ја истера работата до крај. До крајот, па и после него.
И тоа не само за овој случај. Седум години е граден овој систем. Не оти пред тоа бевме Данска, ама оваа ерозија, овој гнилеж, усовршен е до перфекција во изминатите седум години. Под водство на Заев. Инсталиран како што беше инсталиран и кому му беше дозволено се, само и само да и се удоволи Грција. Потпиши Заев, па прави што сакаш. И ти и твоите. Крадете, башикобозувајте, ашикувајте… се што сакате.
Не знам дали чувствуваат грам грижа на совест оние платеници кои учествуваа во неговото инсталирање. Граѓаните ги разбирам, тие не живееја добро, додека други се богатеа, но тоа, на оние „од надвор кои го спремаат“, како што се фалеше Заев, кои го донесоа на власт со помош на домашните платеници, не им беше битно. Им беше битно тоа чувство на граѓаните да го злоупотребат. И затоа, подоцна и дозволија на таа банда да го создаде овој гнил систем, кој мириса од врвците на чевлите до последното влакно на косата и кој не труел и не труе, живи не гореше и не гори, еден по еден полека не убива.
Затоа, требаше да се удри уште првиот ден по стапување на власт на новата влада. Нема што да се чека, нема што јавноста да се уверува дали ЈО Коцевски чини или не чини. Треба без пардон, без милост да се прочешлаат сите овие години, ако треба нека се оди наназад и со децении, ама ова и се друго мора да се исчисти. Не смее да има козметика, шминкерај и парфем врз небањато тело кое мириса. Не смее да има ништо освен правда и закон.
Дваесетината приведени се само врвот на гнилиот систем. Овој случај е посебен заради 59-те починати деца, меѓу нив и оној полицаец од Пробиштип кој бил на должност. Но, канцерот на ова општество е во секоја негова пора и мора радикално да се исчисти. На Тошковски сега му се отворени вратите за тоа и тука не смее да има запирање.
Има можеби 20 години, веројатно година-две помалку, кога маестралната Бранка Најдовска правеше текст во весникот за кој тогаш работеше, за тоа што треба да се направи, како што беше насловено, за „Спас на Македонија“. Побара мислење од 13 луѓе во Македонија, меѓу нив и од мене. Еве што сум и напишал како одговор тогаш:
„Македонија мора да совлада два основни проблеми за може еден ден навистина да се нарекува пристојно место за живеење. Првиот, оној што може да се оствари во пократок рок – колку и да звучи тоа банално и изветвено – е Македонија, конечно, да се конституира како правна држава, односно држава што функционира. Како пример често го истакнувам случајот за кој пишуваше и вашиот неделник со ексдеканот на Педагошкиот факултет во Скопје, кого државата не можеше да го пензионира, и со оној директор од основно училиште во Шуто Оризари кој остана во својата фотелја до 66 години. На прв поглед, тоа се банални случаи, но токму таквите банални случаи покажуваат до колкав степен е колабиран државниот систем. Ако тој не може да се справи со вакви примери, тогаш како ќе барате од него да ги реши тие што навистина се комплицирани…
…За правата на граѓаните што живеат во таква држава и не треба да трошиме многу зборови. Доволно е само да се каже дека сите зборуваат, на пример, за судски реформи, а досега не сум чул, вклучувајќи ги и нашите т.н. пријатели од Европа, дека некој навистина знае што се подразбира под тоа и како тие треба да се остварат.
Вториот услов за кој треба подолга патека е да им овозможиме на новите генерации да размислуваат пошироко. За жал, во овој момент, во Македонија има десетици и десетици поколенија кои едноставно не можат да излезат од калапот во кој се создадени, и тоа претставува сериозна пречка не само во способноста да се издржи товарот од нашите славни реформи (што ги изведуваме веќе две децении) што треба да се понесе, туку и воопшто во создавањето граѓански систем со макар минимални цивилизациски вредности до кои ќе се држиме… Во суштина, станува збор за тоа дека сегашната Македонија, едноставно, нема капацитет да се преобрази во речиси ниедна сфера, и тоа е нешто што можеме само да се надеваме дека ќе го донесат генерациите што пристигнуваат. А нам, во меѓувреме, ни останува барем да се потрудиме да им олесниме со тоа што ќе го оствариме првиот услов.“
Значи проблемот сум го детектирал уште пред 20 години. Нешто подоцна се направи, малку, но барем нешто, за се потоа да биде уништено во овие изминати седум години. И затоа, треба да се фати главата на гнилежот од тие седум години. Главата и нејзините пипци, оној славен октопод на Бранко Црвенковски, кој за жал, не беше уништен ниту во време на Груевски, за Љупче на Снешка бизнисменот и да не зборуваме. Можеме да зборуваме за тоа дека се започна од онаа славна бандитска, криминална, мафијашка и каква се не приватизација и тоа е така, ама сега е бадијала да се зборува за тоа. Сега треба крстоносна војна за воспоставување на еден чист систем, систем во кој ќе нема место за криминалците за кои толку многу се зборувааше во изминатите седум години. Никаква милост не смее да има, никаква заштита за никого, никакво спиење на едното уво дека овој или оној не треба да се чепка. Пуштете ги од затвор оние што украле чоколадо или ќебапи и ослободете место за вистинските мафијаши.
И да, вратете го одново на дневен ред и случајот со монтажната болница во Тетово. Оставете ги настрана докторот и директорот на болницата кои ниту ја изградија, ниту ја донесоа во Тетово болницата. Спроведете нова истрага и дајте ги виновниците. Нека Тетово и Кочани бидат почеток на едно нова време, на една нова Македонија од која нема да се бега без да се сврти главата наназад.
А студентите нека се вратат во клупите. Тоа е должност на професорите. Фактот што ги нарекуваат колеги, не значи дека треба да е доволен за со 18-19 годишни деца да се манипулира и да се употребуваат за да се создава негативна политичка енергија кон власта и кон Тошковски. За Тошковски има време. Под услов, како што реков, ако не го преврти секој камен во Македонија и ако не го заздрави овој гнил систем.
Да, во меѓувреме расчистете и со мафијата во обвинителството, ако е Коцевски проблем сменете го уште утре, нема зошто да се чека, расчистете со онаа мафија од СЈО која сега е вгнездена во правосудниот систем, а од кои, т.н. обвинители направивме богаташи, расчистете со судскиот систем, од секој основен па се до Врховниот суд. Како и на кој начин – вие си знаете. Ако треба, прашајте ја онаа будала Јоханес Хан. И нека не ви биде гајле што ќе лаат платениците-новинари, што ќе ве критикува опозицијата. Тие нека зборат, вие чистете. До крај. Без милост и без пардон. Зашто веќе нема време.