Дарко Јаневски
Пред повеќе месеци, на еден пријател, по повод некој настан, некој му пишал дека не е ништо страшно и дека еве, Сонцето и денес изгреало. Тој пак му одговори: „Глупак, Сонцето изгреа наредниот ден и по бомбите во Хирошима и Нагасаки“.
Оттука, по синоќешеното гласање можете денеска да прошетате по улица, да отидете до продавница, во парк на плоштад и… се и натаму е на своето место. Ништо не се сменило. Се е исто. Тоа е доказ дека синоќешното гласање и не било така страшно, нели?
Тоа е логиката на луѓе кои обично одат по линија на помал отпор и кои секогаш се обидуваат да избегнат да бидат спроти ветрот. Во ред, во тоа има логика. Но има ситуации кога ветрот ќе ви ја урне куќатат и одењето, не наспроти него, туку во правецот во кој дува и не е баш најпаметно решение.
Кои би биле последиците од овој пораз? За нив сум говорел и пишувал уште пред десетина години, па кој чул, кој прочитал и сфатил, во ред, кој не – здравје! Но вреди да видиме како нашите соседи и „браќа“ според логиката „еден народ – една држава“, минаа кога дозволија и ним да им се случи национална катастрофа.
1913 година, по поразот во Балканските војни, Бугарија останува без Македонија и без македонскиот, санстефански сон. Тоа е нивната национална катастрофа. Тотален пораз на нивната идеја и држава. Тој пораз, во Првата светска војна, независно од националноста на нивниот принц, ги води на страната на Германија и кон нов пораз во 1918 година. Тоа ги принудува да потпишат еден договор во 1922 година со Грција за размена на населеието, па така Егејска Македонија сосема мирно е исчистена од неколку стотини илјади „Бугари“. Впрочем, тоа е моментот и кога предците на екс бугарскиот премиер Росен Плевнелиев се селат од Плевна крај Драма во Бугарија.
Таа катастрофа од 1913 година, надополнета со катастрофата од Првата светска војна и договорот од 1922 година, ги води Бугарите одново на страната на Германија во 1941 година. Нов пораз, отворена врата за комунизмот и Црвената армија. Тоа ја одредува судбината на Бугарија до 1990 година, која, наместо да биде напредна, современа и релативно богата демократска држава, дури кон крајот на минатиот век почнува да гази кон слободата. Ако така може да се каже, со оглед на сличните процеси, како и во Македонија, кои и таму се одвиваа: беспримерна гражба на капиталот во деведесетите, затворање на фабриките, мафијаштво, убиства, киднапирања… Една од најтешките дилеми за секој кој живее на овие простори би била дали во тоа време беше полошо во Арканова Србија (која патем, денес не заостанува зад Бугарија) или во „демократска“ Бугарија. За денес, источните ни соседи да бидат горди што стигнале до 500-600 евра просечна плата и пензии од 100 и нешто евра и што не поминале во трката по благосостојба.
Попластична слика за тоа како еден пораз, една катастрофа може да води друга, трета… по примерот на наредени домина кои потоа се уриваат, за конечно да се дојде до губење на цел еден век во природниот развој на една нација и држава, тешко дека може да се долови.
И тука, во поглед на тоа што нам ни се случува, не станува збор за тоа дали Македонија е вечна. Можеме да се удираме в гради колку сакаме за Македонија и за македонштинта, но факт е дека секој од нас можел да биде роден и во Германија, па ќе бил Германец. Факт е дека многумина од Егејска Македонија, како што по Граѓанската војна во Грција се преселиле во Социјалистичка Македонија, можеле уште во 1922 година да се преселат, како и Плевнелиеви, во Бугарија. Познавам луѓе родени од родители Македонци кои живеле во друга земја и кои денес не се чувствуваат Македонци. Така што, тоа не е клучно. Можеме да се удираме в гради колку сакаме за „Вечна Македонија“, но поентата е дека во овој случај, нам тоа ни го прават насила. Друг ни интервенира во душата, ни копа по чувствата, ни влегува во спалната соба…, затоа што проценил дека тука има маса на луѓе чија душичка може да се свитка, да се извади и да се завитка во крпче, само и само заради ветувањето пари од Брисел.
Како што реков, сме можеле да се родиме и како Германци. Да, но сме се родиле во Македонија и сме се родиле како Македонци. Така се чувствуваме. Некои од нас. Или барем 1,2 милиони кои се избројаа на 30 септември. И факт е дека од синоќа тоа е сменето.
Деновиве многумина плачат и колнат по мрежите, но луѓето бараат и решение. А тоа не е во удирањето в гради, туку во враќањето на правото на наше чувство во кое нема да се меша некој друг. Ние да раководиме со себе, а не некој друг. Ние да одредуваме дали ќе јадеме природна или вештачки модифицирана храна. Ние да одредуваме дали и со кого ќе се сакаме или ќе се мразиме. Ние да одредуваме дали и денес Сонцето е исто како и вчера или и тоа друг ќе ни го кажува, додека чекаме во редот за 500-те евра од Брисел (иронично, нели, тие што синоќа гласаа за тие ваши 500 евра, толку трошат во месецот само на кафиња). Во крајна линија, ние да се справуваме со нашите мафијаши, па макар барале помош и од друг, но не тој друг да ни кажува кој е мафијаш, а кој не е, кој е добар, а кој лош при наш здар разум, не тој друг да ни конструира случаи, да ни пишува закони, да ни одредува кога ќе стануваме, да ни стои под прозор за да чуе на кој јазик зборуваме, да ни бележи кога си легнуваме.
Во спротивно, зошто би се бунеле ако родителите ни одредуваат со кого да мажиме/жениме, зошто жените се бунат ако трпат насилство, зошто нервоза ако нема лекови..?. Сето тоа го одредува некој друг, помоќен и посилен, сеедно дали е тоа авторитетот на родителите, физичката сила на пијаниот сопруг или министерската позиција и функција. Свиткај си ја душата в крпче и молчи. Ама не е така, нели? Зошто како што има жени кои цел живот молачат и трпат (зашто нема каде да одат, зашто децата уште не пораснале, зашто има илајдници оправдувања да не направиш нешто…), има и такви кои не сакаат да трпат.
Но, секој сам го прави изборот, зар не?