Дарко ЈАНЕВСКИ
(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и ги одразува неговите лични ставови, а не нужно и ставовите Денешен.мк)
Станува досадно. Надвор пече, мора да се криете дома и нема друго освен да ги слушате Венко Филипче и Ана Чупеска како рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ драстично паднал и како власта изгубила, ни помалку ни повеќе, туку 100 000 гласови. А, нивната партијата бележела „напредок“. Што значи тој напредок, никому не е јасно. Од 150 000 гласови на 155 000?
Се разбира, тоа се истражувања на СДСМ кои никој надвор од партискиот штаб не ги видел. Да беше така, нивните медиуми на сите ѕвона ќе ги објавеа бројките. Ќе удираа камбаните, не само во Македонија, туку и во Бугарија и Грција. Ќе добиевме писма со честитки од Бејли и Гарет, а „шарените“ ќе излезеа од своите глувчешки дупки. Зашто 100 000 гласови помалку не се шега. Кога тоа би било така.
Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ вози напред. Секој ден отвора по нешто. Има по неколку прес конференции. Тошковски го решава пожарот во Кочани. Им останува проблемот со јавниот обвинител Коцевски и неговото досие, во кое бонусите на нафатираните ведети од корумпираното СЈО остануваат една од најтемните дамки. Македонија, во тој дел и натаму е црна дупка која ги проголтува таквите како обвинителите Хајрулахи и Цветановски. Црна дупка во која Зоран Заев е на слобода, Венко Филипче и неговата монтажна болница во Тетово остануваат недопрени. Медиумите го канат Никола Димитров на интервју. Гледаш и се чудиш. Колку треба да си атрофиран во мислата за да го направиш тоа? Да му даваш на значење на човекот кој ја потпиша „Северна“ додека неговата љубов Заев во позадина си менуваше вратоврски со Ципрас.
Тоа и не е така мал проблем за Македонија. Суштината не е во тоа што има да каже еден таков егземплар (да го цитирам покојниот Никола Кљусев) како Димитров. Сушптината е во атмосферата, во општествената свест која се уште постои, која се уште е доминантна во оваа држава, а која смета дека таквите како Заев, Димитров… се релевантни личности и соговорници. Исто како што Кацарска е „угледен“ уставен судија. Наместо сите тие да бидат отфрлени од ова општество како туѓо ткиво, како каснатина од куче против што треба да добиете вакцина против беснило. А, не Бубевски, Фетаи, Ристовска и натаму да си се обвинители, Заев да гради згради во Дубаи, Ден Дончев на мира да си ги троши парите што ги ставаше во торба, олигарсите и натаму да си се угледни бизнисмени… Таа клима, таа општествена свест, нивното менување – е тоа е вистински предизвик за оваа ВМРО-ДПМНЕ.
Општество во кое за предавниците ќе нема место, во кое тие ќе бидат отфрлени на пазар, во маркет, во продавница, во кафуле, на улица… Тоа е тоа што и недостига на Македонија, што му недостига на овој народ. Во спротивно се ќе остане само на поединечна саможртва за ова парче земја.
Кога во 1904 година, војводата Леонид Јанков, една година по неуспехот на Илинденското востание, отишол во Софија, се разочарал и по враќањето раскажувал дека ништо не му паднало така тешко на душата, како кога таму видел луѓе од востанието кои со народни пари седат по кафеани, со лесни жени во скутот, и уживаат додека илјадници луѓе во Македонија и натаму живеат во остатоците од опожарените куќи.
Се вратил назад во Македонија и наместо да се смири, продолжил да се бори. Дома сама му седела сопругата, една од најубавите жени во гевгелискиот крај, со трите деца. А тој со пушката на рамо… Се до наредната 1905 година кога загинал. Зошто?
Затоа што во Македонија мнозинството и натаму седело по кафеани, како и во 1903-та, оставајќи ги на мира предавниците. Таа атмосфера не се сменила тогаш, таа атмосфера треба да се смени денес. И тоа е вистинскиот предизвик, задача која досега никој до крај не успеал да ја реши и да ја спроведе.
Зашто овој народ некогаш располагал и со Солун и Солунското поле, со Пирин, со другата страна на Охридското и Преспанското Езеро. Денес нема ништо од тоа. Ја има само оваа запечена земја, колку и да си ја сметаме за убава и плодна, затоа што никогаш не го решил тој проблем. Грците и Бугарите со тоа одамна расчистиле. Србите – не до крај. Ние не сме ни започнале. Или сме на самиот почеток
И независно од тоа колку проекти ќе спроведе оваа Влада, мора да почне да ја создава таа атмосфера, таа свест. Свест дека Македонија мора да биде богата земја, со богат народ, што сите го посакуваат, но Македонија во која чувството за правда и правдина секому ќе му бидат на прво место. А тоа не може да се оствари со таквите како Заев и Димитров, со булументата која, сеедно дали со домашни или странски пари, стоеше зад нив и ги поддржуваше. Иако, некои од нив денес пуштаат да свири поинаква плоча.
Зашто во меѓувреме, додека ние се справуваме со некои базични работи, светот оди напред. Во позадина на бомбардирањето на Иран и на војната на Русија со Украина, се води трескавична битка со фармацевтската мафија и со политичарите кои се платени од неа, борба за лек и вакцина против ракот, со кои земјата која ќе ги изуми, ќе завладее со светот. Се води битка за храната на децата, за нивната изложеност на дебелеење и дијабетис, битка со епидемијата на автоимуни болести за кои нема решение, како што се нема радикално решение ни за кардиоваскуларните болести. Една Панама има клиника во која со матични клетки се лечат неизлечиви белодробни болести, со што кај Џо Роган се пофали и Мел Гибсон, Канада има клиника во која, наспроти сите пречки од власта, еден поеднец успешно се справува со терминални фази на канцерот (барем во мнозинство случаи) со лек за кој администрацијата на Џо Бајден плаќаше реклами да не се користи зашто е лек за коњи.
Поентата е дека светот се бори. Дека таа борба е трескавична и се одвива на едно друго, за нас недофатливо ниво.
А во меѓувреме, ние во оваа Македонија се гушиме во преполните ходници каде во некои денови нема каде ни да се застане, не пак да се седне. Одиме по клиники со чергичиња, сендвичи и сокови како да сме тргнале на излет. Децата учат од учебници чија содржина е неприменлива за наши услови, а учењето дека треба да бидат чесни и со чист образ се смета за наивно, будалесто и непримерно. Наместо тоа, имаме општество во кое тие самите учат дека треба да бидат хохштаплери, багабонти и крадци. Ако сакаат да успеат. Според нашите мерила за тоа што е исправно, а што не е. Мерила, кои се свртени наопаку. И кои мора да ги смениме.
Власта смета дека почнала да ги менува тие мерила. Добро. Само нека нема застој. И нека се биде истраен во тоа. До крај, до последната граница, до последниот човек.