Дарко ЈАНЕВСКИ
(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и ги одразува неговите лични ставови, а не нужно и ставовите Денешен.мк)

Ете бидна и таа средба меѓу Трамп и Путин. За Украина. Која не беше присутна на средбата. А и зошто би била? Таа не ја почна војната, туку ја почнаа Обама и Нуланд. Па ја продолжи Бајден. Украина е само топовско месо за кое е резервирано место на гробиштата, а не на масата.
Така отприлика било и со Македонија во Букурешт пред 112 години. Додуше, сега Украина има кој да ја претставува, каков и да е тој. Македонија немало кој да ја претставува. Зашто додека другите народи околу нас создавале држави, ние сме седеле дома. Или по кафеани. „Остај таа работа“, велеле. „Не е тоа за нас“. Со исклучок на оние херои, за кои пишував на 2 август, а од кои повеќето изгинале.
Така беше и во 1991-та. Нашиот врв и тогаш не беше нешто расположен за самостојна држава. Не е тоа за нас, шепотеа, додека јавно се удираа в гради. Каде можеме ние без Југославија, велеа.

СДСМ беше за федерација, ВМРО-ДПМНЕ на Љупчо, на Снешка бизнисменот, кој подоцна ветуваше дека ќе ги врати украдените фабрики на работниците, сакаше конфедерација. Киро Глигоров со Алија Изетбеговиќ предлагаше еден план наречен „два плус два плус два“, што подразбираше еден статус за Словенија и Хрватска, друг за БиХ и Македонија, трет за Србија и Црна Гора. Ама се заедно да биде Југославија. И, ако не беше решеноста на Геншер да ги признае Хрватска и Словенија и да ја растури СФРЈ (од свои причини, и на крајно непромислен начин што доведе до неколку стотини илјади мртви, дузина воени злосторства и економско назадување од кое Македонија, според моите некогашни истражувања се поврати дури во 2008-та, но тоа е сосема друга тема), ние и денес ќе седевме по кафеани и ќе велевме: „Остај, не е тоа за нас!“

Затоа и немавме место на масата. Не на оваа, на Трамп и Путин, туку на онаа кога се носеше Лисабонската декларација од која се почна. Немаше место на масата ни после тоа, иако создаваа привид како да сме таму. Ние бевме таму, но само слушавме што ќе ни кажат. Променете знаме – добро ќе го промениме. Прифатете Времена спогодба. Добро – ќе ја прифатиме. Бидете ФИРОМ за само два месеци. Добро, ќе бидеме за 20 години. Еве ви го Заев и бидете Северна, добро ќе бидеме.

Но, фала му на Бога, тоа полека се менува. Францускиот предлог со бугарските протоколи барем помина со масовни демонстрации. На „шарената банда“ никогаш нема да и го заборавиме злото, останува само јадот во душата зашто уште не сме им вратиле за тоа зло. Тоа што нема да им заборавиме, нив не ги секира многу. Но, да им се врати – е тоа би било друго. Не може Рускоска и Кацарска и денес да бидат „почитувани“ членови на ова општество. Не може бандата шарена и натаму да е влијателен дел од оваа држава. Постојат цели сегменти каде тие и натаму „палат и гасат“. Не може Заев и натаму да е „угледен“ бзинисмен, сега не само во рамки на Македонија, туку и надвор од неа. Дури до Дубаи.

А, поентата не е во одмазда. Поентата не е во тоа да се види крв. Поентата е во тоа да се стави до знаење дека секое предавство, секое „остај, не е тоа за нас“ и седење по кафеани додека други гинат, не се исплати. Дека токму тоа е погубно. Дека оваа држава треба да создаде атмосфера, ум кој ќе натежнува кон тие кои со денови „ги мереа“ улиците против Францускиот предлог, а не кон тие кои немаат проблем со тоа да бидеме уценувани се додека не прифатиме дека некогаш сме биле Бугари, па ете, после некому му текнало да не преименува во Македонци.
Се сеќавате на хистеријата околу Александар Македонски? Комуњарската банда и денес добива алергија кога ќе се спомене неговото име. Мислите дека таа банда знае нешто за него? Не, таа беше платена да одработи за туѓи агенди и тоа го стори. Ако таа туѓа агенда вели дека треба да се откажат од своите татковци и дедовци, ако таа агенда утре им наложи да се откажат и од своите деца, нема проблем, тие тоа ќе го сторат. И на секој што е против тоа, тие му се свртуваат како глутница разјарени хиени и мршојадци.

И на тоа мора да му се стави брана. За да бидеме на масата. Затоа прстот на чело, за да се сфати дека треба да се менува општата општествена клима. Што е тешко. Знам! Иако, ако се погледне од друга страна – и не е тешко. Тешко било да се стапне на Месечината. Ова што сега ни треба е извонредно тешко!

Впрочем, погледнете само со што се соочува Трамп. Систем кој пропушта милиони имигранти, долг од 36 000 милијарди или 36 трилиони долари, најголем во историјата на светот на било која империја, корумпирана ФДА и здравствен систем кој не му дозволува на Роберт Кенеди јуниор да мрдне, прехранбена индустрија која грчевито се бори и натаму да ги труе децата за да има поголеми профити, систем кој повеќе го интересира каде да испрати некои бомбардери, наместо фактот што средната класа живее се потешко, систем кој уште смета дека машкото малолетно дете може да си го смени полот и обратно, криминал во главниот град на земјата број еден во светот поради што беше испратена Националната гарда за да се поттикне решавањето на проблемот со убиствата и кражбите, поради што самиот Трамп рече дека во Вашингтон е полошо отколку во Богота или Мексико Сити…

Ние немаме баш такви проблеми, нашите се од поинаков вид (иако, не помалку сериозни и опасни), но факт е дека и ние си имаме своја длабока држава. Чии корени не се помали од наведената погоре. И за да се смени тој систем, треба време и напор кој ви ја одзема целата енергија. Треба да го смените менталитетот и кај оние кои по дефиниција не се „шарени“, но кои немаат проблем со тоа „остај, не е ова за нас“. Легачи, паразити, деструктивци, маса со просечен ментален склоп која не е способна да повлече напред. И на која и смета секој што сака тоа да го стори, зашто така се разголува нејзината неспособност и просечност. Еден кој што сака да повлече напред, ја разголува комфорноста на десетина други неспособни. И тие ќе сторат се што можат тој еден да го снема. Затоа е тешко. И во Скопје и во Вашингтон.

Но, тоа мора да се смени. Трамп почна со Илон Маск и со Кенеди, па полека почна да крева кочница. Кај нас тоа не смее да се случи. Кај нас треба да биде обратно. Зошто? За да не има на масата и да останеме таму. И за да може да се поправи тоа што „бандите“ го уништија. Да не ви пишувам сега патетични реченици во стилот „за да имаме што да им оставиме на децата“. Иако, во крајна линја, се се сведува на тоа.

А изборот е меѓу тоа дали ќе им ги оставиме во наследство Заев, шарените, Кацарска, Коцевски, СЈО, сите оние за кои седум години ВМРО-ДПМНЕ држеше прес конференции (и уште ги држи, како најновата серија за Еразмус и Фрчкоски), дали ќе им ги оставиме криминалците со „бели крагни“, како што ги нарекуваат во криминалистиката и кривичното право оние кои вршат „софистициран“, организиран криминал, или ќе им оставиме во наследство средено и пристојно опшество од кое нема да бегаат како ѓавол од крст. Толку!