М-р Александар ЈОРДАНОСКИ
Најновиот момент поврзан со оспорувањето на Акцскиот план за правата на малцинствата и заедниците што бил на македонски јазик е уште еден во низата обиди од страна на источниот сосед, кој трае во континуитет со различни амплитуди повеќе од еден век, дека македонскиот јазик не постои, а македонскиот народ е вештачка творба. И ова е главната линија по која се води бугарскиот политички наратив во однос на темата Македонија.
Но отфрлањето на Акцискиот план само затоа што бил на македонски јазик покажува дека источниот сосед веќе ја изгубил инвентивноста во „именувања“ на македонскиот јазик, за кој во периодот 2017 – 2024 година се користеа две варијанти: „дијалектна форма на бугарскиот јазик“ и „писмено регионална норма како дел од бугарскиот јазик“. Во 2025 година беше именуван како „модерен македонски јазик“, сакајќи да се даде некоја новоопределена временска рамка на создавање и постоење. Во одговорот на бугарското Министерство за надворешни работи на темата Акциски план во 2026 година, македонскиот јазик изникна како „достапен“. Ако се навратиме и во 2011 година и Извештајот од Европската комисија за напредокот на Република Македонија, ќе дојдеме до уште една интересна инвентивност во именување на македонскиот јазик. Во тој документ е употребена описната форма „јазикот на мнозинскиот народ во земјата“. Таа година, покрај владина реакција за ваквото именување на македонскиот јазик, следеа уште неколку инситуционални реакции, како од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и од Управата за заштита на културното наследство.
Македонскиот јазик е дел од Општословенскиот лингвистички атлас, проект започнат на Четвртиот меѓународен конгрес на славистите 1958 година. Потребата од изработка на ваков лингвистички атлас прв пат се споменува далечната 1929 година на Првиот меѓународен конгрес на славистите одржан во Прага. Општословенскиот лингвистички атлас претставува еден од наголемите лингвистички проекти во светот воопшто во кој се вклучни јазични специјалисти од разни области. Корпусот на податоци во Атласот се црпи преку 3454 прашања со мрежа на пунктови од 850 села од сите словенски земји. Комисијата за дијалектни атласи при Меѓународниот комитет на славистите во текот на својата долгогодишна работа отсекогаш ги третирал српскиот, бугарскиот и македонскиот јазик како „одделни колца во јужнословенската група“. Македонското учество во овој проект е преку Македонската акедемија на науките и уметностите.
Македонската влада 2008-та ја прогласува за Година на македонскиот јазик, во чии рамки се објавува Македонскиот дијалектен атлас – пролегомена, во издание на Институтот за македонски јазик, а во 2020 година Македонската академија на науките и уметностите објавува и Лингвистики атлас на македонските дијалекти. И во двете изданија се следат принципите на работа воспоставени во Општословенскиот лингвистички атлас, каде што македонскот јазик се третира како одделен, односно самостоен. Во Атласот од 2008 година се нотрани пиринските дијалектни зони во Бугарија со 26 дијалектни пунктови (малешевско-пирински и дел од серско-лагадинските говори), како дел од македонскиот дијалектен ареал.
Ставот на Меѓународниот комитет на славистите за континуитетот на статусот на македонскиот јазик во рамките на Општословенскиот лингвистички атлас е принципиелен од почетокот до денес. Овде е интересно да се забележи дека бугарската страна, односно Бугарската национална комисија токму заради ваквиот принципиелен став на Меѓународниот комитет на славистите го напушта проектот Општословенски лингвистички атлас уште во 1982 година и повторно се враќа во 2005 година.
Најистакнат бугарски дијалектолог по Втората светска војна е професорот Стојко Стојков. Под негово раководство е изработен Бугарскиот дијалектен атлас во четири тома: том I 1964, том II 1966, том III 1975 и том IV 1981. Овде бугарските дијалекти не се претставени надвор од границите на бугарската држава. Исто и во неговиот труд од 1962 година – Бугарска дијалектологија, кога зборува за бугарската јазична територија, тој повторно не излегува надвор од државните граници. По смртта на професорот Стојков кон крајот на XX век, неговите помлади соработници ја издаваат Бугарската дијалектологија со „додаден“ дел кој се однесува на бугарскиот јазичен ареал, но сега целосно навлегува во вардарскот и егејскиот јазичен простор од македонскиот јазик, како и во говорите на Југоисточна Србија. Оваа интеревенција од помладите колеги на професорот Стојков ги нарушува воспоставените научни принципи на Општословенскиот лингвистички атлас, зад кои стојат врвните светски лингвистички авторитети на XX век. Овде може да се заклучи дека науката е управувана од политиката.
Во 2003 година во Париз во рамките на УНЕСКО се носи Конвенцијата за заштита на нематеријалното културно наследство, а нејзината полноважност е од 2006 година. Конвенцијата, меѓу другото, ги третира ги усната традиција и изразување, вклучувајќи го и јазикот како дел од нематеријалното културно наследство на светот. Македонија во националниот систем за заштита на културното наследство веќе има воспоставено заштита на македонските дијалекти со владини одлуки од 2009 и 2011 година. Во овој модел се внесени и дијалектите на деловите од народите споменати во Преамбулата на Уставот на Република Македонија. Ваквиот позитивен приод кон македонското јазичното наследство од страна на д-р Биљана Сикимиќ од Балканолошкиот институт при Српската академија на науките и уметностите е оценет како модел top down, објавен во Зборникот на трудови „Наследство и идентитет(и)“ во издание на Филолошкиот факултет при Универзитетот во Бања Лука и Центарот за фоклористика и студии на културата.
Имајќи предвид дека нематеријалното културно наследство, во случајов сфатено како јазично, не е ограничено со државните граници, односно определени македонски дијалекти излегуваат надвор од границите на Република Македонија, а Законот за заштита на културното наследство е ограничен на државните граници, притоа, имајќи го фактот дека соседните држави, кои, исто така, ја имаат ратификувано Конвенцијата за заштита на нематеријалното културно наследство (Бугарија 2006, Албанија 2006, Грција 2007 и Србија 2010), очекуваме позитивен приод кон видот културно наследство кое ги нуди препознатливите показатели за еден народ и доследно и практично спроведување на Конвенцијата од УНЕСКО, продолжувајќи го патот на демократичноста што го применува нашата држава.
Во таа смисла, делот од изјавата на македонскиот премиер Христијан Мицкоски во однос на тоа дека македонскиот јазик во Акцискиот план е пречка, во која нагласува дека оваа тема има „…многу подлабоки корења и подлабоки се проблемите…“ се сосема оправдани и легитимни.
(Авторот е директор на Националниот конзерваторски центар – Скопје)




