Јованка КЕПЕСКА
Оптеретени со други значајни аспекти од нашето лично и општествено живеење, пандемијата и геостратешките аспекти на Македонија, не ги согледуваме постоечките релации на индивидуата во заедница. Оттаму и потребата да се сврти вниманието и кон расточувањето на заедницата и атомизацијата на единките што го условува нивото и карактерот на ангажманот на индивидуата на општествен план.
Губењето на вредностите се нарекува аномија. Евидентни се анализите на аномијата што се прават во западните општества меѓу кои најзначајна е, можеби, онаа на Ноам Чомски. Затоа што во светски размери губењето на вредностите постои со различни пројави, од безидејност до насилни манифестации на однесувања.
Процесот постои и во соседните земји. Анализата на социологот Ратко Божовиќ укажува на драстичното губење на вредностите во последните демонстрации во Белград, манифестирани со палења, грубости врз луѓето и, воопшто, во крајна негрижа за другиот човек како во гестовите на полицијата така и меѓу луѓето.
Губењето на вредностите во Македонија не се пројавува на еднаков начин туку со различна суштина. Манифестирано е со изолација, осамување на луѓето и губење на емпатијата. Што би значело ослабување на сочувственоста па и помошта за другиот. Потиснување на основните вредности какви што се љубовта, грижата за човекот и смислата на битисувањето. Кај нас аномијата ја причинува атомизацијата на општеството. Се работи за потиснатост на човештината, дезориентација, безизлезност, загриженост.
Човештината е останата но кај луѓето се јавуваат манифестации на акциозност, острина, нервоза и фрустрации во односите спрема другите луѓе. Оттаму за аномијата мора да се најдат причините за да може таа да се надмине.
Дијагностицирањето на општествената состојба ги открива токму причините за изолацијата на поединците во општеството и за фрустрациите. Имено, ако базичната позиција на индивидуата во општеството има три нивоа: политичка, правна и социо-економска, одговорите ја потврдуваат подвоеноста на луѓето во сите сфери што значи дека и причините за аномијата се најдуваат во сите три сфери. Станува збор за одговорите за тоа колку влијае демократската карта на односите во општеството поврзано со трите власти во општеството, со односите меѓу партиите, остварувањето на очекувањата за ефикасноста на политичкото дејствување и овозможувањето на позицијата на единката за да може да влијание врз одлуките на општеството, како причина на аномијата.
Во врска со очекуваниот одговор да се потсетиме на слабата проточност на барањата до парламентот; слабата разрешница на проблемите на поединецот во различните сфери на животот; недоволната артикулација на политичките ставови на поединецот во рамките на партиите со оглед на позицијата на членот во партијата и на протокот идеи за создавањето на лоша или, во најмала рака, е политички проблематична. Поради што номијата потребно е да се согледа со оглед на недефинираната постоечка општествена заедница која ја создава атомизацијата на индивидуата и ги нарушува нејзината релација со заедницата и односот со другиот човек. Затоа што ситуацијата која настана со промените во законодавството кои доведоа до промени на општествената заедница со проблематизирањето не само на македонската заедница, македонскиот народ туку и на економската позиција на поединецот ја изоструваат состојбата. Како расточување на националното ткиво и внесување на правен волунтаризам за односот народ – националности. Како и реперкусиите врз расточувањето на концептот на македонската култура.
Притоа егзистира отсуство на програмски ориентири на политичките партии за националните вредности и приоритетите во геополитички сложената ситуација. И над сé за катастрофалните состојби во економската сфера. А јасно е кој треба да ја исправи таа состојба која станува општествена одлика. Народот интуитивно одговори за состојбата но дефинирањето на излезот треба да го даде политичкиот субјект врз научните сознанија кои единствено ги разоткриваат внатрешните противречности на состојбите.
Значи, ние треба да ја разрешиме загрозувачката состојба со аномијата, создавајќи свест и излезни решенија во внатрешно-политичките но и во надворешните односи. А тоа се прашањата во однос на релевантноста на Законот за јазиците и другите манифестации во врска со концептот на државата. За надворешните договори за пријателство што ги загрозуваат идентитетските прашања. Притоа одговорувајќи си на овие прашања на сестран начин за да излеземе од беспатието и да ја создадеме перспективата.