Јованка КЕПЕСКА

Се наметнуваат прашањата дали живееме вистински градски живот и дали сеуште постои потребата за полнотата на таквото живеење.

Дотолку повеќе што со промената во составот на населението и поради други општествени причини постојано се дестабилизираат стилот во живеењето, вредностите и менталитетот во одделните градски средини. Во Скопје, на пример, од по ослободувањето, по земјотресот и денес.

Во нашите градови промените не се во онаа смисла како, на пример, во Њујорк, Париз, каде што евентуално се промовираат само различните стилови во сликарството, во музиката и во литературата, задржувајќи го, истовремено, приматот во банкарството, трговијата и бродвејската, или класичната, уметност. Иако, со технизацијата и комерцијализацијата, испразнетоста на животот на човекот се јавува најизразено таму, како во метрополи.

Ние, најпрво, живееме во конкретни градски заедници, скопска, битолска, прилепска, штипска и други, иако градовите не ја нарушуваат отвореноста за прифаќањето на новото што надоаѓа како космополитска потреба.

Потребата за убавината на градското живеење, честопати пројавена и како носталгија за поранешниот градски живот. Сепак, вклучувањето на граѓаните во заедничкиот живот придонесува да се стабилизираат и станат препознатливи, одново, вредностите на градското живеење. Истовремено кога и предусловите за градското живеење се зголемуваат какви што се разрешеноста на комуналните, просветните, здравствените и социјалните предуслови.

Но и просторот на живеење во целост да се урбанизира со инфраструктурни услови истоветно и во населбите надвор од градот, така што граѓаните за да можат да учествуват и во севкупниот живот во градот. За да се изедначат разликите во квалитетот на животот и селата за да се приближат кон градот.

Во градското живеење како, суштинска, останува потребата за духовното живеење, во вредностна смисла, и денес, истоветно. Вклученоста на граѓаните се претпоставува во севкупноста на животот во градот. А граѓаните, како информирани и култивисани, да учествуваат во духовните облици на живеењето, какви што се театарот, балетот, операта, музиката и уметноста, градејќи сопствено мислење за заедничкиот живот.

Затоа што градскиот живот, и денес, во својата суштина е профилиран, во основа, како првобитното градско живеење на раните цивилизации. Имено, градовите,  иако биле средишта на занаетите и трговијата а, покасно, добиле и административни и одбранбени функции, станувајќи политички и воени центри, во основа се препознатливи преку нивното духовно живеење. Во градовите се воделе непрестајните дебати околу заедничките, организационите, политичките, односно државните, работи, чија основа биле филозофските гледања на времето, но таквиот живот ја подразбирал опкруженоста со уметничките облици на зданијата и на поместените скулптури. Во определен дел од денот граѓаните своето катарактично испразнување го доживувале и со проследување на трагедиите од прозните дела а вниманието било свртено и кон достигнатата убавината во физичките натпревари. Иако, факт е, градовите биле живеалиштата на слободните граѓани. А во јавниот живот учествувале само хетерите, слободните, образувани и култивисани жени.

Затоа урбаното живеење ги претпоставува воспоставените многузначни врски меѓу луѓето. Градското живеење е она заедничкото. Сето друго е претпоставка. Ако градскиот како заеднички живот е суштински тогаш како се остварува таквиот? Секако во самото промислување за заедничкиот живот и со оглед на самото заедничко дејствување, начинот на кој, секојдневно, се одвива самиот живот. Искажувајќи почит, притоа, спрема улицата, установите, домот, црквата, театарот, киното (Битола изгради ново кино, во стар градски стил, именувајќи го „Манаки“), концертите, јавните дебати и збиралишта, прошетките на Широк сокак, по градските чаршии во Прилеп, Скопје…Но градскиот живот претпоставува и како разговарате со луѓето, кои теми ги вклучувате во разговорот, како се поздравувате, како отпоздравувате… како своевидна градска култура.

Битола, во својот архитектонски приод ги вклопила слоевите на севкупност од различни пристапи и од различни временски периоди на културните влијанија што ги доживеал градот и неговите жители. Како богато сопствено минато кое влегло во сегашното и како нешто што се почитува и за иднината како однос спрема минатото. Затоа што она што се создава за да стане побогата иднината се суштината на вредностите што ги формираат личностите во сегашноста. Како култура во сите димензии на живеењето. Иако, образованието, стручноста и професионалноста во секоја дејност, секако, се први.

Битола слоевитоста на културите ја сочувала од предхристијанството, од словенскиот период, од времето под владеењето на Турците, како и од времето на навлегувањето на капиталистичките процеси кои оставаат белези во севкупниот живот на градот. Актуелно го надградува животот според денешното време и  промените кои ги носи согласно и со придружните аспекти на техничката цивилизација. И тоа може да се почувствува и во тоа како се воспитуваат децата од најмала возраст, во меѓусебната односка, во грижата кон реликвиите поврзани за историјата на градот и во врска со придонеси на личности но и спрема сето што е создадено денес и како вредност и, ако сакате, како градски печат и манир, начин на облекување.

Прилеп е градот кој се гради на многузначни основи какви што се средновековните, на просветителската дејност од 19 век, отпорот на граѓанството спротив туѓите влијанија создадени во специфичните облици од страна на градската чаршија што завршува со оружаниот отпор за самостојна држава и самостојно градење на заедницата. Прилеп, изградил, и со оглед на различните периоди, извонреден македонски јазик, кој како и да доживеал напластености од современото живеење, и кои и не би било проблем и да се надминуваат, останува можеби највредното во културните градски придобивки.

Скопје како сеуште да му претстои потребата да го изоди патот на постигнувањето на сопствена градска физиономија со оглед на предизвици што му претстојат како на многубројно населен град.

Во претпоставките на градското живеење останува како основно почитувањето на достоинството на одделниот поединец, како личност. Односно почитувањето на неговата слобода како негова афтономијата. Дозволувајќи му ја дистанцата преку почитување на неговите права на егзистенција и делотворност.

Градот затоа значи со-живот на луѓето.И затоа што градот му припаѓа на со-луѓето.

Градот има специфична физиономија, но, над сî значи почит кон другиот човек, кон неговата личност и слобода. И тоа почитувањето на слободата на другиот човек да се пројавува од мали нозе, па довека, и при дејствувањето и во самата комуникација.