Јованка КЕПЕСКА
Во македонската научна мисла и во сите изданија за македонското национално прашање, појдовната премиса во сфаќањето на нацијата, продолжително од пред Илинден 1903 год. до денес е природно-правниот приод. Претпоставката на ваквиот приод е природно-правната поврзаност на народот со територијата на која е создаден. Што е суштината на етничката територија. Таквиот приод не е географски, под што би се подразбирало дека народот сега живее, а потоа не, на определени рамнини, планини, покрај реки и езера, туку дека тој има природно право на територијата на која е создаван со векови, и со оглед на неа, како посебност. Гоцевата мисла за културен натпревар помеѓу народите е токму афирмација на посебноста на народите.
Природно-правниот приод во мислењето за народот и реализацијата на неговата посебност е оној кој се навоѓа во основата на сите европски акти и практика. Тоа значи дека природно-правниот приод е и основата за правата на народите и за решавањето на малцинските права на деловите од народите во Рамковната конвенција за етничките малцинства и во други акти. Ваквиот приод кој произлегува од најдобрите европски филозофски традиции не го исклучува и позитивистичкиот приод, но со кој, како своевидна прагма, се разрешуваат прашањата на нацијата како политичка заедница.
Остварувањето на правата на деловите од македонскиот народ во Грција, Бугарија и Албанија и остварливата етничка поврзаност на македонскиот народ со своите делови во рамките на соседните држави, консеквентно се поставува според истиот приод. Тоа подразбира дека Република Македонија како матица на македонскиот етнички елемент, што прифаќа решавање на правата на деловите од македонскиот народ во рамките на суверенитетот на политичките заедници во кои тие се влезени. Затоа неспорна вистина е дека, ако тој централен елемент го изгуби својот етнички белег, ќе се изгубат и белезите на неговите делови, и ќе се изгуби и препознатливоста на македонската култура градена врз тие белези, што, според сите основни европски акти и Повелбата на ООН, би било недозволиво.
Да наведиме како во некои конкретни политички релации преку името е разрешен природноправниот однос. Најпрво да го наведеме создадениот однос кој формализиран помеѓу матицата и делот од ирскиот народ во Република Ирска и во Северна Ирска што е во состав на Обединетото кралство.
Да не забораваме, воопределени општествено-политички околности, природно-правниот принцип доведе до обединување на двете Германии, како што по Првата светска војна, Алзас и Лорен се вратија во Франција.
Притоа споредувањето на односот на Северна и Јужна Кореја (имиња изведени според арго јазикот) со решението со Грција за нашето име а кое се бара во територијална поделеност врз географски принцип, како теза поставена од грчка страна е неадекватна. Затоа што Северна и Јужна Кореја се две држави на ист етнос.
Паралела не може да се направи ниту со државите што се создадени како резултат на распаѓањето на колонијалниот систем во Африка врз територијален пристап, а во нивните имиња е означен географски момент. На пто е сведена промената на нашето име.
Мултиетничкото општество што, пак, е резултат на современата миграција на населението предизвикана со модерните технолошки процеси, потребно е да се одвои како нова, современа карактеристика во функционирањето на нацијата, од решавањето на правата на домородните малцинства. Самата Грција го признава процесот на современите миграции, наведувајќи дека кај неа постојат 100-тина етнички малцинства: Французи, Англичани, Американци, итн., на кои им ја овозможува културната идентификација.
Но за неа не постоат етносите кои историски влегле во нејзината држава. Релациите со нив ги решава на начин од 19-тиот век, како хомогенизација на нацијата, претопувајќи ги, што не е европска политика.
Од рецидивите на надминатите теориски сфаќања кај нас се јави гледањето дека прагматички е потребно да се прифати било кое име, за возврат на што државата би функционирала, итн., онака како што тнр. емпириско-позитивистичка школа, нацијата ја определува еклектички, од емпириското проучување.
Нареден прилог би се однесувал на политичката практика и нацијата.