Јованка КЕПЕСКА

Востанавувањето на ставовите за односите на матицата на македонскиот народ со деловите во соседнте земји од страна на политичките субјекти во Република Македонија, главно, остануваат на прагматични поставувања  во одделни временски периоди. Причините поради кои се изместувал и е изместен пристапот кој е теоретски и согласно постоечки правни акти во светски и европски рамки релевантен, се општествени или политички околности, надворешни. но и внатрешни. Опстојувала очигледно и нејасна ориентација како да се разреши пристапот и се создале и правни пречки, со одредба во Уставот, за да се изградат ставовите.

Отсуството на потребниот пристап во поставувањето на националните прашања и наобразба на теоретско ниво, по инерцијата на влијанието на комунистичката идеологија да отсуствува бавењето со националното прашање и отсуството на наобразбата на теоретско ниво, од своја страна, остави последици за да со изгради нашиот однос при заштитата на правата на Македонците во соседните држави.

Република Македонија, денес, потребно е да ги определи своите ставови за односот при заштитата на етничките права и слободи на деловите од народите опфатени во други државни граници, и тоа засновувајќи се врз теоретската и правната основа поставена во ЕУ, во Рамковната конвенција, од 1993 година, и претходната Конвенција за етничките групи, од шеесеттите години. Во исто време кога во Повелбата на ООН, националниот и граѓански суверенитет е заснован како политички принцип, што не отстојува и во ЕУ. Засновувајќи се врз европските филозофски сознанија во ЕУ се изразува и природната состојба на народите, подразбирајќи го дијалектичкиот пат за надраснувањето на народот преку нацијата. Оттаму претпоставувајќи ја Европската заедница како заедница на народите  од што произлегуваат определбите за заштита на суверенитетот и идентитетот на народите, нивната култура и  јазик, односот спрема деловите од другите народи, спрема етничките групи – националните малцинства и за етничките права на поединците во нацијата.

Европската заедница по Втората светска војна постигнува општ договор за неповредивост на постоечките граници. Она што особено е потребно да се истакне е дека македонскиот народ во целиот повоен период го почитувал овој принцип за неповредивост на границите. И јасно е дека при градењето на своите ставови, и понатаму, не пристапува од појдовната премиса за поврзувањето на Македонците во една и една политичка заедница, или за приклучување на деловите кон матицата. Но Република Македонија не може да го пренебрегне изградувањето на своите ставови за вложување заложби за почитување на етничките права на деловите Македонци во соседните земји.

Деловите од други народи се посебна градација во односот во заштитата на етничките групи за кои е можно, покрај заштитата на културниот идентитет и востановување на облици на организираност за искажување на националниот идентитет. Кај нас погрешно е внесен терминот делови од други народи иако според одредбите на Конвенциите за етничките групи, всушност, претставуваат национални малцинства. Онака како што е определено со одредницата во хрватскиот Устав, според која хрватската држава се определува со хрватскиот народ и националните малцинства на Србите, Чесите, Словаците, Италијаните, Унгарците…Македонците… односно со оние кои го сплотиле животот во неа и ја изградувале нацијата. Тоа што националните малцинства се ословени со етничките имиња е искажаната потврда на нивниот културен идентитет. Додека деловите од народите кои внесуваат етнички територии.

Поради мешањето на народите со оглед на глобализацијата на светот и создавање на етнички мешани општества, од друга страна, остварувањето на етничките права на етнички различните припадници се одвива врз индивидуална основа и со индивидуална финансиска поддршка.

Со оглед на историските околности, делови од македонскиот народ се опфатени во други држави. Притоа, со оглед на поврзаноста со територијата, покрај тоа што нивните својства покрај со општествените процеси кои се одвивале се определени врз поврзаноста со територијата, се еднакво значајни за суверенитетот и определбите не само на културниот, туку и на националниот идентитет на Македонците во соседните земји. Што произлегува од основата за одбрана на етничките права и слободи, содржана во правната легислатива за етничките групи, во европски рамки.

Во разрешувањето на статусот на деловите од народите во рамките на државите во кои се опфатени во конвенциите се претпоставува, истоветно, како можност за соодветна организациска поставеност.

Се разбира за остварување на етничките права потребно е да се одвива соработката и тоа, како што се определува во Рамковната конвенција, без штета по уставот на државите и на територијалниот интегритет на државите. Опфајќајќи ги класичните права поврзани со културниот идентитет какви што се одржување и развивање на културата, пристап до образованието на мајчиниот јазик, нагласено без штета по изучувањето на официјалниот јазик, пристап до средствата за јавно информирање.

Во таа смисла се дозволени споразуми меѓу државите за заштита на културните, за образовните права и за слободите и правата во информативните сфери предвидувајќи и заеднички остварувања и интеграциска политика.

Да се дозволи слободата на здружување.

И дека е потребна заштита на етничките идентитети врз правото на зачувување на имињата, називите и топонимите на етничките јазици како и дозволата на слободните и мирољубиви контакти со припадниците на заедничкото културно наследство во државите.

Како што основа за заштита на етничките права е поединците да ја прифатат припадноста на етничката група и подлежувањето на заштитата на етничките права.

Државите, притоа е потребно да ја прифатат Рамковната конвенција за националните малцинства.