И развојот да го конструираме
Јованка КЕПЕСКА
Се чини дека поради кадарот во политиката кој произлегува првенствено од правната сфера во дискусиите преовладуваат аспектите на правно-политичкиот пристап на нашиот развој. Ваквите аспекти се потенцираат во јавноста и како претпоставки за нашите евроинтеграции. Правно-политичкиот приод е и суштинската претпоставка за економскиот развој и за економската егзистенцијална сфера на човекот, истовремено. Но за општиот напредок на човекот и на општеството, од друга страна, изостануваат пледоаеата во политичките програмски презентации. А за проблематиката има научни претпоставки кои ги разрешуваат суштинските прашања за успешниот развој.
Нашиот приод произлегува од следењето на развојот на капитализмот. Капитализмот иако развитокот го должи во почетокот врз ослонување на основниот капитал, актуелно, поради поопштествувањето на производот со внесувањето на многу чинители во производството, настанува пресвртот. Политичките чинители, како надградба над економијата, ги задолжува со задачи така што правно-политичките и институционалните инструментариуми стануваат чинители на успешноста на производството. Производството станува зависно од општествената организација. А секое затајување на правните, политичките и институционалните чинители ја смалуваат производноста и ја негираат максимата за помалку време, повеќе производи.
Во почетоците, развојот е претпоставен со техниката и работните постапки, организацијата на трудот и стопанското раководење во претпријатијата, додека со покасните преобразби се претпоставува со кибернетизацијата, хемизацијата, биологизацијата. И тие ја менуваат положбата на човекот во производството вклучувајќи го во проектирањето, во истражувањата, во теориската анализа, во контролата и во управувањето. Оттаму производноста зависи од комбинациите на трудот и општеството, парадигматички искажано, од внесување на науката во целост во општествето. И крајно зависно покрај од општествено-економските и од социјално-политичките услови. Што говори дека е надминато времето на основите на производството врз основниот капитал – машините и трудот како едноставни моменти на производството.
Самиот капитал, според сопствената локика, го поопштествува производството. Работниците ги групира во сé поголеми претпријатија, вовлекувајќи и сé поголем број производители во коперација за да се подигне нивото на корпорација и интеграција на одвоените процеси во производството и тоа како колективна сила применета по пат на соработка, кооперирање меѓу луѓето и интеграции за користење на огромните потенцијали што ги носат науката и техниката. Така, иако особен развој доживуваат природните науки општествено заедничко битие, како универзална тенденција во развитокот на производноста, говори за кооперирањето меѓу луѓето и интеграцијата како основа на огромните потенцијали што ја создава како тенденција во развитокот на производноста. Секој труд станува дел од некоја целина односно општествен труд..
Пристап што е занемарен во нашите услови и што говори дека сме сеуште во фаза на издвоеност на интелектуалниот труд од физичкиот односно дека сме на ниво на развојот врз мерливи емпириски чинители за производството, наместо застапување за секое скратување на работното време, општествено потребно за производство на некој производ. Или дека не сме во фазата да употребиме помало количество труд за да се произведе поголемо количество употребни вредности. И превидуваме дека производството, освен од природните, зависи и од општествените сили и дека глобалната општествена организација и ефикасност на процесот на производство и на размената се битните чинители на производноста, како начин на заедничко дејствување. Затоа освен општата состојба на науката и напредокот на технологијата со тоа што човекот станува чувар и регулатор на производството, чинители на производоста стануваат слободносто време и образованието и развојот на индивидуата, развивањето на новите потреби односно на потрошувачката, на историскиот развиток кој го подразбираме како култура, општествените обичаи, стил на живот, општествена интелигенција на луѓето и самата општествена свест. Во таа смисла и структурните промени во економијата, примената на модерните економски инструменти во економските инвестиции, како и развојот на сообраќајот, учеството во светскиот пазар. Како резултат на што создадената поголема маса производи би служеле за издршка на работната сила и за нејзината репродукција во непрекинат тек.
Организацијата на општеството во сите сфери, образованието, културата, вредностите, институциите, власта, мораат да ги следат ваквите структурни промени. При што секое заостанување и губење на рефлексот за соответното дејствување во општествената сфера ја смалува производноста и ефикасноста за напредок на општеството.
Тоа е реалниот услов за да го поминеме прагот на неразвиеноста.