Јованка КЕПЕСКА
Продолжително, од пред Илинден 1903 година до денес, македонскиот приод за нацијата во научната мисла, изданијата и целокупната јавност, е природно-правниот. Претпоставена е природно-правната поврзаност на народот со територијата на која е создаван, како посебност, што не е идентично со географска поврзаност со територијата кога би се претпоставувало дека народот живее, а потоа не, на определени рамнини, планини, покрај реки и езера.
Постои друг приод кој на нацијата гледа исклучително како на политичка заедница на граѓаните. Како што американската нација е политичката заедница на граѓаните од новонаселените народи. Во капиталистичкиот период во Европа националната припадност е изедначена со припадноста на граѓаните на државата при што нацијата и јазикот го носат името на државата.
Повикувајќи ја Македонија и нејзиното лидерство да го направат решителниот чекор за разрешувањето на проблемот со името на нашата држава, амбасадорот Ф. Рикер (во ноември 2008 год.), во своето обраќање на собраниската комисија за надворешна политика, сходно на ваквиот приод, укажа дека, како што многу држави во светот имаат и повеќе имиња а дека идентитетот на поединците е многуслоен, Македонија, со промената на името на државата би ги презентирала следбено граѓаните како политички субјекти. Притоа идентитетот на државата, суштината на нацијата и на јазикот, без оглед на името со кое се запишани во ООН, би останале исти и би живееле според својата логика. Можеше да се очекува дека тоа би биле и основите за решавањето на името на нашата држава според кое нацијата би се рецепцирала само како припадност на граѓаните на државата а јазикот би се именувал според името на државата. М. Нимиц го даде предлогот за името – Република Северна Македонија (во тоа време за надворешна употреба) а националноста и јазикот да се именуваат според името на државата. На таков начин дефинитивно се измести идентификацијата на македонската држава со македонското име.
Очигледна беше вистинската причина за меѓусоседските договори со Македонија. А тоа е потребата да се постигне последна потврда на поделбата на македонската етничка територија.
Грција побара да се избрише секаква трага на создавањето на македонскиот народ и тоа не само на територијата која влегла во нејзината држава туку и надвор, со промената на името на државата. Така побара Македонија да не ја евидентира поделбата во минатото со картографија, историја, литература, филм и друго. Што фактички значеше дека Македонија треба да се откаже од својата историја, од историјата на јазикот, од економската и политичка историја, од македонските топоними , од археологијата и историјата на уметноста.
Грција оди понатаму. Врз основа на Преспанскиот договор ја негира македонската нација и македонскиот јазик, создавајќи пред се’ алиби за негација на идентитеот на македонското малцинство во Грција.
Бугарија побара промена на корените на народот и на јазикот.
Грција барањето за промена на нашето име го базираше, формално, врз сопственото право на културниот, како дел од националниот, идентитет, што произлегува од Античка Македонија, иако и Грците се нов народ создаден со бројни асимилаторски процеси кои не ги зафаќаат непосредно ниту старите Елини, а камоли античките Македонци. Но, ја искористи старата историска максима за елинската како за грчка културна матрица за да ја присвои културата на античките Македонци која се разликува од грчката.
Своевремено, Грција, имено, се поучи од барањата на Софија дека може една нација да постои без етнички корени, вели грчкиот историчар С. Светас во „Македонското прашање и Бугарија. Тајни документи 1950-67.“ Така, вели тој: Во потрагата по измисленото историско минато во Република Македонија со узурпација на средновековна Бугарија, при што не само што Гоце Делчев и Јане Сандански биле Бугари туку и борбата на централистите и врховистите била борба само за тактика при што и едните и другите биле Бугари, она што го проживеа Бугарија, може да послужи како ориентир за она што и’ се случува на Грција, денес. Античките Македонци кои немаат ништо заедничко со Македонија да послужат за да и’ се одземе правото на Грција врз името Македонија. И С. Светас заклучува дека премногу е тежок товарот Република Македонија сама да го носи името Македонија. Затоа, вели, да се пронајде меѓународно име кое ќе не разграничи во употребата пред меѓународните организации односно пред надворешниот свет. Така што ниту нацијата, ниту јазикот Грција не сака да се наречат македонски туку да се наречат со дипломатски јазик – нацијата и јазикот на државата. Нешто што би им одговарало и на Бугарија и на Албанците во Македонија кои ќе сакаат да бидат дел од нацијата и јазикот на државата. Грција притоа не ги признава ниту имињата на деловите од Македонија: Пиринска и Егејска.
Актуелно, пак, Софија, се поучува од Преспанскиот договор за да ги оствари своите зацртани цели за заедничката историја до 1944 год., за бугарските корени на македонскиот јазик и за новосоздадена нација, во сите поединости. И како со експлицитно и детално претставен ултиматум да се додефинира добрососедскиот договор. Фактички со истите претензии за да се легализира статусот на Пиринска Македонија како територија на Бугарија со бришењето на македонскиот идентитет и со негација на постоењето на македонското малцинство во Бугарија. Така што на дело е истата старомодна концепција за нацијата од 19 век за хомогенизација која, всушност, е асимилација.
Ноторен факт е дека македонскиот народ, како и сите денешни народи, тоа значи и грчкиот и бугарскиот, се создадени, порано или подоцна, во раниот феудализам.
Македонската нација е истовремено создавана во објективен процес кој се одвивал идентично како и кај сите балкански народи со отпочнувањето на капиталистичките процеси, од крајот на 18 век. Таквиот процес го прати духовната преродба но и политичка артикулација преку движења (востанија) и политички организации. При што јазикот го одразува идентитетот на македонскиот народ. Непостоењето на држава во овој период притоа е заместено со презентација на националните стремежи за самостојност на македонскиот народ преку првата партија, ВМРО.
И неспорен е фактот дека македонскиот народ својот национален идентитет и својата национална свест, во континуитет, ги гради со македонското име. Политичките репрезенти на македонската нација програмски ја искажуваат националната свест и тоа редовно под името македонска. Политичката партија го носи македонското име. И што е неминовно, како и кај секој народ, во својот развој тежнее кон политичка идентификација со свое име да ја означи својата политичка заедница, преку името на државата, името на националните институции и името на културната идентификација.
Остварувањето на правата на деловите од македонскиот народ во рамките на соседните држави, Грција, Бугарија и другите соседи, Република Македонија, како матична држава на македонскиот народ, го претпоставува во рамките на суверенитетот на политичките заедници во кои тие се влезени. Оттаму, Грција и Бугарија беа повикани согласно европските принципи и акти (Рамковната конвенција за етносите и други) да го признаат македонското малцинство и на цивилизиран начин да им ги признаат правата како на делови од народ што потпаднале под политичкиот суверенитет на нивните држави.
Ова е приодот кој е во процес на имплементација во Европската Унија преку заштита на идентитетите на народите, и со актите и декларациите, таа за да прерасне во заедница на народите. Врз основа на овој приод се конципирани и актите и декларациите на ООН. Впрочем, и според најзначајната филозофска мисла развојот на народот ја надраснува политичката заедница, респектирајќи ги постигнатите резултати
Опстојувањето на природно-правниот приод кон нацијата затоа би бил вистинскиот патоказ во разрешувањето и на односите со соседите и основа за приод кон договорите. Тоа значи за отстранување на непринципиелна основа во настојувањето на соседите, централниот елемент од македонскиот народ, што го подразбира народот во остварената држава, да го изгуби идентитетот, за да се изгуби етничкиот белег и препознатливоста на културата градена врз македонски белези на деловите од македонскиот народ во рамките на нивните држави.