Јованка КЕПЕСКА

Овие денови се говори за македонскиот менталитет. Односно, нашиот менталитет да се определува, било според напластеностите, создадени во процесите во светот, било како создадена склоност за изигрувањето на правото и слично. Превидувајќи, притоа, дека менталитетот се формира со оглед на општествените услови. И, пред се, со оглед на начинот на производство а кој го определуваат средствата со кои се извршува производството и соодветната организација на производство. Всушност, менталитетот е израз на севкупните општествени односи во производството и од целоста на условите што ги определуваат организациските рамки, институциите и односите на луѓето во историски даден начин на производство.

Во Македонија, очигледно, не е целосно надмината фазата на предоминантен мануфактурен процес на производство, со ситносопственичка структура, кои  создаваат специфична општествена свест, што, преточена во индивидуална свест го определува менталитетот на поединците. И покрај тоа што се навоѓаме во преоден период кон повисоката фаза во која науката станува значајна за производството и која, во светски рамки, еволуира од индустриска до информатичка. Односно дека, покрај продорите за други претпоставки на производството кои не се засновуваат врз материјалните  чинители, останува, сепак, како неизвршена, повисоката фаза. А оттаму е не е заснивана целосно основата врз која се гради и поинаков менталитет.

Несомнено е дека во менталитетот основните одлики на човечката природна основа, притоа, остануваат, како што остануваат и белези од минатите општествени времиња, сепак, во него градат како битни карактеристиките според дадените општествени околности. Во таа смисла да укажеме дека определен број од социолозите на македонскиот менталитет гледаат и со оглед на наследството на античко-македонските вредностите кои, иако создадени тогаш, се врежале и во нас. Јасно е дека космополитизмот од античкото македонско време оставил траги во менталитетот кај, нас, Македонците. Како, на пример, на помирливиот карактер, на неагресивноста, на начинот на изразувањето на мудроста на народот и друго.

Кога се зборува за менталитетот на народите од Балканот, како за менталитет на Балканците, се мисли токму на менталитетот што се создава во времето на прединдустриското производство. Во својата, филозофски најзначајна анализа од таа сфера, во трудот „Психологијата на паланката“, Радомир Константиновиќ укажува дека тоа е менталитет кој произлегува од затвореноста на општеството во себе. Имено, штитејќи го ситно сопственичкото поседништво во одбрана на сопственото опстојување и сопственичка позиција, поединците во општеството, навраќајќи се одново на постоечкото општество, ригорозно се спротивставуваат против новитетите и рушејќи ги вредностите.

Според Константиновиќ врвната судбина на духот на паланката, и на неговата филозофија, е нихилизмот. А нихилизмот ги разорува вредностите. Свртен против вредностите, всушност тој е свртен против времето така што, како разорувач на времето сака да прерасне во создател на вечноста. Впрочем, духот на паланката и запаѓа во нихилизам токму со обидот за воспоставување на вечноста на вредностите  оттргнувајќи ги од времето во кои се создадени, претворувајќи ги во апсолутна стварност, или во „над-времен“ дух.

Затоа ние почнавме да го доживуваме создадениот менталитет на коруптивност и другите пропратни појави, како ненадминлива состојба.

Кога се говори за Балканец, мора да се каже, дека, затоа, се мисли на најдобро опишаниот менталитет на припадниците на народите на Балканот, во литературата. Менталитетот во таквото историско време Во книжевнотста менталитетот, критички е опишан кај бугарскиот писател Алеко Константинов, во неговата книга „Бај Гањо Балкански“ како и во делото „Госпоѓа министерка“, но и во други дела, кај српскиот писател, Бранислав Нушиќ.

Во фазата кога, проучувајќи ја не само во целина, туку и во посебни аспекти примената на техниката и организацијата на односите, односно поврзувањето на техниката со човекот во производствениот процес, вредностите, како почитување на редот и поредокот во општеството, почитување на законите, правдата и, не на крајот, образованието, науката, културата, се градат. Затоа, во нашето општество, се наложуваат технолошки, организациски, општествено – економски решенија во производството и во општеството со соответен правен, економски и во целост општествен систем согласно новите претпоставки на општествениот развој, како нешто што е потребно да се воспостави. Од што произлегуваат вредностите што го сочинуваат менталитетот на народот и на поединците.