Јованка КЕПЕСКА

Кочо Рацин е комунист и се бори за нов општествен поредок. Тоа го определува неговиот поетски и прозен опус, секако. Но неговата публицистичка дејност поради теориската интуиција и визија го отсликува со истоветна творечка и интелектуална длабочина. Ставовите што ги зазема имаат истоветно денешно значење. Пубицистичката дејност настанува преку учеството со свои прилози во судирот на страната на книжевната левица што се карактеризира со критичка анализа и со естетски дивергенции кај авторите на југословенските простори во триесеттите години на минатиот век, поместени во многу книжевни и, од сферата на културата, часописи.

Оттаму тоа што не беше кажано во играната серија Црвениот поет, а беше важно за да се навлезе во суштината на самиот сукоб на страната на книжевната левица во тогашното време се покажува дека стануваат незаобиколиви ставови за денешницата. Оттаму и нивната издржаност.

Максимите што Рацин ги застапува се следните:

Рацин, прво, јасно се зазема за релевантниот, но тогаш негиран, став за односот помеѓу филозофијата и науките, што, за нас, Македонците е значајно бидејќи тој филозофско-научниот метод го применува во значајната анализа на македонското национално прашање, македонската литература, идентификацијата на македонскиот народ преку уметноста и литературниот јазик, и за богомилското движење и др.

Неприфатливи за идеологизираниот пристап, притоа се и неговите ставови за односот спрема културата и нејзините битни манифестации, заложувајќи се за отвореност спрема културата создадена низ целиот развиток на човештвото. Неговиот став е дека епотребно да се преземе сета култура што е создадена досега и дека новата култура треба да се јави со природниот развиток на оние резерви од знаења што ги создало човештвото досега.

Па, во таа смисла го истакнува значењето на Гетеовиот Фауст, воодушевувањето од Бетовеновата музика и од Хамлет, како и од македонската народна песна. Критикувајќи дека негирањето на ваквите вредности произлегува од старите, одамна погребани, идеи на пролеткултот, што произлегоа од руските махисти и ревизионисти. Потребно е тука да се има предвид дека во повоената југословенска политичка практика, и за што секако е заслуга на влијанието кое Мирослав Крлежа го извршува, не се изврши драстична блокада на западната култура, а како што беше случај во СССР и во Кина. За СССР остана карактеристичниот пристап за идејност на творештвото, за социјалистичкиот реализам и подреденоста на цели на идеологизација во уметноста. Кога се изврши редукција на пристапот кон западната уметност. Не се изведуваше класичната музика, додека во Кина Оноре де Балзак беше преведен дури 80-тите години од минатиот век.

Стојалиштето на Рацин кое е, исто така, пресудно е неговото спротивставување кон уметноста, односно на социјалистичкиот реализам, да се приоѓа со методот на вулгарната социологија, односно застапувајќи го вулгарниот економско-социјален детерминизам. Затоа што, Рацин вели: „Вистинската уметност го открива нејзиниот длабок спознајно – културен елемент“. И оттаму дека слободата на уметничкото творештво е суштината на (новиот) реализам. Односно дека уметноста и уметникот, не може исклучително рационалниот приод да ги создаде.

Познато е дека на дебатата за уметничкиот реализам ѝ претходат контроверзите околу филозофските проблеми на дијаматот (во Сталиновата интерпретација – историскиот и дијалектичкиот материјализам) но и за позитивизмот (логичкиот позитивизам и неопозитивизмот) особено во 30-тите години во предвоена Југославија  Дебатата се јавува затоа што во СССР, дијаматот го претворил во пресвртен облик сфаќањето на дијалектиката А Хегел, односно неговата дијалектика биле проскрибирана проблематика. По објавувањето на Хегеловата „Логика“ во чии фусноти биле поместени коментарите, фактички од Филозофските тетратки од Ленин. Рацин, 1931 и 1939 година, меѓу ретките ја чувствува потребата теоретски да ја реафирмира и интерпретира Хегеловата дијалектика и нејзиното значење за дијалектичкиот материјализам, како сфаќање за самодвижењето на историјата и самосоздавањето на човекот. И тогаш настануваат неговите есеи, меѓу ретките, за Хегел.

Дефинитивно, многу внатрешни и меѓународни фактори придонесле да јакне ортодоксниот однос во филозофијата и сфаќањето на уметничкиот реализам како противстав спрема секаков обид за активно коегзистирање на прогресивната мисла со протагонистите на современата граѓанска култура. Сталинизмот надвиснал над југословенското политичко движење така што ниту безначајна идејно-филозофска аберација била дозволива во социјално-политичката борба и особено пред Втората светска војна.

Својот одговор на нападите за ставовите во книжевната левица Мирослав Крлежа го дава во „Печат“ 8-9, 1939 година насловувајќи го „Дијалектички антибарбарус“ при што, поради тесноградоста во прифаќањето на социјалистичкиот реализам, носителите Рад(ован) Зоговиќ, Ј(ован) Поповиќ и Мил(ован) Ѓилас на сфаќањата ги насловува како сфаќањата на „трите овна“.