Јованка КЕПЕСКА

Ослободувањето на Македонија настанува како резултат на народно ослободителната борба на македонски народ, предводен од КПМ. Оттаму, за македонскиот народ, како израз на борбата да создаде сопствената држава, определбите за државноста од Првото заседание на АСНОМ, 1944 година, се суштествени.

Одредниците за државноста на македонскиот народ, следствено, се засновуваат врз македонска научна мисла и врз политичката пролегомена на патот за национално ослободување на македонскиот народ.

Со донесените пет решенија и другите одлуки за македонската државност и за правците на нејзината изградба, АСНОМ ги изразува, токму, тежненијата на македонскиот народ за востановување на национална, македонска, држава, определувајќи ги и граѓанските права на нејзините припадници и односот кон народностите. Президиумот на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) се прогласува за врховно законодавно и извршно тело, за Влада на Македонија; Се заведува македонскиот јазик за службен јазик на државата; Се прогласува 2-ри август за државен празник на македонската држава.

Донесената Декларација за основните права на граѓаните во Македонија и поставениот однос спрема народностите кои живеат во државата го воспоставуваат граѓанскиот принцип на организација на државата како што е својствено на секоја национална држава, како политичка заедница, да биде конституирана врз односот на граѓанинот со државата.

Така што, АСНОМ, со донесените решенија, Македонија ја означува како македонска национална држава која е граѓанска по својата организација.
Основите на македонската држава како и задачите што треба да се преземат за нивното остварување се поставени во рефератите, на Панко Брашнаров, на Првото заседание на АСНОМ, и на Емануел Чучков, на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Тоа е историскот момент кога во определувањето на конституентите на македонската држава учествуваат, врз широка народно ослободителна основа, голем број чинители. Само двајца претставници во АСНОМ се од Комунистичката партија на Македонија.

Она што го појаснува претпоставениот граѓански концепт на правата и слободите на луѓето со донесената Декларација за граѓански права на Првото заседание на АСНОМ, секако, е израз на сеуште опстојувачката, иако малосопственичка, приватна сопственост. А познати се и непосредните заложби на Методија Андонов Ченто во разговорите со Тито, на Вис, за опстојување на малата приватна сопственост во социјалистичкиот развој.
Впрочем, граѓанските определби во општествениот систем, какво што е опстојувањето на повеќе партискиот политички приод, се претставени и во непосредно постоечката граѓанско-комунистичка, на Демократска Федеративна Југославија. Што претставува преодна влада за да може полесно да се постигне меѓународно признавањето на државата.

Сепак, веќе, во самиот почеток од 1945 година, македонското општество забрзано ја отпочнува комунистичката трансформација што се одвива и со зајакната ценрализација на федералната држава. Така, образованието и културата се претпоставени врз социјалистичкиот карактер на општеството а граѓанските права се трансформирани во социјалистички права и слободи.

Денес, пренагласено се апострофира граѓанскиот карактер на македонската државност како единствена одредница. Но, за да не се остава простор за сомнение за извесна недореченост за односот што македонскиот народ го има со македонската нација а оттаму и со означувањето на карактерот на државноста, потребно е ослонувањето на определбите за македонската државност на Првото заседание на АСНОМ. Затоа што тие се определени при самиот историски момент на создавањето на македонската државност. Претпоставувајќи ги конституентите на македонската државност, воопшто.

А тоа се определбите дека македонската држава е создадена со оглед на историските заложби на македонскиот народ за создавањето на сопствена држава; оттаму дека таа е македонска држава; дека се изградува македонска култура при што, соответно на заедничкиот живот како претпоставка, опфатена е и културата на народите што живеат во Македонија и дека националните малцинства ги практикуваат своите етнички, поединечни и колективни права.