Јованка КЕПЕСКА

Власта не прифаќа становиштва и решенија од јавноста, од една страна, од друга, народот во својата апатичност не пружа отпор кон постапките на власта. Тоа се и двете страни што говорат дека во личниот, како и во општествениот, живот, опстојува тоталитарното минато.

И во пристапот што Бугарија го пројавува во односот кон Македонија, наметнувајќи ултимативни ставови во врска со отпочнувањето на нашите преговори со ЕУ и со оглед на поддршката на таквите ставови од  бугарската јавност се потврдува дека тоталитаризмот особено е присутен во тамошната стварност.

Кога трагаме за причините на таквата состојба се ослонуваме на ставот на германскиот аналитичар, со бугарско потекло, Илија Тројанов („Кучешки времиња“ – Лажната револуција во 1989-та“, 1989), во укажувањето дека соочувањето со епохата на тоталитаризмот во Бугарија не се случува затоа што тоталитарниот ситем ги интегрирал граѓаните на таков начин што сите станале виновни, и дека не може да се издвои мал слој одговорни, за несаканите општествени последици. Вклопувањето во системот се вршело со доделување на привилегии во домувањето, снабдувањето, одмори, претстоите и усовршувањата во странство и други, регулирани службено.

Истоветен процес на вклучување на населението во системот на тоталитарното владеење се случува и кај нас бидејќи партиите ја создаваат зависноста, доделувајќи работни места или други привилегии привлекувајќи гласачи.

Со оглед на таквата вклопеност на населението во системот не може да се очекува отпор против семоќното владеење и несправедливоста во државата.

Во Франција, оправдано се јавија термините како за договорена или за фиктивна, наместена, лажна, револуција за означување на процесот на справувањето со тоталитарното минато во поранешните социјалистички земји. Впрочем, како и можеше да се верува дека токму државните институции и општествени сили, што и го создадоа ‘рбетот‘ на стариот режим, да ја вршат промената, и да го урнат системот. Затоа што во сите поранешни социјалистички земји токму некогашната управувачка привилегирана врхушка на комунистичката држава, ги управуваше настаните на промените и трансформациите на политичките субјекти. И кај нас, промените се одвиваа преку институционални иницијативи и претставници така што, на пример, еднопартискиот систем во многупартиски се одвиваше како трансформација на постојните политички субјекти: на СКМ во СДСМ  и со помалку или повеќе регулирано создавање на нови политички субјекти.

Воопшто, карактеристично за тоталитаризмот е државата, толкувајќи го, да владее со животот на народот. На таков начин доминацијата и тероризирањето се врши и одвнатре и тоа врз секоја поединечна индивидуа и во секоја сфера на животот. При што „постојаното прогонување на секоја повисока форма на интелектуална активност од страна на новите лидери на масите, произлегува од нивната природна омраза кон сé она што не можат да го сфатат. Тоталната доминација не дозволува иницијатива во ниедна област на животот, на ниедна активност што не е сосема предвидлива“, вели Хана Арент во својата книга „Изворите на тоталитаризмот“.

Така што се уништува плуралитетот на луѓето и од многумина се прави Еден.

Тоа е причината што се создаваат осамени личности. Таквата осаменост, со изолацијата во политичката сфера и воопшто во сферата на општествените односи и едномислечкиот пристап, создавајќи антиопштествена ситуација, ја оневозможуваат човечката креативност и потврдувањето на идентитетот на човекот.

Ваквата состојба, карактеристична за тоталитаризмот, токму ја објаснува апатичноста и депресијата, изолираноста на индивидуата во нашата, македонска јавност. Како што истоветно се случува и во Бугарија со оглед на постигнатата хомогенизација во однос на негативниот однос кон Македонија.

Борбата со семоќниот противник, сепак, не е невозможна затоа што го негираат историските факти и од спротивставувањето на тоталитаризмот и во европски размери  иако има значајни отпори и во поранешните социјалистички земји какви што се настаните во Унгарија, 1956 година, Прашката пролет, 1968, и други. Во европските процеси за справување со тоталитаризмот во минатото Илија Тројанов покажува дека, на пример, потиснатите прашања за вината од војната воскреснаат дури во студентските демонстрации од 1968 година, во Германија. Па, прашањата за процесите во логорот „Мајданпек“ или за публикациите за ужасите на нацистичкото делење на правото или за детронизацијата на биографиите, како што беше таа на Филбингер, со едно поколение задоцнување, се пробудија како лична потреба на безброј луѓе додека германскиот Бундестаг, со педесетгодишно задоцнување, дури на 28 мај 1998, ги поништи сите неправедни пресуди на нацистичкиот режим. Во Франција јавноста беше принудена да се занимава позадлабочено со прашањето на колаборационистите дури по неколкуте скандалозни судски процеси.

Во македонското општество, исто така, можеби, и во скоро време, можат да се очекуваат промени.