Јованка КЕПЕСКА
Да одиме поконкретно на македонскиот јазик на генерациите наназад, и не првенствено од лингвистички, туку од социјален и од естетски приод. За убавината на македонскиот јазик, неговата мелодичност, веќе одамна кажа Круме Кепески. Но, она на што со посебно уживање можеме да се потсетиме и одново да се воодушевиме, е поширокиот изглед, богатство што нашиот јазик ги здобива во својот развој преку јазикот на претходните генерации. Моето конкретно доживување на овој јазик е со оглед на природните контакти кои ги доживував во родниот град Прилеп. Тоа е јазикот преку кој се одвиваа односите пред се во граѓанските фамилии и во рамките на интелигенцијата. Но, може да се претпостави дека со истоветни белези се красеше јазикот и во другите средишно македонски, градски средини.
Во Прилеп, граѓанскиот слој се создавал во 19 и во почетокот на 20 век. Корените се во занаетчиството и трговијата. Тоа биле економските делувања на прилепските фамилии.
Најстарите прилепски фамилии своите куќи ги изградиле околу црквата св. Богородица. Со нивната економска поткрепа црквата изникнува во сета своја величенственост и особено со иконостасот во длаборез, трет по значење во Македонија. Истовремено финансиската и друга поткрепа во управните одбори во училиштата и нивната организација од страна на веќе економски заможното граѓанство оставило значајни траги во развојот на школството и образованието. Тоа е градски слој во кој не само што економскиот раст е видлив, туку и дека се видливи претензиите за образување на младата генерација.
Тие биле што ги повикале во училиштата да работат сите македонски просветители: Димитар Миладинов, Кузман Шапкарев и Јордан Хаџи Константинов – Џинот. Паралелно се јавуваат и политички претензии, прво, за одбраната од гркоманското влијание во црквите покрај, второ, опстојувањето на приодот за самостојност во организацијата на образованието при црквените училишта, кога веќе самите финансиски ги одржуваат.
Иако моралот во основа е патријархален очигледно е дека продираат просветителските идеи за образование и за политички отпор на предоминации, пред се, во вероисповеста, но и за национално освестување.
Со оглед на социоекономските, политичките, културните идеи и остварените процеси, јасно е дека јазикот се градел и врз националните барања. Во јазикот се внесувале покрај професионалните и културните сознанија. Се разбира, јазикот бил израз и на моралните односи а тие и биле во надминување на патријархалните со продорот на просветителските идеи.
Тоа бил првенствено јазикот на интелигенцијата, а таа веќе се создава и од егзактните и од хуманистичките науки. Но, тоа е јазикот преку кој се додава угледот на поединецот општественото живеење што го создавал освен со постапките во однесувањето. Затоа што луѓето по јазикот што го употребуваат се разликуваат во општеството. Имено јазикот го покажува духовниот развој на поединецот.
Што севкупно ни говори дека јазикот ја следи општествената состојба. Се внесуваат просветеност и литерарност. Се следи форма на изразот, се обрнува внимание на кажаното. Кажаното ја искажува народносноста, но и световноста. Особено се внимава да не се наруши складноста со општествената околина како израз на моралните вредности. Покажувајќи напор да се надрасне во говорот постигнатото во народот во сите сфери на опстојувањето.
Тоа е јазикот на генерацијата од моите родители. Таа генерација говореше убав македонски јазик кој влезе во основата на литературниот јазик. Токму како македонски јазичен израз и израсната македонска форма. Какво пријатно чувство имаме и при денешните контакти со овој јазик или потоа со говорителите на подоцнежната генерација Македонци кои можеме сеуште да ги пресретнеме во нашиот живот. Да не споменувам поединечно, иако би ми било многу драго.
Мораме да земеме дека поместувањата во јазикот се сами по себе културни пројави иако јазикот и во овие периоди го искажува континуитетот во наследството од минатото, изградувајќи го притоа и како негова етапа.
Во повоениот период се создаваше еднакво прекрасен македонски јазик. Говорно и одново во широкото граѓанство. И покрај тоа што во општествено-политичкиот систем во повоениот период наметна, и во сите сфери на општественото живеење, административно – бирократски јазик. Јазик полн со апстрактни, испразнети од суштина, изрази (фрази) и загрозувајќи ја убавината на македонскиот јазик. А таквата опасност и, денес, не е сосема надмината. А, се чини дека во процесите на технизација, македонскиот јазик одново ќе има предизвици за својот израз.




