Јованка КЕПЕСКА
Широм светот се одвиваат разговори со најзначајните мислечки луѓе, филозофи, за да се дијагностицира што се случува во општеството како и за правецот на идниот развој. Дискусиите се одвиваат, главно, под името филозофски театар што со голема присутност се одвиваат на сцените на театрите во Лондон, Рим, Берлин, Копенхаген, Загреб, Белград и други градови. И под влијание и на теоретските рефлексии на современите француски мислители, Ж. Дерида, Р. Барт, Л. Алтисер и други. Условно речено, на страна на левицата.
Основната теза на мислечките луѓе е дека неуспехот во развојот произлегува од фактот дека светот го има завладеено прагматизам во кој отсуствува визија во дејствувањето.
Во времето кога капитализмот (се нарекува финансиски капитализам) ја искажува својата сеопшта нерационалност затоа што создавајќи ги богатствата не ги наменува за народот во конкретното општество а уште помалку за надминувањето на сиромаштијата во светски размери. Со неискористувањето капитализмот создадените богатства ги прави, на таков начин, употребени за ништо, расипнички.
Затоа што, денес, капитализмот не е како во времето на кејнзијанството кога создадените богатства се враќаа во населението за да се остварува потрошувачка која го обезбедуваше обртот на капиталот. А со тоа ги надминуваше и капиталистичките кризи. Како последици од ваквиот капитализам се јавуваат:
– Исчезнување на социјалната држава;
– Моралното пропаѓање на општеството ( според критиката на американскиот филозоф, Н. Чомски).
– Еколошки проблеми на земјината топка, особено затоплувањето;
– Се јавува новата утопија со Сајбер-умот што создава негативни последици по творештвото и културата и особено го нарушува меѓучовечкиот контакт;
– Се врши нерамномерна распределба на знаењетово во светски размери;
Затоа и според мислителите ако надвладее капитализмот со ваква суштина, за човекот и за светот ништо добро не им се пишува.
Консеквентно на пледирање на решавање на живеачката на човекот мислителите се заложуваат за конкретни чинови во развојот. Предлагаат поврзување на различните општества и држави во активности во кои се солидаризирале за подобрување на животот на човекот. Се заложуваат за комуникација и општа координација за да се остварат одделни добробити. При што е нужно да се препознаваат позитивните моменти во понудени конкретни програми што треба да се подржат.
Оттаму, во дискусијата на левичарите не се говори за радикална промена на капитализмот туку за облици на ангажмани кои и со светска координација би создале добробит за човет и општествата.
Се наведуваат издвоени случаи како, на пример, во Боливија, во времето на Луиз Арк, кој, имајќи го на ум постигнувањето на повисок стандард за секој човек, го подигна стандардот за повеќе од два пати. Тоа значи дека, ако нешто за што постои можност, може и да се оствари, ако се има поставено цел.
Речиси, унисоно, се одбива концепцијата за нација – држава, како држава на демосот,која е сéприсутна широм светот и која доведува до комплетна политизација и подржавување. Потребно да остане полето на слободната сфера на здружувања и активности, за да се изразуваат мислењата, корисни за развојот. Иако, некои (меѓу кои Славој Жижек, словенечки филозоф), кои се против целосната политизација, сепак, се заложуваат за опстојувањето на државата (како и според Хегел) која би се справила со несакани пројави во автономното дејствување на граѓанското општество каква што е, на пример, наци-фашистичкото групирање и дејствување.
Со оглед на последиците од пандемијата и застојот на економскиот и општествениот живот (комуникациите, културата, образованието) особено е значајна дијагнозата на актуелното живеење како негативна историја затоа што се јавува велепоседништвото како од времето на феудализмо и феудално располагање од страна на одредени структури што има тренд на апсолутна феудализација. Имено, дека компании и други институции на моќ приватно располагаат со сектори, сфери и пространства. Со што е нападната сета хуманистичка визија која ја донесе просветителството за демократија, граѓанските слободи права на поединецот.
Дефинитивно, причината за неуспешен развој во светот е, секако, отсуството на вистинската слобода на личноста која не само како за припадник на политичката заедница би можела да создава визиии за конкретно надминување на човековите проблеми и одговори на прашањата за патот како да се оди напред. Да споменеме дека, како и за еден од најзначајните филозофи, хрватскиот филозоф, Вања Сутлиќ, ако нешто се роди, тоа, секако, најпрво, ќе биде во мислата.