Страшо АНГЕЛОВСКИ

Денес, кога се разгоруваат страстите околу славењето на Светиот Трифун или Светиот Валентин, мора да се појаснат неколку работи за да знаеме за што станува збор.

Имено, денес, Свети Трифун припаѓа на источноправославните, а Свети Валентин на западнохристијанските Светии. Свети Трифун, според тоа, е еден од Светиите во кои веруваме и го славиме како припадници на Православието, а Свети Валентин, не како Светија, туку наметнат за славење како холивудски лик – мамка за потребите на потрошувачкото општество.

И Свети Трифун и Свети Валентин живееле во третиот век и правеле многу добрини и чуда. Дале се’ што имале, дури и себе си’, од љубов кон луѓето и кон Бога. И на двајцата им била отсечена главата со меч, по наредба од царот. И, обајцата се христијански маченици и христијански Светии, подоцна разделени еден од друг.

За волја на вистината, бидејќи нехристијанскиот начин на празнување на Светиот Валентин во дваесеттиот век достигнува до вулгарност и бесмисленост, католичката црква во 1969 година го избришала од календарот и, за да не се валка христијанскиот лик на светителот, таквиот празник повеќе не постои.

ШИЗМАТА КАКО ЕРЕС ВО ПОДЕЛБА НА СВЕТИИТЕ

Со шизмата од 1054 година имаме голем раскол кој го поделил Халкедонското христијанство на католицизам и православие помеѓу Рим и Цариград, кога Папата Лав IX и Патријархот Михаил I се разделуваат во Црквата и дури се екскомуницираат еден со друг и ги екскомуницираат и сопствените верници.

Всушност, станува збор за папското издвојување од Вистината, издвојување од правоверното исповедање на верата, а секое издвојување претставува ерес. Главна причина за ереста е учењето Филиокве, внесено од Франките во 809 година. Внатрешното издвојување во римокатоличката црква продолжува до ден денес, преку протестантизмот, калвинизмот, англиканизмот и уште стотици секти создадени во минативе векови.

Дури во шеесеттите години од минатиот век Папата Павле VI и Патријархот Атенагора ги повлекуваат меѓусебните декларации за екскомуникација, но поделбите на западното и источното христијанство, вклучително и нивните Светии, остануваат.

Во меѓувреме, во 755 година, од страна на Пипин Кусиот е втемелена државата Ватикан, со што, преку институционализирано посветовување, римокатоличката црква станува човекоцентрична организација. Папата почнува да се претставува како лидер на христијанскиот свет, како наследник на Петар и викар-претставник на Христа на земјата.

Па, Папата Пиј XI (1922-1939), во време кога државата Ватикан за првпат во нашава епоха беше призната од Мусолини во 1929 година, ќе рече дека “претставникот на Бога на земјата не може да биде послушен на земна држава“, заборавајќи дека токму Христос беше послушен на земната држава. Така, во моментов имаме две теократски држави во светот – Иран и Ватикан.

На крајот, за да разбереме како го чувствуваат папите  земниов свет, мора да го цитираме Папата Инокентиј III (1198-1216), кој вели “… како символ на светските блага ми ја даде круната, митрата за свештенството и круната за царството, та ме постави за претставник на Оној, на чија облека и бедра е напишано “Цар на царевите и Господар на господарите“. И, се’ додека господарите на Ватикан и проповедниците на верата што се’ повеќе им се ситни и раситнува, се замислуваат себе си како господари на светот, за жал, и верата и Светиите ќе се користат во политичките игри на западнохристијанските политичари.

КРСТОНОСНИТЕ ВОЈНИ – ВОЈНИ ПРОТИВ ИСТОЧНОТО ХРИСТИЈАНСТВО

Според историските факти, нетрпеливоста на западните народи спрема исламот била главната причина за започнување на крстоносните војни, во време и под покровителство на Папата Урбан II, кој прв ја претставил идејата за крстоносна војна кон Светата Земја, изрекувајќи ги зборовите “Бог тоа го сака“.

Но, многу скоро, наместо ослободувањето на Ерусалим, на површина избиле вистинските причини за крстоносните војни и нивните политички мотиви – освојување на Византија, како центар на источното христијанство и создавање свои независни кнежевства.

Византискиот император Алексиј се плашел од доаѓањето на крстоносците на неговата територија, бидејќи знаел дека тие брзо го нарушуваат договореното – “Тој се плашел од нивното однесување, бидејќи го познавал нивниот непостојан и променлив карактер и се’ друго што произлегувало од природата на Келтите“.

И навистина, почнувајќи од првата, во 1096, до четвртата крстоносна војна во 1204 година, крстоносците го ограбуваат, палат и пустошат, а на крајот и го завладуваат Цариград, седиштето на источното христијанство. Ограбиле и однеле со себе се’ што можело да се товари, па така само египетските пирамиди, мала дигресија, во време на сите нивни вековни грабежи, останале на своето место бидејќи не можеле да ги товарат.

За жал, она што денес се случува со кризата околу Украина, како да не’ враќа со векови наназад, во времето токму на крстоносните војни. Како повторно да заживува нечија желба да биде поставен “за претставник на Оној, на чија облека и бедра е напишано “Цар на царевите и Господар на господарите“, палејќи, ограбувајќи, пустошејќи и, на крајот, завладувајќи го новиот центар на православието – Русија. Безумието со кое Украина и украинскиот народ се туркаат во непосакувана војна како да ги навестуваат новите крстоносни походи, како оние на Наполеон и на Хитлер. Неуспешни, но катастрофални за светот и човештвото.

Во надеж дека никој нема да ги изговори зборовите “Бог тоа го сака“, како повик на војна изговорени пред речиси илјада години и дека Бог ќе им даде разум на залудените од желба за моќ и богатство, честит Празникот на Светиот маченик Трифун.

(авторот е претседател на МААК)