Во книгата на писателот Јован Павловски ,,Ние на Татковината и должиме се, Таа нам – ништо!“ во поглавието „Страдања (1913) сведочења од извештајот на Каргиевата комисија од 1913 година“, Мито Илиев, месар од Акангели, село во близина на Солун раскажува: ,,Бев таму кога пристигна грчката коњица-околу 400… беше 6 јули. Селото беше полно со бегалци од Кукушка околија, можеби имаше околу 3 000 луѓе. Командантот го побара кметот и го праша дали ќе се предаде и оружјето од селото. Ги донесовме пушките (главно стари мартинки) и ги натрупавме на една кола… Во меѓувреме војниците почнаа да барат пари од секого. Видов како еден млад човек, бегалец од друго село, го убија со меч, зошто немаше ништо. Ми кажаа дека едно петнаесетгодишно момче било убиено во близина. Потоа ги одделија луѓето (мажите) од Акангели, на број околу шеесет, и ги испратија во една шума која се вика Шалук. Ништо повеќе не се слушна за нив. Тогаш војниците почнаа да ги силуват жените. Слушав плачење преку цела ноќ… Ги видов двете снаи на Стојан Поповали силувани пред мене, на неколку чекори од мене, од страна на тројца војници.“
Теророт на македонското население од Егејска Македонија продолжи и во наредните години. Кулминација на страдањата достигна за време на диктатурата на Метаксис, од дваесетите до триесетите години од минатиот век. Во тој период почна масовниот принуден прогон на Македонците, околу 200 000, кон Америка, Австралија и Канада, но, и во новите средини продолжија да се чувствуват како Македонци и не го заборавија својот јазик, традиција и култура.
По Граѓанската војна во Грција од 1946-1949 година, се случи уште по масовна преселба на Македонското население од Егејска Македонија кои и денес се распрскани низ сите континенти. Еден добар дел засолниште најдовме во Република Македонија како наша заедничка татковина.
Досега не можев да поверувам дека во дваесет и првиот век, во сопствената држава, ќе продолжат да се сеат навреди и понижувања. Срамот и перверзијата ја испраќат министерот Никола Димитров и премиерот Зоран Заев, кои по Договорот од Преспа не можат да кажат на кој јазик зборуват нашите роднини кои останаа да живеат во Егејска Македонија-Грција!
Ако не знаат на кој јазик зборуват Македонците во Грција, во таков случај Заев и Димитров не знаат на каков јазик зборуваме и ние кои потекнуваме од Егејска Македонија! Јас го говорам јазикот со кои се служат сите мои роднини кои живеат во Грција и добро се разбираме. Во името на некаква селективна и специјална политика можно е да никнат нови поделби меѓу нас Македонците било каде и да живееме. Се прашувам зошто толкава омраза? Изјавите на Димитров и на Заев не се ништо друго освен омраза и понижување. И повторно се прашувам, зошто со таква леснотија сакаат да се навреди и избрише цел еден народ кој во својот опстои поминал низ сите можни голготи?
Ваквите непромислени изјави се анџар, не во грб, туку анџар во стомак кој доаѓа од дома, од наш министер и наш премиер. Заев вели дека не сака да ги повреди чувствата на нашиот јужен сосед Грција. Сите сакаме добри и пријателски односи, никој нема право да не почитува еден народ. Треба да се посочува и осудуват погрешните политики применети од лоши политичари. Ние кои потекнуваме од Егејска Македонија, пријателски односи посакуваме повеќе од било кој друг. Една од причините е во тоа што многумина од нашите блиски роднини заминаа од овој свет без можност да ги видат своите родни огништа кои со терор и присила беа принудени да ги напуштат. Никој не вели дека историјата, колку таа да е трагична, треба да ни го заматува умот и да мразиме се што е околу нас. Некои велат треба и простување. Простување да, но не и заборавање. Лесноумното заборавање отвора нови рани кои повеќе болат. Добрососедски и пријателски односи секако, но со взаемен и елементарен почит кон едните и другите.