Коле Манев
Како што одат работите, по се изгледа дека бродот на Зоран Заев почна да тоне. Познато е, кога нешто почнува да тоне, неизвесноста прва се јавува и носи и страв, па оттука природно е кај секој бродоломник да се јавува сетилото за спас и желбата да се дофати нешто од што во ваква неблагодарна состојба ќе се има некаква корист.
Во последните две недели се случи и продолжува да се случува невидено стампедо со вработување на блиски роднини од владината коалиција на сестри, татковци, мајки, браќа или баџанаци. Капетанот Заев вели дека тоа е лична работа на одговорност и етички морал на секој кој е влезен во ваквата игра, наводно убеден дека наскоро ваквата пракса ќе се расчисти. Некој го послушаа, но еден голем дел ,,мува не ги лазе,, како што вели господинот Тито Петковски и пораката на Заев како да не беше изречена и слушната. Тоа посебно е видливо кај членовите на ДУИ. Тоа покажува дека капетанот Заев не владее со персоналот од политичкиот брод. Во потрага по консенсуален кандидат за претседателските избори, Заев од петни жили во улога на капетан за спас на политичкиот брод се обидува да најде примерна личност која ќе ги обедини сите! И тоа тешко му оди. Кога оди кај Ахмети таму го нема Села, кога оди кај Села, таму го нема Ахмети, но го нема и Села.
На капетанот не му поаѓа од рака, бидејќи нема повеќе што да понуди, Се што беше за понуда го даде на едни и на други од што торбата му остана празна. Гледајќи како од малите пукнатини, на политичкиот брод влегува се повеќе вода, капетанот се решава за силен удар со токмакот. Дали е тоа случајно или е во дослух со обвинителството, не знам, но сведоци сме на свежи обвинувања и нови притвори, демек сега ќе ги видите вистинските ,,криминалци,, кои ги смислија и организираа настаните од 27 април! Меѓу нив и личности кои веќе беа во домашен притвор (сега определени за двоен притвор-домашен и тој другиот) Повеќе од очигледно е дека целта на ваквите потфати е да се влее страв меѓу граѓаните и забуна во опозицијата. Сите знаеме дека стравот е лош советник бидејќи тој се добива со насилство и непочитување на правниот систем. Затоа, тоа дури и кај нас повеќе не поминува затоа што насилствата раѓаат безредие и тотален хаос.
За тепањето на двајцата поранешни министри во затворот Шутка силни негативни пораки стасаа од многу прогресивни сили од Европската Унија. Заклучок – политичкиот брод на премиерот Зоран Заев почнува да тоне полека, но сигурно. Главниот удар ќе го добие на претседателските избори кога кандидатот Гордана Силјановска Давкова ќе стане нов претседател на Република Македонија. И време е, по што државата ќе почне да плови по мирни и правни хоризонти.