Коле Манев

Секогаш кога ќе се видиме со пријателот и колега Пиер, така го именувам  по нашето долгорочно дружење, навистина покрај разговорите од ликовната дејност, ни одат и знаеме да отвориме теми од други области. Така се случи и кога се најдовме при посета на една изложба. Додека ги разгледувавме делата од изложбата колегата тивко ме запраша:

-Знаеш ли што изјави претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, по повод Националниот празник 25 Март?

-Не знам – му одговорив.

– Штом не знаеш, јас ќе ти кажам – продолжи колегата. – Павлопулос се обрати до нацијата и  меѓу другото рече: „Грција е фактор за стабилноста и безбедноста на Балканот и целосно ги почитува европското и меѓународното право. Северна Македонија треба што поскоро да се ослободи од сите иредентистички белези и целосна да го имплементира Договорот од Преспа, во спротивно ќе биде блокирана во нејзиниот европски пат! Сега дали ти е јасно – ме запраша пријателот.

-Павлопулос има искажано многу по остри критики кон нас, не те разбирам што треба да  ми биде јасно – зачудено го запрашав?

–Како не разбираш што треба да ти биде јасно! Нашиот Никола Димитров, министер за надворешни работи, не смееше да каже каков јазик зборуваат Македонците во Егејот или во Северна Грција, ако така милуваш, не можеше и не смееше да каже дека Македонците во Грција зборуват македонски јазик. Ако такво нешто кажеше, тоа Павлопулос ќе го наречеше иредентизам и поради тоа се заканува со блокада. Истото го направи и портпаролот на Владата Миле Бошнаковски кога рече дека „постои одредена категорија луѓе во Република Грција која не зборува на грчки јазик и која говори друг јазик. Но, ние не сме тие што ќе определуваме кој на каков јазик зборува“. Тоа ќе биде мешање во внатрешните работи на друга држава. Ако и Миле речеше македонски и тоа ќе беше иредентизам, затоа и Никола и Миле си ставија фластер на муцките за да го одбегнат замислениот иредентизмот и не можат и не смеат да зуцнат ниту за Македонци, ниту за македонскиот јазик, не смеат да проговорат за ништо, ама баш за ништо. Ќе си молчат како покиснати мачки благодарение на ,,прекрасниот“ Договор од Нивици со кој се сметаат за победници. Но, никако не можат да го видат сопствениот пораз. Со овој договор се доведоа во состојба да не смеат да кажат на кој јазик говорат нашите роднини во Грција, бидејки ако тоа го направат, веднаш ќе добијат лепенка на ирендетизам од Павлопулос или од некој друг политичар од Грција – ми вели Пиер.

По кратка пауза во разговорот, продолживме да ги разгледуваме сликите од ликовниот простор.

–Да те прашам уште нешто – изусти колегата. – Роден си во село Бапчор, сега тоа носи друго име – Пименикон – што на грчки јазик означува високо место. Ако утре, или еден ден, решиш да направиш изложба, според Договорот од Преспа твоето родно место не е Бапчор туку Пименикон. Ако во каталогот напишеш Бапчор, ако по некоја случајност тоа дојде до ушите на Заев, Димитров или на Миле, ако некои од нив го информира министерот за внатрешни, тој може, повторно според Договорот од Преспа, да дојде да го види каталогот и да заклучи дека во твојот каталог има знаци на ирендетизам. Богами можеш да завршиш и во притвор.

По ваквиот тежок збор ,,притвор“, колегата почна тивко но слатко да се смее по што излеговме од изложбата. Одејќи кон центарот на градот колегата продолжи да се смее.

–Зошто се смееш, тоа може и тебе да те снајде – му дофрлив.

–Пријателе, роден сум во Централна Азија, во Узбекистан, во Ташкент, токму затоа мене такво нешто не може да ми се случи. Ќе ме извиниш што се пошегував со тебе, кога ти реков дека може да се најдеш во притвор. Затоа и се смеам. Шегата настрана. Гледаш во какви небулози не ставија овие копуци од политичари. Да немаш право да кажеш каде си роден или на кој јазик зборуваш, а Павлопулос сака да не убеди дека Грција целосно ги почитува основните човекови права. Беда пријателе, тешка беда и голем срам. За возврат на мојата шега, сега ќе те носам во едно ресторанче ќе честам по една шкембе чорба. Бива пријателе?