Коле Манев

 

Тој ден небото беше чисто. Сонцето бликаше од топлина и светлина, убавото време ме предизвика решив да прошетам низ градот. Одејќи низ улица Македонија некој ме потчукна по рамото и ме праша:

– Пријателе, кон каде си тргнал?

– Кон никаде и кон секаде, како што гледаш времето е убаво и решив да прошетам низ градот попат да се напијам едно капучино – му возвратив.

– Ако немаш ништо против, јас ќе платам капучино и тоа токму во ова кафеанче. Сакам да поразговарам со тебе, впрочем муабетот обично ни оди, а темата е значајна.

Седнавме, порачавме две капучина.

-Директно ќе влезам во темата. Имам пријател кој е убеден дека е видовит, во смисла дека може да предвиди настани кои допрва ќе се случат – вели пријателот.

Се насмеав.

– Твојата значајна тема да не е колаж од вицеви?

– Не – ми рече. – Пред некој ден еве што ми раскажа видовитиот пријател. Бидејќи следат претседателски избори, тој е убеден дека во првиот круг двете страни, позиција и опозиција, ќе ги соберат сите нивни сили и ќе гласат за нивниот кандидат.

– Што има тука чудно? Сите знаеме дека секоја од страните ќе гласа за нивниот кандидат, не гледам тука никаква видовитост!

– Имај трпение, не е во прашање првиот круг. Тезата на мојот пријател е дека нештата ќе се свртат наопаку во вториот круг. Ако власта има лош резултат во првиот круг, во вториот ќе повика на бојкот. Знаеме дека Зоран Заев е префриган тип. Тој може да рече дека не ги признава резултатите од првиот круг, ќе повика на бојкот и ако во вториот нема цензус, Талат Џафери ќе стане нов претседател на државата. И Талат го знаеме, тој може да ги одложува претседателските избори до немајкаде, и година или две ќе биде скриениот или потајниот ,,консенсуален“ претседател на државата. Капираш?

– Искрено не капирам, зошто не го праша твојот видовит пријател, во таков случај што со Стево Пендаровски? – прашав.

– Пендаровски е одбран за кандидат по вторпат. Првиот пат загуби од Ѓорѓе Иванов, па ако загуби уште еднаш од Талат нема да му биде многу тешко. Тој е научен да губи, се навикнал, капираш?

– Ти реков не капирам. Да те прашам нешто – му реков. – Му веруваш на твојот видовит пријател во тоа што го кажува?

– Во почетокот му верував по малку. Во последната негова видовитост воопшто не му верувам, но сепак мислам дека меѓу редови сака да каже и нешто друго – ми одговори.

Дискретно ми спомена дека секој бојкот може да биде катастрофален, во смисла дека и некои од редовите на опозицијата преферираат бојкот. Нели е тоа опасно?

-Секако дека е опасно, видовитиот не ти кажа за кого ќе гласа или и тој ќе бојкотира?

– Такви работи не кажува, но знам дека кога слуша за бојкот, добива мигрена. Друго беше бојкотот за референдумот мислам, дека и тој не гласаше на референдумот, но сега како да крие нешто – ми одговори.

– Пријателе – реков. – Ќе ти кажам нешто. Батали го твојот видовит месија или пророк. На овие претседателски избори треба сите да излеземе и да гласаме за тој кандидат за кој мислиме дека ќе направи нешто добро за државата и за нас граѓаните. Мене преку глава ми е од малверзации и нечесни комбинаторики. Ти прави како знаеш и умееш, јас ќе гласам за Гордана Силјановска–Давкова. Со неа работите е чисти. Овие кои се од редовите на опозицијата и промовираат бојкот мислам дека се ветер и магла. Гледав еден таков во една емисија ми делуваше како да го загубил умот. Ти, со кој ум си?

На тоа пријателот ми го кажа следното:

„Заборавив да ти кажам што уште ми спомена видовитиот. Тој мисли дека уште во првиот круг треба да се решат изборите, со победа на кандидатот жена за претседател на државата. Ќе го следам твојот пример, мислам и видовитиот ќе го направи истото, се друго ми делува сомнително.“