Илија Мајсторов
Деновиве, по намалувањето на бројките од Ковид 19, пак нови бројки кои не се охрабрувачки. Се пластат списоци од Билтенот на Министерството, поточно од Институтот за јавно здравје. Ако така продолжи, а нема на повидок посебна причина за искоренување на вирусот, не треба многу мудрост да се заклучи дека со вакцинирањето тотално сме заглавени помеѓу немоќта на властодршците и апсурдноста на односот на Европската унија.
Та зар нема доволно аргументи, по не знам кој пат, да заклучиме дека ЕУ себично се однесува, а властите се не само загубени, туку длабоко заталкани во немоќта. Дури и помпезно најавија „фантастични“ исколеничени 5.000 вакцини, а, сепак, не добиени. Па, од немајкаде, се вртиме за помош кон југ, кон чуварите на нашето небо. Наводно и тие сакале да помогнат, замислете си, дури со 8.000 вакцини! Тоа ќе рече, за да се вакцинира 60% од населението ни требаат два пати по 1.200.000 вакцини. Каков апсурд, каква бесмисленост, народе мој!
Невини, чисти души(чки), главно, возрасни, се наоѓаат во невидена неволја, во амбис. Како и не би, кога по мрачни периоди во животот, по тешки години на транзиции и слични премрежја – дошле до пензија. Некои со крвава заработка за својот обезвреднет труд со работа во смени, други во тешка индустрија, трети во загушливи килимарници – ткајачници, во повеќесменски тортури на организмот. Ги прашува ли некој овие страдалници, дали некој ги посетува во вакви тешки околности!? Оставени да се снаоѓаат како знаат и умеат во оваа пандемиска наезда, под смртоносна закана на „Ковид 19“, со задолжителна маска, уфф… што убаво се дишеее!? Да се изнадишеш до мила волја. А и со парацетамол(и), витамин(и) Ц, магнезиум, Д витамин(и) и разни други потребни, но и непротребни хемикалии, во трка со околината и со болното време, но и со самите себе. Борба е тоа. Се бориш, а исходот!?
Е, тоа! За исходот се плашам! Освен семејството никој друг не го интересира. Имено, бројките се менуваат, (од „ветените“ 2.000 стигнавме речиси до 100.000), а до вчера бевме етаблирани како 10-ти во Европа, според смртноста. Повеќе од сигурно е дека табелата не се менува преку ноќ. Дури и да сме подобрени… А што со грешките од претходниот период? Како понатаму?! Имаме ли одговор на прашањето!?
Високо котираниот проф. д-р Вело Марковски од Штипскиот универзитет кој е често повикуван и во странски емисии, а негови писанија се објавувани во светски признати списанија, малку или воопшто не се користат кај нас. Дали е доволно властите папагалски да повторуваат дека признале грешка? Властодршци, бре, масовно се умира!? Што дека короната се намалила кога не запира?! Короната е невидлив ѕвер, што голта луѓе! А вакцини… чекаме некој да ни се смилува за да ни дојдат. Дури и неподготвени сме да ги прифатиме!
Еден мој секојдневен пријател милозвучно ме прашува: – Брат, дали воопшто ќе дојдеме до вакцина? А, ако дојдеме, кога!?
Што да му одговорам, а да не излажам? Да му потшепнам, (да не ме чуе некој), да бидеме спокојни и безгрижни? Дали е тоа возможно?
Деновиве случајно ми дојде во рака книгата „Најголемиот човек кој некогаш живееше“ (се однесува на Исус Христос.) Величејќи го Исус историчарот Х. Г. Веле, вели дека големината на човекот се проценува по тоа што ќе остави зад себе. Тоа подразбира да расте и да се развива, а притоа да ги мотивира и другите во насоки и сила што ќе траат и по него.
Но, мене воопшто не ми е јасно – нашиве властодршци што оставаат зад себе?! Дали ќе имаме подобро здравје, побезбеден живот, економски подем, продуктивност и продукција, со што, како крајна инстанца, би требало да резултира со подобар стандард. Далеку ли сме од тоа!? А сепак, близу сме, поточно, препознатливи по нешто:
Додека воведуваме иновации во школството со цел да си ја девалвираме историјата како наука, срамејќи се од славната историја на нашите предци, ни отидоа толку многу луѓе што си ги познававме;
Занемаруваме анализи од авторитетни, компетентни и посветени личности од универзитетската фела, кои не можат да ги разубедат господата од власта дека никаде, ама баш никаде, никој не го турка образованието во ќорсокак, освен, се разбира, ние во Македонија;
Исто така, белиот свет не познава самосквернавење на идентитет, на значајни личности и дела. Непоимливо е како може, низ најразлични облици, да се замаглува националното и државно опстојување;
Занемарување на фактот дека нашата ни мила Македонија, (денес толку често споменувана како нова држава, иако таа е од стара постара), а со векови уништувана за да се сотре тој, толку моќен македонски род. (Во времето на Римската империја и владеењето на Рим, историјата набележала дури десет македонски кралеви!)
Што дека кога денес, во цивилизираниот 21 век, ја поттурнаа унитарноста на државата, а еве сега и со пописот со повеќе договори, преговори, уставни измени и промени, ја докрајчуваат. А на овој народ не му треба многу, освен малку искреност и верба, надеж и внимание, сомодоверба и почит.
(Авторот е дипломиран економист)